Светско првенство во Формула 1-ЌЕ БИДЕ ГУСТО: РЕД БУЛ ИМАШЕ ПОДОБРИ ТЕСТИРАЊА ОД МЕРЦЕДЕС

06/04/2021

ИАКО ЗИМСКИТЕ ТЕСТИРАЊА ЧЕСТО СЕ ЗЕМААТ ЗА РЕПЕР ВО РАСПОРЕДОТ НА СИЛИТЕ, МНОГУ ПАТИ СЕ ПОКАЖАЛО ДЕКА ТИМОВИТЕ НЕ СЕКОГАШ ГИ ИМААТ НА РАСПОЛАГАЊЕ ОНИЕ ВЕРЗИИ СО КОИ ШТО ПОДОЦНА ЌЕ СЕ НАТПРЕВАРУВААТ, ПОРАДИ ШТО НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРАВАТ СЕНЗАЦИИ.

Во овој случај, она што го истакнува Ред Бул како солиден тим на тестовите, беше потврдено и од самата екипа, а воедно и Мерцедес имаше медиумски изјави дека навистина тие ја немале нивната брзина. Но, да почнеме од почеток: поради откажувањата на трката во Мелбурн, тестирањата во Бахреин од 12 до 14 март дојдоа мошне доцна. Од една страна, тоа им конвенираше на сите бидејќи можеа без брзање да се подготват за тестот, но од друга страна тоа би значело и дека ако сега се зафатат со работа за корекција на грешките, ќе одмине поголем дел од сезоната.

Мерцедес беше меѓу првите кои го заврши болидот, го претстави на јавноста, но истовремено техничкиот директор Џејмс Елисон соопшти дека вистинскиот заден дел на болидот ќе го открие на тестирањата. Се очекува дека сите тимови ќе загубат околу 10% од придобивките на аеродинамиката поради ревидираните правила за подот на болидоте во 2021 година.

– Таа секција е најпогодена од новите правила. Тие се обидоа да ни одземат перформанси од болидот, а сега таму има едно чудо аеродинамички детали кои не сме подготвени да ги покажеме на светот. Не бидејќи тие не се таму, туку затоа што ние не сакаме нашите конкуренти да ги видат. Не сакаме да почнат да тестираат слични работи во нивните воздушни тунели. Тоа ни носи неколку дополнителни седмици,- рече Елисон при промоцијата.

Откако тестирањата завршија, од кампот на „сребрените стрели“ се слушнаа различни коментари, но фактите укажуваат дека тие минаа многу помала километража од вообичаено, бидејќи воедно се соочија со дефекти. И двајцата возачи пријавија дека и покрај новите аеродинамички решенија, задниот дел на болидот не е доволно стабилен.

– Нашиот болид имаше полоша управливост од оној на Ред Бул кој се чинеше стабилен, особено во последниот сектор од патеката. Мислам дека тоа е фер коментар, нешто што можеше да се види и однадвор, а се рефлектираше и на времињата,- изјави Џејмс Воулес, инженер кој е задолжен за стратегијата во Мерцедес.

Тој посочи дека имаат кумулирани податоци од тестирањата и соодветно на тоа ќе пробаат да разберат што точно го предизвикало тоа. Меѓу другото, присуството на песок на патеката и силните ветришта, имале свое влијание.

– Задните (погонските) пневматици покажуваат тендеција релативно лесно да се прегреат на оваа патека, по што почнува пролизгување и губење на контактот со подлогата. Кога ветерот е зад болидот, тоа е зафркнато бидејќи се губи воздушниот потисок. Но, нашите ривали не страдаа на идентичен начин како и ние, па мораме да ги разбереме слабостите на задниот дел од нашиот болид,- вели Ендрју Шовлин, инженер во Мерцедес кој е надлежен за операции на патеката.

