КИНА – ЛУЛКА НА ЧОВЕЧКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА И ЗЕМЈА СО ИЛЈАДНИЦИ ГОДИНИ НАПИШАНА ИСТОРИЈА, ЧИИ ОТКРИТИЈА, ПРОНАЈДОЦИ И ФИЛОЗОФИЈА ГО ОБЛИКУВАА СВЕТОТ. ПРИ ПОСЕТАТА НА КИНА СЕ ДОБИВА ЕДИНСТВЕНО И НЕПОВТОРЛИВО ИСКУСТВО. ГОЛЕМИ МОДЕРНИ ГРАДОВИ, КАКО ПЕКИНГ, ШАНГАЈ, ХОНГ КОНГ, НО И ДЕСЕТИЦИ НОВИ МЕТРОПОЛИ ШТО СЕ РАЗВИВААТ СО ЗАБРЗАНО ТЕМПО, БЛАГОДАРЕЈЌИ НА НЕЗАПИРЛИВИОТ РАЗВОЈ НА КИНЕСКАТА ЕКОНОМИЈА. ОТКРИЈТЕ ЗОШТО ОВАА ФАСЦИНАНТНА ЗЕМЈА Е ДЕСТИНАЦИЈА ШТО АКО ЕДНАШ ЈА ПОСЕТИТЕ, СЕКОГАШ ЌЕ САКАТЕ ДА СЕ ВРАТИТЕ ЗА ДА ЈА ИСТРАЖУВАТЕ ДО НЕДОГЛЕД.
За Кинезите, Кина е центар на светот. За оние, пак, што не ја посетиле и доживеале таа е голема мистерија. Долго време Кина се криела од остатокот на светот со Големиот кинески ѕид, кој внимателно го чувал спокојството на величествената империја и на цивилизацијата за чии вредности само се претпоставувало.
Кина е една од земјите во светот што може да биде горда на својата стара цивилизација. Станува збор за споменици на културата и за исклучително природно наследство. Во 21 век пр.н.е. во Кина е забележана првата династија Ксиа и уште оттогаш кинеската историја може да се најде во аналите. Во 221 година пр.н.е. царот Чин Шихуанг под свое владеење ставил различни, завојувани кралства и ја создал првата обединета, мултинационална централизирана држава во историјата на Кина. Потоа, сè до почетокот на нашиот век, династиите Чин, Хан, Веи, Јинин, Суи, Танг, Сонг, Јуан, Минг и Кинг владееле со Кина илјадници години. Историјата зачувала остатоци од големи богатства – прекрасни палати, споменици со античка архитектура, непроценливи културни раритети. Вистински сведоштва за проучување на историјата и на културата на Кина. Кина се наоѓа во источниот дел на азиското копно, на западниот брег на Тихиот Океан. Зафаќа површина од 9,6 милиони квадратни километри, каде што егзистира исклучителен спектар на флора и фауна, со што Кина е сопственик на најголемото и најразновидното природно наследство. Античката историја ù ги остави на кинеската нација највредните културни и природни атракции што сега му припаѓаат на целиот свет. Денес голем број културни вредности на земјата се соочуваат со закана од постепено уништување и Кина и светот имаат неодложна задача да ги зачуваат.
Од 1985 година Кина е вклучена во Конвенцијата на УНЕСКО за зачувување на светското културно наследство. Станува збор за 15 објекти на културата и архитектурата: Кинескиот ѕид, царската палата Гугонг, камените пештери Могао, гробницата Чин Шихуанг и нејзините гробни статуи на воини и коњи, Куфу, родното место на Конфучиј, античките архитектонски градби во планините Ван, палатата Потала, планините Лушан, античкиот град Пингјао, градините Сужоу, античкиот град Лиџијанг, летната царска палата Јихејуан, Небесниот храм во Пекинг… Сето ова рефлектира цивилизациски развој што е дел од целокупното богатство создадено на планетата.
БОГАТА ИСТОРИЈА И КУЛТУРА
Историјата на Кина е фасцинантна и зафаќа милениумски периоди. На пример, само за главниот град Пекинг се резервирани седум места во Списокот на светско наследство на УНЕСКО. Би го споменале Небесниот храм, кој претставува комплекс од таоистички згради лоцирани во југоисточниот дел на Пекинг. Храмот зафаќа површина од 270 хектари и е околу три пати поголем од Забранетиот град. Главните згради во паркот биле изградени во 1420 година, од династијата Минг, поточно за време на царот Јонгл, кој го изградил и Забранетиот град.
Во состав на Небесниот храм има три големи групи згради, изградени во согласност со строгиот филозофски план. Во кинеската митологија кругот е симбол на „небото“, плоштадот е симбол на „земјата“, а целиот комплекс, со сите кружни градби покриени со темни плочки и квадратни дворови, е замислен како врска меѓу нив. Во 1998 година Небесниот храм е ставен на Списокот на светско наследство на УНЕСКО.
