СТАРТОТ НА НОВАТА СЕЗОНА ОД ФОРМУЛА 1 ВО БАХРЕИН ИЗМАМИ РЕАКЦИИ ДЕКА „СÈ Е ИСТО КАКО ЛАНИ“, НО СУДЕЈЌИ СПОРЕД РЕАКЦИИТЕ ПО ПРВОТО ГРАН ПРИ, ВО ОВОГОДИНЕШНАТА ПРИКАЗНА ЌЕ ИМА НОВИТЕТИ КАКО ШТО Е ВКЛУЧУВАЊЕТО НА АСТОН МАРТИН ВО БОРБАТА ЗА ПОДИУМОТ
Фернандо Алонсо покажа дека зелениот болид на Астон Мартин има капацитет за изненадување освојувајќи го првото место на тренинзите, но сепак кога дојдоа квалификациите и трката, распоредот на силите укажа дека Ред Бул и Ферари сè уште се предводници на „чопорот“. Ако во квалификациите постоеше некаква неизвесност, во трката Ред Бул се издвои веднаш по стартот.
Истото го потенцираше и победникот Макс Ферстапен во првата изјава по трката, посочувајќи дека силната прва фаза од трката му овозможила да направи значителна разлика.
Тоа беше многу, многу добра прва делница. Оттука натаму, само ми остана да се грижам за гумите и да не дозволам изненадување во подоцнежниот дел, рече возачот на Ред Бул кој не беше загрозен од никого во борбата за првото место.
Според аналитичарите, болидот на Ред Бул се покажал супериорен при забрзувањето на излез од бавните и средно бавните свиоци, а воедно возилото на овој тим се покажало како најнежно при чувањето на свежината на пневматиците на оваа патека која што е позната како озлогласено абразивна.
Ферари го имаше Шарл Леклер веднаш зад водечкото дуо, но тој се откажа поради дефект на моторот. Во секој случај, неговите перформанси укажаа дека Ферари не е доволно брз во трка. Говорејќи веднаш по откажувањето од трката во Бахреин, возачот даде своја проценка на ситуацијата.
Ние многу работевме преку зимата, но очигледно дека е потребно да продолжиме бидејќи на оваа прва трка се покажаа и првите проблеми со издржливоста. Ние задоцнуваме околу една секунда (по круг – з.а.), поради што не сум сосема самоуверен. Се чини дека Ред Бул имаат пронајдено нешто многу добро за нивната брзина во трката. Во смисла на брзината на квалификациите, тие беа мошне слични со нас, но во трка разликата беше преголема. Поради тоа мораме да продолжиме да истражуваме и, исто така, да ја подобриме издржливоста, изјави Леклер.
Ова ја иницираше расправата за тоа дали концептот на болидот е доволно добар, имајќи предвид дека во случајот на Астон Мартин станува збор за нов и различен концепт, што беше потврдено од Фернандо Алонсо. Но, одговарајќи на новинарско прашање дали е потребна промена во пристапот кон изработката на болидот, тимскиот шеф на Ферари засега одби да го прогласи нивниот концепт како недоволно конкурентен.
Комплетно сум убеден во ова! Досега не сум видел ситуација еден болид да биде на исто ниво со друг во квалификациите, а потоа да заостанува зад него во трката. Тоа значи дека е прашање околу штелувањето и изборот на одредени компоненти на возилото. Значи, не мораме да одиме во насока на тоа дека треба да се менува концептот. Да сумирам, мислам дека ја имаме потребната брзина во квалификациите, или барем ја имавме тука, во Бахреин. Мораме да бидеме реални и да имаме јасна слика на ситуацијата, а во моментот издржливоста не е на нивото што ни е потребно. Доколку сакаме да победуваме во трките, мора да имаме чисто досие и да ги подобриме некои мали детали овде и онде, рече Фредерик Васер, тимски шеф на Ферари.
Наспроти ова, Алонсо „ја опеваше“ посветеноста на тимот на Астон Мартин и неговиот предводник, Лоренс Строл, како екипа што била посветена на барањето начин да се подобри и успеала донекаде во својата мисија.
Постојат неколку подрачја на болидот каде што мораме да се подобриме, но не сакам да зборувам за тоа во јавност. Мислам дека најважно е тоа што Астон Мартин има ново возило, нов проект и ова е само почеток. Ова не е финалното издание на болидот, туку прва верзија на концептот што беше сменет за време на зимската пауза. Колку што можам да видам, некои од другите тимови ја задржале истата филозофија на концептот од минатата година. Мислам дека Ред Бул и Ферари се меѓу нив, и дека со фино тјунирање на нештата доаѓаат до перфекција на добрата база што ја имаат. Во нашиот случај е поразлично, бидејќи сменивме 95 проценти од болидот. Имаме многу повеќе што да научиме и многу повеќе што да очекуваме од него. Имам комплетна доверба во нашиот тим, очигледно тие знаат што прават. Па да се надеваме дека многу скоро ќе се подобриме, рече од својата страна поранешниот шампион, Алонсо.
