Светско првенство во ФОРМУЛА 1-ФЕРСТЕПЕН СЕ ВГНЕЗДИ МЕЃУ ВЕЛИКАНИТЕ НА Ф1

19/07/2023

ОСТВАРУВАЈЌИ ЈА ПОБЕДАТА НА ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА КАНАДА, МАКС ФЕРСТАПЕН УСПЕА ДА СТИГНЕ ДО 41 ГРАН ПРИ ТРИУМФ, ШТО СЕ ЗЕМА КАКО РЕФЕРЕНТНА ТОЧКА ЗА СПОРЕДУВАЊЕ СО ТРИКРАТНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН, ЛЕГЕНДАРНИОТ АИРТОН СЕНА

 

Иако во денешно време се организираат и до 50% повеќе трки во една сезона (меѓу 21 и 23, наспроти 14 до 16 кон крајот на осумдесеттите), на актуелниот светски првак Макс Ферстапен му требаа 171 старт за да стигне до својата 41 победа, за разлика од остварувањето на Бразилецот кој трагично загина во 1994 година. Победата во Канада воедно беше јубилејна за тимот Ред Бул, кој се натпреварува од 2005 година и во својата 19 сезона ја прославува победата со реден број 100.

Јас сум победил на 41-на од тие 100 трки, па можеби е време за нов договор со тимот. Ова е одлично постигнување, знаевме дека тука ја имаме првата можност, и среќен сум што ја реализиравме. Се надевам дека ќе освоиме уште повеќе, па новата цел е 200 победи за тимот. Мразам кога треба да се споредуваат различни генерации, но од моја страна можам да кажам дека кога бев малечок и возев картинг, сонував да бидам возач во Формула 1, но никогаш немав претстава дека ќе освојам 41-на победа. Да се изедначиш со Аиртон е неверојатно и се разбира дека сум горд. Се надевам дека нема да запрам тука и дека ќе освоиме уште многу победи, изјави Ферстапен Иако има само две титули, тој веќе е на пат кон третата, бидејќи по онаа победа во Канада, уследија уште две во Австрија и Британија. За разлика од почетокот на сезоната, во средишницата сме сведоци дека на секоја трка има различни екипи кои се квалификуваат зад него и на тој начин се етаблираат како негови ривали за победата. Ако во Канада Ферстапен стартуваше пред Алонсо и Хамилтон, во Австрија тоа беа Леклер и Саинц, а на Силверстоун до второто и третото место на стартот дојдоа Норис и Пјастри.

 

За мене е збунувачки тоа што секој викенд имаме различен противник. Мислам дека тимовите зад нас се мошне изедначени, па ако некој успее да најде подобар работен режим, тоа може да донесе резултат на некоја конкретна патека. Не знам што ќе се случи на следната трка во Унгарија и кој ќе биде најбрз или втор, единствено стабилно е што ние сме на врвот секој викенд и за нас тоа е најважно. Сепак, Хунгароринг е сосема поинаква патека и ќе имаме надградби на болидот таму за кои се надеваме дека добро ќе работат,  рече Холанѓанецот по триумфот во Британија.

На фактот дека оваа година освен Ред Бул ниедна друга екипа нема победа, се осврна и нивниот тимски шеф, Кристијан Хорнер.

Нас ни е полесно во повеќе аспекти. Тоа значи дека можеме да се фокусираме на самите себе, бидејќи секогаш е некој друг следниот викенд. Интересно е да се следи како останатите ја пронаоѓаат својата форма, а воедно и колку се сензитивни пневматиците. На овој викенд имавме гуми со поинаква конструкција и веројатно тоа беше дел од играта, рече првиот човек на шампионскиот тим.

Во поглед на променливоста на резултатите коментираа и ривалите, па Ландо Норис побрза да ги разочара своите навивачи дека пласманот на второто место на домашната трка не може да биде сфатен поинаку освен дека нивниот болид имал подобри својства на оваа патека во поглед на зачувување на пневматиците.

