НИЗ СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИТЕ МЕДИУМИ СЕ ПОДИГНА „ГАЛАМА“ БИДЕЈЌИ РЕЧИСИ Е НЕВЕРОЈАТНО ВО НОЕМВРИ ДА СЕ НЕМААТ ОБЕЗБЕДЕНИ ВОЗАЧИ (СО ДОГОВОР) ЗА ИДНАТА СЕЗОНА, А ТОКМУ ТОА СЕ СЛУЧУВА ВО МЕРЦЕДЕС.
Ако претходно Луис Хамилтон и Тото Волф тврдеа дека поради набиениот распоред не можат да најдат време за преговори, сега контекстот е многу поинаков. Аферите започнаа со фактот дека Волф како акционер го поддржа Лоренс Строл во купувањето на фабриката Астон Мартин, а бидејќи истиот е сопственик и на тимот „Рејсинг поинт“ (кој од догодина ќе биде ребрендиран), првичните шпекулации го поврзуваа Волф со напуштање на Мерцедес.
– Јас сè уште не знам дали ќе бидам во тимот, па затоа и останувањето на Тото Волф воопшто не е моја најголема грижа, – изјавил Хамилтон во Имола на прашањето дали очекува Волф да биде тимски шеф на Мерцедес и следната сезона.
Тимскиот шеф откри дека работат на прецизирањето на условите за новиот договор, но дека настојуваат да ја избегнат опцијата „само уште една година“ како резервна варијанта, доколку не пронајдат заеднички јазик како да продолжат. – Претпоставувам дека доколку тој реши да се повлече од Формула 1, што не верувам и се надевам дека нема да се случи, ќе има навистина „луд“ пазар по нови пилоти. Сепак мислам дека тоа што го кажа е само момент, емоции. Сите сме среќни, но во исто време и многу уморни,- рече Волф по Имола.
Одговорот за тоа дали останувањето на Волф е поврзано со новиот договор, или станува збор за две посебни работи, тимскиот шеф го елаборираше во посебни интервју за „Скај Спортс“.
– Мојата ситуација е нешто поинаква, бидејќи јас сум косопственик на екипата, па никогаш нема да ја напуштам. Тоа е она што јас сакам да го правам. Има ли нешто подобро од тоа да си дел од една спортска екипа, да си дел од ваква фантастична група на луѓе? Едноставно верувам дека секој има „рок на траење“ во некоја улога, а јас сè уште не сум дошол до крајот на мојата. Мислам дека сè уште можам да придонесам. Но, мора да размислувам за иднината, да донесам некого, да му помогнам да се развие во оваа ролја, а тоа е фантастичен предизвик за мене и тоа дефинитивно ќе биде едно од следните поглавја. Но, ќе ме гледате наоколу уште долго,- порача тимскиот шеф на Мерцедес.
Но, тој не откри на кого гледа како свој наследник, велејќи дека не може да го соопшти неговото име. Во сопственичката структура на Мерцедес тој има 30% од тимот, додека 10% беше учеството на Ники Лауда. Главниот удел од 60% е во сопственост на компанијата Дајмлер.
Иако Волф беше јасен дека посакува продолжување на договорот со Луис Хамилтон, новата реалност, исто така, сугерира дека буџетите на тимовите се намалуваат, што поради корона кризата, што поради барањата за порамнување на трошоците и лимитирање на средствата што се инвестираат. Тоа секако дека не е тренд што би му се допаднал на кој било шампион, доколку тоа значи помала плата во иднина отколку пред да ја освои титулата, па голема е веројатноста дека на ова тема ќе има несогласувања меѓу двете страни.
Рекордите на седумкратниот шампион
Со победата во Турција, Луис Хамилтон стекна недостижна предност во однос на најблиските конкуренти (Валтери Ботас и Макс Ферстапен), па ја обезбеди седмата титула во својата кариера која трае 14 сезони (дебитираше во 2007 година). Тој има најголем број на поединечни победи во Ф1 трките (оваа во Турција беше со реден број 93), притоа 73 од нив се со актуелната екипа, што исто така е рекорд за еден возач и една екипа. Дури и пред овој гран при викенд, тој имаше повеќе победи отколку втори и трети места заедно (90). Пласманот во бодови за Хамилтон е 47 во низа, а на последните 81 трка, 80 пати освоил поени. Со триумфите на патеките Алгарве и Имола, тој има освоено победи на 29 различни патеки, а на трките има извозено над 5.000 кругови како првопласиран.