Светско првенство во Формула 1-ИСТОРИЈАТА СЕ (ПРЕ)ПИШУВА

12/05/2025

ПОМИНА ТОЧНО ЕДНА ГОДИНА ОД ТРКАТА ВО МАЈАМИ, КОГА ЛАНДО НОРИС СО ПОБЕДА ГО НАЈАВИ ВОЗДИГНУВАЊЕТО НА МЕКЛАРЕН, ЗА ОВАА ГОДИНА ВОЗАЧИТЕ НА „ПАПАЈА“-БОЛИДИТЕ ВО МАЈАМИ ДА ОСТВАРАТ „ЕДЕН-ДВА“ ПОБЕДИ И ВО СПРИНТОТ И ВО ГЛАВНАТА ТРКА!

 

Ред Бул предизвика сензација со освојување на пол позицијата за главнтата трка, откако претходно и во спринт трката Антонели „го украде шоуто“ во квалификаците. Но, во двата случаи, возачите на Мекларен сепак стигнаа до „еден-два“ победи, со таа разлика што на спринт трката Норис беше пред австралискиот возач со полско потекло, Оскар Пјастри.

Статистичарите посочија факт: трката во Мајами никогаш не била освоена од возач кој стартувал во првиот ред. Расплетот на годинешното гран при ја повтори оваа „традиција“.

Ако во спринт трката главно одбележје беше влажната патека на која Луис Хамилтон успеа да се снајде и да стигне до третото место, во главната трка како веќе видено сценарио Ферстапен „го насанка“ Норис кој падна на шесто место, па на тој начин Пјастри кој појде од четвртото место – се етаблираше како прв ривал на актуелниот шампион, при што го престигна и почна да прави предност, која не беше загрозена до крајот на трката.

 

– Забележав победа што ја посакував. Претходниот ден беше „зафркнат“ и имавме спринт трка каква што имавме, по што следеа квалификациите за главната трка кои беа едни од најтешките сезонава. Победата е импресивен резултат, очигледно имаше мешаница на стартот, но имавме добра брзина во трката, нашиот болид беше неверојатен денеска,- рече Пјастри веднаш по финишот во Мајами.
Одговарајќи на прашањата од модераторот (поранешниот светски првак – Џенсон Батон), возачот на Мекларен посочи дека најдоброто од него дошло на почетокот.

– Првата делница беше навистина, навистина силна. Потоа дојде време да се вози со тврдите пневматици и искрено, имав мали проблеми. Беше добро тоа што направив предност во првиот дел. Кон крајот на трката повторно чувствував дека нештата ми се под контрола. Дефинитивно има на што да работиме и по оваа трка, но сега сум среќен за победата, среќен за освоените поени, но продолжувам да учам. Пресреќен сум што заминувам од Мајами на врвот! Пред две години тука бевме заобиколени за цел круг, а сега победивме со 35 секунди предност во однос на другите болиди. Ова е неверојатен резултат и плод на напорната работа на целиот тим, првенствено на оние на патеката, но и на оние во фабриката.

 

Оскар Пјастри веќе има четири победи во првите шест трки, при што последните три на главните трки се во низа. Такво нешто возач на Мекларен нема постигнато од 1998 година, при што де факто првата победа на Мика Хакинен се случи во Херез 1997 година, за подоцна да додаде уште две други на стартот од 1998 година. Дека резултатите на младиот возач не се случајни, докажува и податокот дека тој веќе има низа од 32 трки со освојување поени во континуитет, што го поставува на 4 место од „вечната листа“.

Од повлекувањето на Хакинен во 2001 година, единствените светли моменти на Мекларен беа оние во 2007 и 2008 година, кога Алонсо и Хамилтон го подигнаа тимот, кој потоа беше казнет за шпионажа и му беa одземени бодовите во конкуренција на конструкторите, а со тоа и титулата (2007). Оттука, од 2010 наваму, Мекларен може да се пофали само со четири „еден-два“ победи, заклучно со главната трка во Мајами.

Актуелниот шампион Макс Ферстапен беше најжестокиот конкурент на возачите на Мекларен, стартувајќи од првиот ред и користејќи ги сите трикови што ги знае за да ги задржи ривалите зад себе. Сепак, тоа доведе до негови проблеми со сопирачките во вториот дел од трката, поради што на крајот заврши на 4 место. Ова е првпат тој да не е на подиумот во Мајами, а трет пат оваа сезона да нема пласман меѓу првите тројца.

Сепак, тимот одлучи да побара од стјуардите проверка на третопласираниот Џорџ Расел, затоа што според Ферстапен, во моментите кога имало развеани жолти знамиња, Британецот не ја намалил брзината како што наложуваат правилата. Стјуардите го отфрлија тоа, известувајќи ја јавноста дека „евидентно од снимката на камерата, како и од телеметријата, болидот со реден број 63 го пуштил педалот за гас кога минувал низ зоната“, како и дека „бил значително побавен отколку во тркачки услови, иако апсолутната брзина била зголемена при поминувањето на зоната“.

 

Ваквата ситуација предизвика и малку зафрканции на сметка на Ферстапен, па така Ландо Норис си зема слобода да го критикува четирикратниот шампион.