КИНЕСКИОТ ЅИД И ЗАБРАНЕТИОТ ГРАД
Кинескиот ѕид е една од најголемите и најпосетуваните атракции во Кина. Се протега на 6.700 километри кон запад и поминува низ девет провинции. Големиот ѕид се состои од sидишта, премини, караули, замоци и утврдувања. Тој претставува еден од највеличествените антички одбранбени системи, висок 10 метри и широк 9 метри. Неверојатната изградба на Кинескиот ѕид започнала во 3 век пр.н.е. за време на владеењето на првиот кинески император Чин Шихуанг. Во време на изградбата, кога на власт бил Чин Шихуанг, ѕидот го граделе околу 2.000.000 луѓе.
Изградбата на ѕидот траела 20 века, односно била завршена во 17 век од нашата ера. Погрешно е да се мисли дека Кинескиот ѕид е непрекинат бедем за одбрана од остатокот на светот затоа што главна цел за неговата изградба била одбраната од нападите од север. Поради тоа, прво биле изградени деловите во Северна Кина. Тие ги заштитувале селаните во плодните полиња во Централна Кина од честите упади на номадските племиња од север кои барале пасишта за својот добиток.
На секои 100-200 метри има набљудувачници, вкупно околу 20.000. Се користеле сигнали од чад или знамиња за да се предупредат другите војници стационирани покрај ѕидот за доаѓањето на непријателот за да можат војниците да ги заземат своите позиции. По овој пат армијата можела да се движи многу побрзо од непријателите. И покрај ѕидот, монголскиот војсководец Џингис Кан и неговата коњица успеале да влезат во Кина во 1211 година.
Поголем дел од ѕидот што постои денес потекнува од династијата Минг. Најдобро е зачуван делот во Бадалинг, во Пекинг. Кога американските астронаути биле на Месечината, констатирале дека тоа е единственото нешто направено од човечки раце што може да се види оттаму. Кинескиот ѕид стана симбол на националното единство и најголема кинеска туристичка атракција. Во 1987 година Големиот ѕид е запишан во Списокот на светско наследство на УНЕСКО.
Забранетиот град претставува една од најфасцинантните атракции на Кина од периодот на првиот кинески император Чин Ши Хуанг, пред 2.200 години. Осум илјади глинени воини во природна големина требало да послужат како војска на императорот во задгробниот живот. Интересно е дека секоја статуа има уникатни карактеристики на лицето и нема две исти. Некои делови сè уште не се ископани, а тие се само дел од мавзолејот на царот Чин, кој зафаќа површина од околу 56 км2 и сè уште не е истражен. Откритијата од местото каде што се ископани фигурите од теракота денес се изложени во Музејот на првиот император на династијата Чин во Сиена, во провинцијата Шанкси. Мавзолејот е откриен сосема случајно во март 1974 година кога селаните од селото Ксијанг се обиделе да ископаат бунар за да се спасат од сушата. На длабочина од 4 метри пронашле фрула, под од тули и бронзен лак со стрели. Набрзо започнале археолошките ископувања, а Музејот на првиот император на династијата Чин бил поставен на урнатините и бил отворен за јавноста во 1979 година. Во 1980 година биле откриени две насликани бронзени кочии, половина од реалната големина, 20 метри западно од гробот на императорот. Секоја била составена од 3.000 различни парчиња (во 1.720 парчиња накит имало 3.033 грама злато и 4.342 грама сребро). Во 1987 година Мавзолејот на првиот кинески император е запишан во Списокот на УНЕСКО за светско културно наследство во Азија и Океанија.
Уште една фасцинантна дестинација се пештерите Могао, познати како Илјада пештери на Буда, југоисточно од Дунхуанг. Во системот од 492 пештери вдлабени во источните падини на планината Мингша се наоѓаат некои од најголемите будистички уметнички богатства. Покрај нив, денес многу мали или заборавени места на поранешниот Пат на свилата, сведочат за раскошот, моќта и величественоста на Кинеското Царство.
Задолжително треба да се посетат гробниците Минг што се наоѓаат во подножјето на планината Тјаншу, околу 50 километри северозападно од Пекинг. Тука се закопани 13 од 16 императори од династијата Минг, така што гробниците се познати и како Тринаесет гробници. Гробниците зафаќаат површина од 40 квадратни километри и во 2003 година се внесени во Списокот на светско наследство на УНЕСКО.
Летната палата се наоѓа во северозападните предградија на Пекинг, на околу 5 километри северозападно од Универзитетот во Пекинг. Зафаќа површина од 290 хектари и претставува еден од најубавите примери на кинеската архитектура. Во 1998 година летната палата е внесена во Списокот на светско наследство на УНЕСКО.