Дека постои „нешто“ што Ред Бул го има, а веројатно Астон Мартин го осознал, зборуваше и четвртопласираниот Карлос Саинц, кој во трката беше престигнат од Алонсо. Освен тоа што рече дека е загрижен по прашање на брзината што ја покажал болидот на Астон Мартин, даде и свое видување за причината во различните перформанси меѓу Ферари и Ред Бул.
Се надевам дека кога ќе отидеме на други патеки, каде што задните гуми помалку ќе прегреваат, ние ќе бидеме во позиција подобро да се држиме. Јасно е дека болидите на Ред Бул и Астон Мартин имаат нешто поради што нивните пневматици деградираат помалку. Ако погледнете меѓу нас и Мерцедес, нивото на деградација на гумите е исто, додека кај другите два тима, поради некоја причина, тоа не е така. Тоа е нешто што мораме да продолжиме да го истражуваме, анализираме и да видиме што можеме да направиме по тоа прашање, искрено прокоментира Шпанецот.
Иако минатата година тимот Мерцедес се доближи до водечката група и успеа да фати чекор во перформансите, па дури и да прослави победа на Расел во Бразил, стартот на оваа сезона покажа дека не го унапредиле болидот во добра насока. Хамилтон „по куса постапка“ расчисти дека од овој болид не може да се очекува нешто повеќе…
Дали сум загрижен? Мислам дека тоа не е вистинскиот збор. Во моментот немам што да кажам и не сакам да кажам премногу. Мора да продолжиме да работиме. Знаеме дека не сме таму каде што сакаме да бидеме и знаеме дека ова не е вистинското возило. Но ,мора да се потрудам да останам позитивен, со главата горе и да продолжам да правам притисок врз момците, да се обидам да бидам зрак на позитивност за нив и да ги освојам најдобрите поени што можам. Генерално ситуацијата е иста како и лани, и кога работевме на стратегијата за трката им кажав на инженерите дека гумите нема да издржат толку колку што тие очекуваа. Бев во право и тоа значи дека имаме многу работа, дека мора да најдеме начин да ја зголемиме потисната сила од аеродинамиката бидејќи тоа ни недостига. Штом ќе дојдеме во ситуација да имаме повеќе оптоварување на задниот, но и на предниот дел, ќе станеме побрзи, рече седумкратниот шампион од Мерцедес.
Тие можеби нема да бидат на пол позиција цело време бидејќи знаеме дека Ферари е мошне конкурентен во квалификациите. Но кога е во прашање брзината во трка, Ред Бул е во мошне силна позиција. Очекувам да победат во секоја трка оваа сезона. Тоа е мојата прогноза. Кога ги гледам нивните перформанси не можам да видам дека ниеден друг е во ситуација да ги предизвика. Дури викендов тие делуваа за нијанса послаби отколку што беа на тестирањата. Но бидејќи никој не им прави притисок, можат да прават што сакаат,- додаде неговиот тимски колега, Џорџ Расел по освојување на седмото место.
Следните трки ќе покажат дали овој распоред на силите е вистинската слика, или можеби има други кои ќе успеат да го „стегнат“ својот пакет. Најголеми разочарувања веројатно се екипите на Алпин Рено и Мекларен, кои исто така, имаа по едно откажување на болидот, при што Ландо Норис од Мекларен заврши последен со два круга задоцнување. За разлика од ова, Ботас со Алфа Ромео беше осми, Гасли со Алпине освои два бода како деветти, а Александар Албон со Вилијамс се најде на десеттото место.
Бидејќи кинескиот возач Жу Гуанју во претпоследниот 56 круг го извози најбрзиот круг во трката, а не беше пласиран меѓу првите десет, не доби бод за овој подвиг, или подобро речено го спречи Гасли да добие бод бидејќи тој го имаше најдобриот резултат до тој момент. Во Саудиска Арабија станува збор за улична трка покрај крајбрежјето на Џеда и во теорија болидите со поголема крајна брзина, како оној на Ферари, би требало да добијат подобри перформанси. Иако Ред Бул во текот на минатата сезона беше особено добар по прашањето на крајната брзина, се чини дека новото издание на трката во Џеда ќе покаже кој го има приматот по овој параметар.
Патеката во Саудиска Арабија има сосема поинаква природа од оваа во Бахреин. Мислам дека тука нашиот болид беше особено добар во смисла на малата деградација на пневматиците. Тоа би значело дека во трка на следното гран при во Џеда сите ќе бидеме многу изнедначени, најави Ферстапен кој поведе во првенството со 25 бода. Трката во Џеда се вози на 19 март, додека потоа следи добро познатата патека „Алберт Парк“ во Австралија на 2 април.