ВО НАСТАН КАДЕ ШТО ЕМОЦИИТЕ ПРЕВАГНУВАА ПОРАДИ ОБЈАВАТА ДЕКА ОВА МОЖЕБИ ЌЕ БИДЕ ПОСЛЕДНА ТРКА ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО АВИОНСКИ ТРКИ, ЈАПОНЕЦОТ ЈОШИХИДЕ МУРОЈА УСПЕА ДА ЈА ИЗРАДУВА ДОМАШНАТА ПУБЛИКА ВО ЧИБА СО ПОБЕДА, НО СЕПАК ЈА ИСПУШТИ ТРЕТАТА ТИТУЛА ЗА САМО ЕДЕН ПОЕН РАЗЛИКА ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАСМАН!
По ненадејната одлука на менаџментот на тркачката серија која беше единствена во светотот, да ја прогласи 2019 година за последна сезона во 14-годишната историја, најдобрите светски пилоти можеби за последен пат извозеа трка на максималните граници од перформансите, со брзини од 370 километри на час и гравитациски сили до 12G. Одлуката за прекин дојде откако календарот од планирани 8 локации беше сведен на 4, а незаинтересираноста на големите метрополи да поддржат вакво шоу на годишна основа е основниот проблем, иако трките генерираат стотици илјади гледачи во публиката.
Јапонија според многумина има најстрасни навивачи, а петтата последователна трка во Чиба го нахрани нивниот апетит за возбуда. Ова е првпат финалето на сезоната да се одржи во Азија, а Јошихиде Муроја веќе има покажано дека трките на домашен терен му носат дополнителна мотивација за победа. Негови конкуренти беа актуелниот бранител на титулата Мартин Шонка од Чешка како водечки во генералниот пласман со 65 бода, како и австралискиот „топ-ган“ пилот Мат Хол со 61 поен.
Муроја имаше незгоден старт во акцијата на плажата Макухари во Чиба и беше елиминиран во првата рунда каде што сите 14 пилоти се поделени во седум директни елиминациски дуели, па само победниците продолжуваат понатаму. Публиката беше на нозе уште пред трката да почне, а Британецот Бен Марфи го совлада миленикот на навивачите за само 15 илјадити делови од секундата. Но тој не беше единствениот кој киксна: вториот шок дојде само неколку минути подоцна, кога лидерот во генералниот пласман Мартин Шонка, направи грешка во дуелот со Никола Иваноф и ја пречекори дозволената граница на гравитациски сили и доби казна од една секунда по која беше елиминиран од натамошната борба и одбрана на титулата.
Речиси чудесно, кога судиите ја составија листата на пилотитите за втората рунда на најдобрите осум, Муроја влезе во неа како „среќен губитник“ бидејќи беше елиминиран со најмала разлика. Јапонската супер ѕвезда доби шанса да продолжи да се брои за шампионската круна, а поранешниот воен пилот, Мат Хол, последна шанса за неговата мисија да стигне до титулата. И двајцата ја поминаа втората рунда и се пласираа меѓу најдобрите четири, заедно со американскиот ветеран Кирби Чемблис и Канаѓанецот Питер МекЛиод. На стартот од решавачката рунда, Мек Лиод започна со добивање казна, со што им овозможи пат на другите за директна борба на врвот. Муроја беше следниот на патеката и постави време од 58 секунди и 630 илјадити делови од секундата, возејќи безбедно. Чемблис иако е двократен шампион, во своите ветерански денови успеа да се доближи само до 0,971 секунди и тогаш следеше настапот на Хол. Тој ја зачува присебноста и го направи она што беше потребно, освојувајќи го третото место со време од 1:00,052. Самоелиминацијата на Меклиод му го отвори патот до подиумот и со пласман на третата позиција тој го освои шампионскиот пехар со предност од само еден поен пред Муроја.
Иако не делуваше импресивно во оваа трка, Хол во четири наврати беше меѓу тројцата најдобри на крајот од сезоната, од што три пати вицешампион кој се бореше за титулата.
– Не ми беше важно каде ќе се пласирам, знаев уште при пласманот во последната рунда дека мора да бидам на по-диум. Тогаш, во првиот лет, Питер удри еден од воздушните столбови. Иако условите беа зафркнати, знаев дека ќе се мразев себе си до крајот на животот ако добијам казна за мојот лет. Се обидов да возам безбедно без да се откажам премногу од брзината. Сега треба да го апсорбирам сето ова. Но, еј, кога ќе имам 90 години, ќе им кажувам на сите дека сум светски шампион!
Иако не ја освои титулата, сезоната на Муроја беше одлична, со три победи, наспроти една на Хол, притоа славејќи по трет пат во пет години пред домашната публика во Чиба. Кирби Чемблис, исто така, на висока нога се прости од навивачите кои го видоа како освојува две титули и има најдолг стаж од сите пилоти во овие трки.
– Возбудени сме што бевме тука, сакам да им се заблагодарам на јапонските фанови и на сите кои ни помогнаа да го направиме ова шоу. Не сум сигурен дали постои подобро место на планетата за да се одржи финалната трка од ова светско првенство. Тука навивачката база е без конкуренција. Едноствано се најдобри и ова беше најсоодветен крај за авионските трки од Светската серија на Ред Бул. Тука, во Јапонија, со јапонските навивачи. Перфектно сценарио, додаде директорот на трките, Џим Диматео.
Голем број од пилотите беа запрашани за нивната иднина, но одговорите беа во насока дека повеќето најпрвин ќе ја искористат паузата за да уживаат со семејството кое малку го гледале во сезоните исполнети со натпревари. Речиси сите остануваат во авијацијата, некои и натаму ќе имаат сопствени акробатски шоу програми, додека други како Муроја и Иваноф ќе се обидат да им помогнат на младите асови да ги остварат своите соништа и да ги пренесат тајните на победувањето.
Досега, беа извозени 94 трки на 35 локации (19 на вода, 16 на земја), во 21 држава. Вкупно беа организирани 12 сезони во кои беа прогласени 9 различни шампиони, а уште шест сезони се организираа во таканаречената „Челинџер“ класа за подготовка на понеискусните пилоти за настап во светското првенство. Севкупно, на трките продефилирале 46 пи- лоти од 24 нации. Организаторите преброиле дека собрале преку 24 милиони посетители, подготвиле преку 500 часа телевизиска програма, а пилотите искористиле околу 70 авиони и собориле околу 800 воздушни кули за време на свите „слалом“ летови.
Ова не е прва пауза која доаѓа од страна на организаторите кои ја имаа акредитацијата до светската аеронаутичка федерација (ФАИ). Од 2011 до 2014, исто така, имаше прекин, кој беше искористен за да се подобри безбедноста и натпреварувачкиот формат да стане интересен за публиката ширум светот. Оптимистите веруваат дека можно е да има промени и во иднина авионските трки повторно да ни понудат возбуди какви што нема во ниедна друга тркачка серија.