Светско првенство во авионски трки – Дванаесетата сезона во полн сјај

04/02/2019

СО ЕГЗИБИЦИИТЕ НА ТРКАЧКАТА ПАТЕКА ЛОЦИРАНА НАД ТИРКИЗНИТЕ ВОДИ НА ЗАЛИВОТ КАЈ АБУ ДАБИ ЌЕ СТАРТУВА НОВАТА СЕЗОНА ВО НАЈБРЗАТА ТРКАЧКА ДИСЦИПЛИНА, КАДЕ ШТО ПИЛОТИТЕ ЛЕТААТ СО 370 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС И ПРЕДИЗВИКУВААТ ГРАВИТАЦИСКИ СИЛИ ДО 10G.

 

Летајќи со големи брзини на мали височини, притоа демонстрирајќи комбинација на прецизност, вештина и брзина, 14 пилоти од „мастер“ класата се натпреваруваат во најбрзата моторспорт серија на светот, будејќи ја плимата на адреналин кај публиката на слалом патеката, со маневри кои и пркосат на гравитацијата, а сè со цел да постигнат побрзо време летајќи меѓу воздушните кули.

Почитувајќи ја традицијата која навлезе и во втората деценија, првата трка од светското првенство во авионски трки ќе се одржи во Абу Даби, престолнината на Обединетите Арапски Емирати. Календарот за 2019 година повторно брои осум станици, од кои што три се во Европа, две се на Блискиот Исток и уште две на Далечниот Исток во Азија, придружени од единствената трка во Северна Америка предвидена за оваа година, на легендарната патека во Индијанаполис.

По стартот во Абу Даби, ќе следува европска трка за која што сè уште не е позната локацијата, а во блиското минато како земји организатори ги видовме Хрватска (Пореч), Австрија (Виенер Нојштад) и Франција (Кан). Со уште две трки на Стариот континент ќе се исцрпи европската агенда, веќе препознатливите редовни станици во Казан (Русија) и Будимпешта (Унгарија). Трката во колевката на јапонската авијација, Чиба, ќе го означи стартот на втората половина од календарот на 8 септември, по што ќе има уште една трка на Далечниот Исток. Финишот на сезоната ќе започне со претпоследната трка во Индијнанполис, а официјално завесата ќе биде спуште- на на новиот настан што ќе се организира во Саудиска Арабија.

Паралелно со трките во „мастер“ класата, ќе се одржува и шампионатот за помлади пилоти од таканаречената „класа на предизвикувачи“, кои стекнуваат неопходно искуство за евентуален иден влез во елитната конкуренција. Вкупно се застапени 26 пилоти од 17 држави и шест континенти, што го прави пехарот во ова првенство да биде еден од најпосакуваните во светот на авионите, уште од 2003 година, кога ова натпреварување беше акредитирано во светската аеронаутичка федерација (ФАИ).

 

КАЛЕНДАР 2019 ГОДИНА:

09.02-АБУ ДАБИ, ОАЕ

00.04-ЕВРОПА

16.06-КАЗАН, РУСИЈА

14.07-БУДИМПЕШТА, УНГАРИЈА

08.09-ЧИБА

00.10-АЗИЈА

20.10-ИНДИЈАНАПОЛИС, САД

09.11-РИЈАД, САУДИСКА АРАБИЈА

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