Светско првенство во ФОРМУЛА 1 – ФЕРСТАПЕН НАПРАВИ ЗАПЛЕТ ВО СРЕДИШНИЦАТА

13/09/2019

АКО ПОБЕДАТА ВО АВСТРИЈА НЕ БЕШЕ ДОВОЛНО УБЕДЛИВА ЗА ДА ГЛЕДАМЕ НА МАКС ФЕРСТАПЕН И РЕД БУЛ КАКО ПОТЕНЦИЈАЛЕН ВТОР ТИМ ВО ПРВЕНСТВОТО КОЈ ЌЕ ГО НАПРАВИ КЛУЧНИОТ ПРИТИСОК ВРЗ МЕРЦЕДЕС ВО БОРБАТА ЗА ТИТУЛАТА, ТОГАШ ПОСЛЕДНИВЕ ДВЕ ТРКИ БЕА ВИСТИНСКА ПРИЧИНА ДА СЕ ПОДИГНЕ МИСЛЕЊЕТО ЗА ХОЛАНДСКИОТ ПИЛОТ.

 

Двете трки на средина од сезоната, оние за Големата награда на Германија и за Големата награда на Унгарија го истакнаа пилотот на Ред Бул како избрусен дијамант кој досега беше познат само по агресивноста, но отсега и по одличните партии во тешки околности. Трката возена на Хокенхајмринг беше вистинско „чистилиште“, односно пекол за еден дел од возачите и рај за друг дел од нив. На дождливата патека имаше возачи кои одеа и по шест пати во боксот, а возилото за безбедност беше аплицирано повеќе пати поради излетувања. Ферстапен во неколку наврати беше воден од боксот низ хаотичната трка менувајќи интермедија пневматици, медиум, дождливи гуми, како и меки, за на крајот да излезе како неприкосновен лидер во трката.

На водечката позиција се сменија повеќе имиња, но сите беа подложни на истите услови, па некои направија грешки, имаа помали или поголеми излетувања (Леклер, Хамилтон), а тоа им даде шанса на возачите од втората половина да излезат напред. На само неколку круга пред крајот, двете места на подиумот зад Ферстапен беа резервирани за Ленс Строл и Данил Квјат, но во последните пет круга Себастијан Фетел успеа да се наметне и престигнувајќи колона од болиди, да дојде до второто место.

Оваа трка ќе влезе и во историјата како прва во хибридната ера на спортот (од 2014 година) во која Луис Хамилтон завршил, а не освоил ниту бод (последен сличен случај, Шпанија 2013 година). Сепак, со одлука на стјуардите да се казнат возачите на Алфа Ромео Заубер по 30 секунди, Хамилтон дојде до еден поен.

Исто така, ова е прва победа за Ред Бул во Германија, а Хонда прослави сопствен куриозитет: два нивни мотора беа на пиедесталот (Ферстапен и Квајат), што не се случило од Австралија 1988 година со Сена и Прост. Веќе на следната трка во Унгарија, кога се очекуваше враќање во нормала, Ферстапен заблеска во квалификациите со освојување на првата пол позиција на бавната и свиоклива патека. Ферстапен стана првиот Холанѓанец со пол-позиција и 100-ти возач во Ф1 историјата кој стигнал до ваков резултат. Возачите на Ферари кои во Германија ја пропуштија третата сесија и не возеа стравувајќи од дефект, во Унгарија конечно немаа проблеми, но не беа на ниво да се носат со водечките.

Од тука, борбата за првото место се подели меѓу Ферстапен и Хамилтон, а младиот Холанѓанец успешно одолеваше на сите напади и остана во водство и по првиот пит стоп. Тогаш од таборот на Мерцедес се одлучија за ретко видена тактика, па со втор пит стоп на Хамилтон и истрошени гуми на Ферстапен успеаја да направат пресврт и во финишот да го добијат пехарот со одлична стратегија.

Тимскиот шеф на Ред Бул, Кристијан Хорнер, по трката се обиде да даде објаснување за тоа што се случувало на „Хунгароринг“.

– Мислам дека денеска Мерцедес имаше побрз болид, а немаше да биде разумна одлука да го повикаме Макс во боксот во ситуација кога беше во водство. Единствената шанса беше да се обидеме да издржиме на патеката, но едноставно не беше возможно со тоа водство да правиме нов пит- стоп со Ферстапен. На крајот, нивната стратегија вроди со плод и секоја чест за Хамилтон и Мерцедес, но ова беше повеќе од добар викенд за Макс. Освои пол-позиција, второ место, поен за најбрз круг и ја намали предноста на Ботас на седум поени, – вели Хорнер.

Хамилтон е лидер со 250 поени, додека Ботас има 188 и веќе стравува од Ферстапен кој има 181 со одлична серија, која го прави најуспешен возач на летните четири трки, од Австрија до Унгарија. Фетел со 156 и Леклер со 132 се на чекор до нив, а нивните надежи најмногу ќе зависат од надградбите на болидот за есенскиот дел од сезоната, бидејќи токму Спа и Монца се очекува да бидат нивните можеби најсилни трки оваа година.

Вториот пилот на Ред Бул, Пјер Гасли, воопшто не го следеше Макс Ферстапен и досега освои само 63 поени, поради што во втората половина од сезоната се враќа назад во Торо Росо, а шанса во првиот тим ќе добие Александар Албон.

– Ред Бул е во уникатна позиција да има четворица талентирани пилоти под договор и истите може да бидат ротирани помеѓу Астон Мартин Ред Бул Рејсинг и Торо Росо. Тимот ќе ги искористи следните девет трки да ги разгледа пер- формансите на Алекс со цел да донесеконечна одлука за тоа кој ќе биде во болидот покрај Макс во 2020 година. Сите во Ред Бул со нетрпение очекуваме да му посакаме добредојде на Алекс во тимот, – објави преку соопштение екипата на Ред Бул. Ова не е првпат Ред Бул да менува возачи сред натпреварувачка сезона. Тоа се случи и во 2016 година кога по пет трки од сезоната, Торо Росо со Ред Бул го замени токму Макс Ферстапен. Одличниот пилот дури и победи на својата деби трка за Шпанското Гран При. Првата трка по летната пауза се вози на Спа Франкоршамп за Големата награда на Белгија на 1 септември, по што следи легендарната Монца за Големата награда на Италија на 8 септември.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.