Истиот инженер во друга изјава појасни дека имале напредок со предвидливоста на болидот при полн резервоар, но дека ќе мора да поработат на тоа прашање. Луис Хамилтон од своја страна коментираше дека ривалите „изгледаат добри“ и дека очекува поинакви битки со нивните возачи. – Ред Бул ќе биде поинакво „животно“, мислам дека имаат навистина силна возачка двојка и навистина добар болид. Откако видовме дека победија на последната трка во Абу Даби, можеме да претпоставиме дека тие од стартот ќе се обидат да бидат на врвот. Очекувам да имаме долга и величенствена битка со нив во текот на годината,- коментираше актуелниот светски првак. – Јас не трошам време во грижи, тоа ве одвлекува од наоѓање на решението. Дури мислам и дека е подобро кога не оди како подмачкано на тестирањата, за да се случи обратното во трка. Ова е перфектно време за нас да ги идентификуваме проблемите и да ги надминеме. Ние сме шампионски тим, мора да ги наведнеме главите и да покажеме дека можеме да се фокусираме на работата. Но, импресивно е она што го покажуваат другите. Ред Бул е особено силен, но исто така и Мекларен и Рено (Алпин). Возбуден сум, тоа значи повеќе возбуда! Наспроти ова, Валтери Ботас беше пореалистичен во своите објаснувања, иако на вториот од трите дена имаше најдобро време со најмеките гуми.

– Беше поветровито отколку кога ги возиме трките подоцна во текот на годината. Но, сепак еден од најголемите проблеми ни е задниот дел. Мошне е нестабилен и не простува. Заедно со новите пневматици кои се сензитивни на пролизгување, прави да не биде лесно. Се обидуваме да го смириме болидот и на тој начин да добиеме во перформанси,- објасни Финецот.

Од друга страна, не смее да се занемари фактот дека Ред Бул и Макс Ферстапен го поставија најбрзото време на тестирањето со смесата које е втора најмека (Ц4), за разлика од најблиските конкуренти како Цуно- да, Раиконен и Саинц, кои беа на најмеката смеса (Ц5). Последното време што Ферстапен го постави на 14 март беше 1:28.960 и далеку по една секунда од оние на возачите на Мерцедес. Тоа доведе до изјави од Ферстапен дека ова биле неговите најдобри тестирања откако е во екипата на Ред Бул, а со таквата констатација од своја страна се сложи и „сивата еминенција“ од тимот, Д-р Хелмут Марко.

– Ова секако беше најдобар тест откако Ред Бул започна да постои. Сè си работеше од самиот почеток. Знаеме дека Мерцедес е фаворит и претпоставувам дека тие возеа со многу повеќе гориво отколку што имавме ние. Фактот што тие не користат количини на гориво како останатите покажува дека имаат голема самодоверба. Затоа претпоставуваме дека имаат уште нешто „во ракавот“. Тие се фаворити, а ние сме први предизвикувачи, јас така гледам на ситуацијата. Потоа ќе следи голема борба за останатите позиции. Очекувам Мекларен да се издвои, но не и да биде на исто ниво со нас и Мерцедес,- рече Марко за телевизиската станица „РТЛ“.

Оние кои би можеле да се наречат „неутрални“ или во случајов возачи од други екипи, силно веруваат дека Мерцедес има капацитет да се корегира и да не дозволи Ред Бул да ја освои титулата во доминантен стил. Така, четирикратниот светски првак Себастијан Фетел е еден од возачите кој не се стеснуваше да го прогнозира распоредот на силите меѓу екипите и возачите по првиот и единствениот претсезонски тест.

– Би било фер да се рече дека и Мерцедес немаше чудесна километража како што имаа минатите години. Но, од друга страна, очекувам да бидат во ред за првата трка. Ред Бул го прави тоа што треба да го прави, ги предизвикува. Очекувам дека ќе биде дуел на Ред Бул и Мерцедес,- рече Фетел, кој направи трансфер од Ферари во Астон Мартин.

Слично како Фетел размислува и возачот на Вилијамс, Џорџ Расел, кој лани на една трка го замени Хамилтон додека беше отсутен поради Ковид-19.

– Не ги следев дечките од врвот, но ги прашав како им оди. Тие се Мерцедес, ќе бидат добри. Сигурен сум во тоа,- додаде Расел. Првата трка се вози за Големата награда на Бахреин на 28 март.

 

Серхио Перез има поекстремен стил на возење од Фетел!

Техничкиот директор на Астон Мартин, Ендрју Грин, изнесе неочекуван податок во јавноста, укажувајќи дека нивинот претходен возач Серхио Перез имал поекстремен стил на возење од четирикрарниот светски првак Себастијан Фетел. Германецот оваа зима му се приклучи на Астон Мартин, откако помина неколку неуспешни сезони во Ферари.