 

Дефинитивно ова го немавме во текот на годината и на стартот во Бахреин беше сосема поинаку. Овие патеки ни дозволуваат да се погрижиме за пневматиците. Овој викенд ние бевме мошне конкурентни во брзите свиоци, односно бевме на исто рамниште со она што го имаше Ред Бул. Во средно брзите свиоци бевме исти, а во супер брзите можеби не бевме исти во квалификациите, но во трка останавме добри, додека другите опаднаа. Ние имаме слаб болид, и кога велам слаб мислам на особено лош во бавните свиоци. Екстремно е тежок за возење. Гледам дека луѓето околу се возбудуваат и го прифаќам тоа, но одиме на некои други патеки и сигурен сум дека ќе се соочиме со коментари од типот „Па, добро, што направивте сега, како одеднаш стана толку лош?“+ Значи, ние подобривме некои работи, како што е деградацијата на гумите, како и некои други ситни работи кои не можат да донесат голем исчекор. Едноставно, оваа патека ни дозволи да ги одржиме гумите во добра состојба, и тоа е тоа. Не сакам да се возбудувам премногу, има добри нешта околу надградбите, но во суштина има уште многу нешта да се подобрат за да можеме да го стигнеме Мерцедес, додека има уште повеќе нешта во целиот пакет кои што ни се потребни за да бидеме конкурентни против Ред Бул. Значи, имаме уште многу работа пред нас во тие сегменти, елаборираше возачот на Мекларен.

Интересно е што ваквите коментари беа потврдени и од ривалите, кои признаа дека не успеале да извадат максимум од дадената ситуација стравувајќи дека ќе им се повторат проблемите. Така, тимскиот шеф на Ферари, Фредерик Васер, во својата изјава упати дека биле „премногу конзервативни“ во својата стратегија, иако во пракса не почувствувале дека гумите им се трошат.

Стартувајќи од четврто и од петто место имавме чувство по квалификациите дека можевме подобра работа од тоа. Не можеме да бидеме реќни кога ќе финишираме на деветто или десетто место. Сега е време да го анализираме целиот викенд, а не само трката. Мислам дека во петокот на тренинзите не возевме долги делници. Можеби само со меките гуми, бидејќи Шарл беше „заглавен“ во гаражата. Бевме малку исплашени од деградацијата на гумите и веројатно тоа нè потсетуваше на некои од првите трки од оваа сезона, па бевме мошне конзервативни околу справувањето со тоа и не притискавме доволно. Потоа немавме среќа при аплицирањето на возилото за безбедност. Тоа не е нешто што е во наши раце и не треба да размислуваме за тоа, туку само за нештата на кои што можеме да влијаеме. Искрено кажано, мислам дека требаше да бидеме поагресивни. Сега е лесно да се каже тоа, но мислам дека ние не загубивме најмногу во трката туку пред излегувањето на возилото за безбедност, кога Шарл доби тврди гуми и можеше да притиска повеќе. Сето тоа се должи на недоразбирањето околу деградацијата која се случи во петочните тренинзи. Генерално, деградацијата беше наш главен проблем од почетокот на сезоната, но не и денес. Можеби ни фалеше брзина во однос на Мерцедес, забележавме нестабилности на болидот при силен ветар. Знаевме дека Силверстон ќе биде тежок за нас во тој поглед. Мислам дека ветрот беше екстремен, исто како во Мајами, но нашите перформанси беа многу подобри отколку тогаш. Фокусирани сме на ова прашање кога станува збор за развојот на болидот. Почувствувавме дека болидот е нестабилен, но не можам да кажам дали бил понестабилен од другите. Изгледа дека имавме повеќе потешкотии од другите, особено кога возевме во колона, гласи анализата на првиот човек на Скудерија.

 

Ферстапен има 255 бода, а неговиот тимски колега Серхио Перез кој уште на почетокот на сезоната се етаблираше како негов најголем ривал со двете победи во Саудиска Арабија и Азербејџан, има само 156 бода. Дуелот за второто место е најголемата возбуда во моментов, бидејќи покрај Алонсо со 137 бода и Хамилтон со 121 поен, на последните трки со добри перформанси се истакнаа и други возачи, кои би можеле да го комплицират изгледот на табелата.

Заклучно со трката на Силверстоун, извозени се десет трки (онаа во Имола беше откажана поради поплавите во покраината Емилија Ромања), а до крајот предвидени се уште 12 натпревари, поради што математичките опции се широко отворени. Со трките во последните два викенда во јули, Унгарија и Белгија, ќе се затвори првото поглавје за оваа сезона, а по летната пауза од четири седмици, шампионатот ќе продолжи во последниот викенд од август со Големата награда на Холандија во Зандворт.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