„Пекиншки човек“ е назив за голем број фосилизирани коски пронајдени во Кина во 20-тите години од минатиот век. Се смета дека откритијата се стари приближно 500.000 години, иако се претпоставува дека некои нови откритија се стари околу 680.000-780.000 години. Тие биле од голема важност затоа што содржеле клучни информации за животот на хомо сапиенс. Во 1941 година додека Пекинг бил под јапонска окупација, фосилите на пекиншкиот човек биле земени за да се пренесат во САД. Но тие никогаш не пристигнале во САД. Постојат шпекулации дека бродот потонал, дека војниците ги продале за лекови или, пак, биле уништени.
Овој археолошки локалитет е запишан во Списокот на светско наследство во Азија и во Океанија во 1987 година, а ископувањата на ова место продолжуваат. Локалитетот е извонреден доказ за човечката заедница на азискиот континент за време на праисторијата и еволуцијата на хоминидите; откритието на пекиншкиот човек го потврди континуитетот во развојот на хоминидите.
Тешко е да се наведе што сè може да понуди Пекинг. Ова е уникатен главен град на културата, традицијата и историјата. Пекинг крие богато архитектонско наследство. И не само тоа. Ова е град на големи луѓе, добра храна и забава. Пекинг е град во кој се гарантира совршен одмор и затоа е една од најдобрите дестинации за незаборавно патување.
ПЕШТЕРАТА ЈУНГАН И ПАЛАТАТА ПОТАЛА
Пештерите Јунган се антички будистички храмови изградени во пештери во близина на градот Датонг во денешната кинеска провинција Шанкси. Тие се сметаат за еден од најдобрите примери на архитектурата врежани во карпа и претставуваат едно од трите најпознати места на скулпторска уметност во Кина, а другите се Лонгмен и Могао.
Местото се наоѓа на околу 16 километри југозападно од градот, во долината на реката Ши Ли и во подножјето на планините Вужу Шан. Пештерите биле врежани во периодот од 460 до 525 година за време на владеењето на династијата Северна Веи. Тие претставуваат најдобар пример на кинеската уметност за сечење камења од 5 и 6 век. Има вкупно 252 пештери со повеќе од 51.000 статуи на Буда. Во 2001 година УНЕСКО ги прогласи пештерите Јунганга за светско наследство.
Палатата Потола е симбол на Тибет. Во 1994 година официјално е заштитена од УНЕСКО како светско културно наследство. Претставува богатство од антиквитети од тибетската историја, религија, култура и уметност. Позната е по прекрасните скулптури, мурали, будистички споменици и религиозен накит.
ПРИРОДНИТЕ УБАВИНИ НА КИНА
Колку и да им се воодушевуваме на човечките креации, уметнички дела и прастари артефакти, чија намена одамна е заборавена, чистата и недопрена природа е во состојба да ги создаде најголемите и најубавите творби. Токму затоа неверојатната природа на Кина секоја година ја посетуваат стотици милиони туристи затоа што овде навистина може да се видат такви предели, по што долго ќе ви недостасува „небесното царство“.
Можеби не можете да ги посетите сите национални паркови во Кина, но за неколку од нив задолжително одделете време затоа што се вбројуваат во најпопуларните туристички дестинации. Националниот геопарк Zhangye стана познат во целиот свет по шарените разнобојни карпи и се смета за еден од најубавите и најнеобичните во цела Кина. Како и повеќето вакви места во Кина, така и овој геопарк е светско наследство на УНЕСКО. Националниот парк шума Zhangjiajie, исто така, светско наследство на УНЕСКО, се наоѓа во градскиот округ Zhangjiajie. Паркот се состои од повеќе од три илјади планински врвови, а највисоката точка е 1.890 метри надморска височина. Ова место било инспирација за многу големи луѓе. Тука се наоѓа и највисокиот лифт на отворено во светот, кој се издигнува до 360 метри. Паркот Jiuzhaigou на прв поглед збунува со комплицираното име што значи долината на девет села и се наоѓа на северот од кинеската провинција Сечуан. Познато е по убавината на плитките езера што меѓусебно се поврзани, така што изгледаат како водопади. За важноста и вредноста на овој парк сведочи и фактот дека од 1992 година се наоѓа на Списокот на УНЕСКО. Исто така, паркот е вклучен во Списокот на 100 најубави места на Земјата.
Светот е полн со убавина, шарм и авантура. Патувајте, сонувајте и уживајте во животот, во откривањето на непознатите различни обичаи, култура, начинот на живот, излезете од сопствената зона на удобност и доживејте автентично искуство. А Кина ви го нуди токму тоа.