ФЕРАРИ СЕ ВРАТИ ЗАСИЛЕН ПО ЛЕТНАТА ПАУЗА, СО БОЛИД КОЈ ИЗНЕНАДУВА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ И КАДЕ ШТО БЕА ОСВОЕНИ ПЕТ ПОЛ ПОЗИЦИИ ВО НИЗА, А ДОПОЛНИТЕЛНО ЛЕКЛЕР И ФЕТЕЛ СЕ ЗАКИТИЈА И СО ТРИ ПОБЕДИ ВО ТИЕ ПЕТ ТРКИ.
Со пол позиции во сите пет трки по летната пауза, Ферари го сврте вниманието бидејќи очигледно пронашле начин како црвениот болид на ергелата од Маранело конечно да биде достоен ривал на „сребрените стрели“ од Мерцедес. Ако успехот на Спа и Монца беше донекаде и очекуван, согласно претходните добри резултати на Ферари на брзите патеки, комплетно изненадување беа квалификациите во Сингапур, Русија и Јапонија, при што последните две патеки се познати како терен каде што со традиција доминираат нивните ривали.
Победите во Спа и Монца беа остварени на мошне доминантен начин од страна на Ферари, иако е забележлив трендот дека тие имаат предност кога користат помеки гуми. Тоа им помогна да направат „бум“ во квалификациите и на другите трки, но сепак Мерцедес во трка сè уште парира со подобри перформанси при полн резервоар. Во Јапонија, „еден-два“ резултатот во квалификациите беше трет сезонава за Леклер и Фетел, а со заклучувањето на првиот ред го изедначија тимот од Маранело со по 64 такви постигнувања, колку што има и Мерц едес.
Конкретно, последната победа во Сузука се должи на подобриот старт од Мерцедес, бидејќи Фетел од пол позицијата имаше непријатно „сецкање“ кое беше испитувано од страна на стјуардите како можен предвремен старт, но сепак Германецот не беше казнет. Валтери Ботас славеше во трката стартувајќи од третото место кое го освои во квалификациите возени четири часа пред големото шоу, бидејќи сите саботни активности на патеката беа откажани поради тајфунска активност. Слабиот старт во трката на двата црвени болиди, му овозможи на Ботас да го престигне Фетел и да поведе, додека Леклер беше под напад на Макс Ферстапен и дојде до контакт меѓу нив двајцата, по што објацата мораа во бокс, а болидот на Ред Бул подоцна се откажа. Судирот ја поремети и стратегијата на Моначанецот, кој дури три пати влезе во боксот надевајќи се на подобри перформанси од новите сетови пневматици.
Возачот на Ред Бул ги нападна Леклер и Фетел кои „кумувале“ на инцидентот кој на крајот се покажа како одлучувачки за тој пред време да ја з аврши трката.
– Имавме многу добар старт. Потоа останав од надворешната страна, мислам дека бев на третата позиција, но наеднаш во вториот свиок Шарл ме удри од страна. Јас не можев да сторам ништо поинаку. Сите знаеме дека понекогаш се губи сила на болидот, но тоа не е оправдување. Шарл е доволно искусен да го знае тоа. Чудно е што стјуардите не го ни истражуваа случајот. Мојот болид беше целосно уништен, целата страна, имаше многу дупки. Потоа тие почнаа да го разгледуваат случајот, но после трката. Што друго требаше да направи за да добие казна? Јас сакам жестока трка, но не мислам дека ова беше жестока трка, тоа беше неодговорно возење. Имаше лош старт и се обидуваше да врати неколку позиции и тоа е тоа. Потоа го погледнав и стартот на Себ. Мислам, потезите кои ги направи, тргна па застана, правилата говорат дека не смееш да правиш така, но затоа што не стекнал предност тој не доби ни казна. Навистина не разбирам што се случува со прави- лата денес, истакна видно револтираниот Макс Ферстапен.
Официјалните лица му врачија казна на Шарл Леклер, кој остана на патеката со болид од кој отпаѓаа парчиња, поради што дополнително беше казнет за небезбедно возење со додавање на 10 секунди од постигнатото време. За судирот со Ферстапен, доби дополнителна казна од 15 секунди. Со вкупната казна Леклер ќе падне за само една позиција, па така наместо како шестопласиран во финалниот поредок ќе заврши на седмото место, а место погоре ќе оди Даниел Рикиардо.
Триумфот на Ботас не беше доведен во прашање во ниту еден момент, а беше очекуван откако стана јасно дека стратегијата на Хамилтон со едно застанување во боксот ќе мора да биде трансформирана со дополнителен пит стоп. Тој успеа да се доближи до Фетел и да му прави притисок во последните неколку круга, но не успеа да го престигна. Сепак, и со овој пласман на првото и третото место, како и со дополнителниот поен за извозен најбрз круг од Хамилтон, Мерцедес ја освои конструкторската титула по шести пат едно по друго, бидејќи на четири трки пред крајот има недостижна предност во однос на рив алите.
Поранешниот Ф1 шампион од 2016 година, воедно и пилот на Мерцедес, Нико Розберг, смета дека Мерцедес го „честел“ Ботас со триумф на Сузука. Розберг смета дека победата не била толку сигурна, посебно ако Хамилтон не бил повикан уште еднаш во боксот.
– Тие можеа да направат две работи. Првата е да му посочат на Хамилтон да го пропушти Ботас, што беше помалку веројатно, бидејќи Мерцедес е светски шампион и не прилега да се подарува победа на вториот возач на таков начин. Втората варијанта беше оваа, откако веќе беше потврдена титулата меѓу конструкторите.
Можеби ја испуштија еден-два победата, но вака ја задржаа довербата на Ботас. Истовремено, сигурен сум дека Хамилтон не беше задоволен од решението, вели Розберг.
Хамилтон е лидер во првенството со 338 бода, Ботас има 274 на четири трки до крајот. Леклер е трет во генералниот пласман со 221 бод, а Фетел и Ферстапен ќе го делат четвртото место со по 212 бода. Мерцедес е сигурен шампион со 612 бода, Ферари се искачи на 433, додека Ред Бул има 323 на третото место.
Следните две трки се возат во Мексико и САД, на 27 октомври и на 3 ноември.
Макс Ферстапен предизвика внимание со последното интервју дадено за холандските медиуми, а во кое говори на повеќе интересни теми. Меѓу другото, на возачот на Ред Бул не му се допаѓа планот бројот на трки да биде зголемен од 20 на 22 и смета дека тоа ќе донесе последици по инволвираните во Ф1 циркусот.
– Не се согласувам да има 22 трки во текот на сезоната. Мислам дека треба да се изберат најдобрите патеки, знам дека сакаат да заработат повеќе пари, но исто така треба да мислат и на вработените и механичарите кои подготвуваат терен за екипите и сè она што следува на официјалниот натпреварувачки дел. Тие доаѓаат во понеделник или вторник и создаваат услови за работа, додека шефовите доаѓаат во сабота наутро и заминуваат со авион по трките. За нив не е проблем, тие би прифатиле и 30 трки бидејќи се отсутни само неколку денови од дома. Но, за другите тоа значи отсуство по 5-6 денови за секоја трка! Јас не се жалам за нас, туку за механичарите, тие уште отсега можат да ги пополнуваат документите за развод, вели Ферстапен.