– Тој навистина се бори жестоко. Но, тоа е до него, си ја упропасти сопствената трка. Не е умно така да се тркаш,- прокоментира Британецот.
За својот дуел со него, како и со „бркањето“ на Пјастри, Норис додаде дека тоа било најдоброто што можел да го извади.

– Откако дојдов на второто место имаше уште 25 до 30 круга од трката. Престанав да притискам некаде во последните 4-5 круга, а разликата падна од 10 на 4 или 3 секунди. Направив сѐ што можев. Се обидував целата трка, сè до крајот, имав верба, но и Оскар возеше. Можеш лесно да го стигнеш, но секако ќе биде невозможно, сепак се обидов. Речиси го стигнав, но немаше повеќе кругови од трката,- изјави Норис.

Најгласен од кампот на Ред Бул беше советникот на компанијата, Д-р Хелмут Марко, кој беше директен во оценката.

– Главниот заклучок е дека сме премногу бавни. Видовме дека кога тие возат до крај, ние сме седум десетинки од секундата зад нив. Ја видовме нивната вистинска брзина за првпат. Мора да најдеме дополнителни перформанси, беше депресивно колку се брзи болидите на Мекларен,- рече Австриецот.
Иако возачите на Мерцедес имаа забележителни улоги во текот на гран при викеднот, третото место на Расел беше најдобрата вест за нив. За него ова е четврти подиум годинава, а минатата сезона имаше четири подиуми во текот на целата година.

Од друга страна, викендот на Ферари беше дијаметрално спротивен, прво со освојување на третото место од Хамилтон во спринтот, за потоа во главната трка да бидат вон конкуренција за подиумот и да употребуваат тимски наредби со цел да увидат кој од возачите може да го престигне оној пред нив (Антонели во Мерцедес). Тоа повторно создаде драма во ТВ преносот, но тимскиот шеф на Ферари изјави дека тоа е вообичаена пракса.

– Ние имаме зацртана пракса и ја следиме неа. Главната дилема беше дали треба возачот што бил пропуштен да му ја врати позицијата на колегата доколку не успее да го престигне тој пред нив. Ние сакавме да видиме дали навистина болидот што беше назад е побрз или тоа се должи само на ДРС крилото. По трката зборував со Луис и ја разбирам неговата фрустрација. Тие се шампиони, тие победуваат. Ние бараме од нив да го пропуштат тимскиот колега, а тоа не е лесно. Никогаш не е лесно. Ниту еден друг тим не го направи тоа во оваа трка, но тоа е наша пракса. Ние се тркаме за Ферари, прв е тимот. Мислам дека тимски одработивме добро, но сепак може да дебатираме дали требаше да го направиме тоа пола круг порано или половина круг подоцна,- изјави Фредерик Васер.

 

Тој посочи дека им објаснил на возачите по трката и дека атмосферата била релаксирана, без тензии, а Шарл Леклер го потврди тоа.

– И јас ќе го направев истото да бев на местото на Луис, ќе се обидев да бидам поагресивен со медиум гумите. Нема лоши чувства, нема воопшто,- рече Моначанецот.

Иако можеби беше на маргините, за одбележување е фактот дека Јуки Цунода успеа да освои бодови со Ред Бул во двете трки, при што во главната трка имаше и пет секунди казна, но сепак на крајот влезе меѓу освојувачите на бодови, со една десетинка предност во однос на Исак Хаџар.
Со оваа победа Оскар Пјастри направи разлика од 16 бода во однос на Ландо Норис и се наоѓа во водство на табелата кај возачите (131:115). Ферстапен со 99 бода и Расел со 93 бода се единствените кои се на пристојна дистанца, додека веќе петтопласираниот Леклер има 53 бода, додека Антнели зад него е со 48, по што следува Хамилтон со 41 поен.

Мекларен наближува кон тоа да има двојно повеќе бодови од конкуренцијата, па така во моментов на првото место тие имаат 246 бода, Мерцедес има 141, додека Ред Бул и Ферари се во свој дуел за третата позиција (105:94).

Со трката за Големата награда на Емилија Ромања на 18 мај започна европскиот дел од календарот, за веднаш потоа да уследат уште две трки до крајот на месецот, во Монако и Шпанија.

АНТОНЕЛИ ПОЧНАЛ ДА ГИ СОБОРУВА РЕКОРДИТЕ

Андреа „Кими“ Антонели со освоената пол позиција во спринт трката во Мајами се запиша во историјата на Формула 1, но тоа не е неговиот прв рекорд. Минатиот месец за време на трката за Големата награда на Јапонија тој беше 10 круга во водство, при што е нотиран како најмладиот возач во историјата на спортот кој водел во трка (на 18 години и 224 дена).

Рекордот за најмлад возач во Ф1 го постави Макс Ферстапен кој дебитираше со 17 години и 166 дена, додека Антонели веќе има наполнето 18 години. Ферстапен е најмладиот победник со 18 години и 228 дена, нешто што му пошло од рака во Шпанија во 2016 година, откако главните фаворити Хамилтон и Розберг се елиминирале во меѓусебен судир.

Антонели има шанса да собори некои други рекорди, како на пример „најмлад возач со пол позиција во главна трката“, нешто што Фетел го направил на возраст  од 21 година и 72 дена. Рекордот на Фетел за најмлад светски првак исто така е „во игра“, бидејќи Германецот тогаш имал 23 години и 134 денови.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.