– Фетел има свој личен возачки стил, но тој не е нешто поразличен од она што сум го видел кај другите возачи. Би рекол дека не е екстремен како оној на возачот што го заменува. Перез имаше мошне екстремен возачки стил кој беше тешко да се среди на сите патеки. Ќе блеснеше на извесни патеки, но не и на други. Мислам дека стилот на Себ е далеку помалку екстремен, а ние имаме алатки и капацитети за да го наштелуваме болидот за да му одговара,- изјави Грин.

Тој дополни дека веќе почнале да работат на тоа бидејќи целиот претходен месец го користеле тимскиот симулатор, како и дека Фетел бил задоволен од насоките што ги заземале.

 

Фетел објасни: Астон Мартин сака да биде блиску до Мерцедес!

Британскиот „Аутоспорт“ пренесе коментар на Фетел за болидите кои се приспособени на новите правила, при што укажува дека возачите ќе имаат проблеми со подуправливост.

– Мислам дека целиот заден дел е малку „лизнат од рака“. Ако ги погледнете болидите кои ги возев додека бев во Ред Бул, или на почеток кога преминав во Ферари, секогаш задниот дел бил помалку нервозен, и тоа е во ред. Мислам дека оваа промена не ме прави поранлив од другите, но не сакам кога болидот покажува знаци на подуправливост. Со пре- управливоста човек може да направи разни нешта, додека во овој случај „рацете ти се врзани“. Преферирам кога болидот е полабав, тоа навистина помага за да го ротираш. Ако е премногу лабав, тогаш е бавен, а тоа никој не го сака. Но, целата таа филозофија е интересна. Звучи поинаку. Се надевам дека ќе ми оди во прилог, ќе видиме.

Оптимизмот на Фетел е присутен и во другите изјави, каде што вели дека Астон Мартин може да стане тим што ќе се бори за титулата во следните три до пет години, потпирајќи се на партнерството со Мерцедес, кој е основата на таа верба, и кој би им дозволил да го победат доколку „завршат подобра работа од нив“.

– Ако сме блиску, навистина блиску до Мерцедес, тоа е големо постигнување,- најави Фетел.

 

Мекларен има уникатно техничко решение за дифузерот

Согласно правилата за 2021 година, дифузерот кој се наоѓа на задниот дел од болидот има смалени димензии, при што неговата висина е снижена за 50 милиметри. Според виденото на тестирањата во Бахреин, англискиот тим има уникатно решение со кое го продолжил централното поле на подот од болидот, кое не е ограничено со правилата. На тој начин, перките се поставени повисоки и се подлабоки.

– Тоа е нормална дизајнерска идеја и изненаден сум дека можеби сме единствените кои го имаат тоа. Тоа е само едно нешто од повеќето кои се променети во таа област. Постојат правила за таканаречена континуирана површина од двете страни на централната линија. Најдобро тоа се гледа со софтвер во три димензии, без него тешко би се докажало. Секој од тие делови од алуминиум или јаглерод е своевиден генератор на вител, но сите заедно се под едно правило за континуирана површина. И тоа е тоа,- вели Џејмс Ки, технички директор на Мекларен, во одбрана на концептот. Според него, благодарение на компјутерскиот софтвер за флуидна динамика, ваквите решенија можат да бидат виртуелно тестирани за една седмица откако ќе се добие некоја идеја, или откако ќе бидат забележани на друг болид. Доколку го сфатат и решат да го аплицираат на својот болид ќе треба дизајнерски да го прилагодат, а потоа и да го тестираат во воздушен тунел, што е, исто така, можно во период од две до три седмици. Натамошната изработка на деловите од специфичните материјали може да одземе од три до пет седмици, но според него, откако инженерите си ја завршиле својата работа, тоа прашање е затворено.

– Верувам дека кога ќе дојдеме во Бахреин за првата трка, во период по две седмици, веќе нема да се зборува за нас и за нашето техничко решение. Кредитот за него им припаѓа на момците од аеродинамичкиот оддел кои работеа на задниот дел и сфатија дека новите правила им даваат таква можност

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