ВЕНЧАВКАТА И ПРОСЛАВАТА ПО ПОВОД СКЛУЧУВАЊЕТО БРАК ЗА МЛАДОЖЕНЕЦОТ И МЛАДОЖЕНКАТА СЕ НАЈВАЖНИТЕ, НАЈУБАВИТЕ МОМЕНТИ ОД НИВНИОТ ЖИВОТ НА КОИ ЌЕ СЕ СЕЌАВААТ ДО САМИОТ КРАЈ, БЕЗ ОГЛЕД НА ТОА ШТО ПОДГОТОВКИТЕ ЧЕСТО СЕ ИСПОЛНЕТИ СО СТРЕС. ЗА ДА СЕ ИЗБЕГНАТ ПСИХОЛОШКИТЕ ПРИТИСОЦИ, НЕОПХОДНО Е ИСТИТЕ ДА СЕ НАПРАВАТ СО ВРЕМЕ, СОГЛАСНО ПЛАНОВИТЕ И СОВЕТИТЕ НА ОРГАНИЗАТОРИТЕ
Работите кои треба да ги завршите до денот на венчавката и свадбата, прославата по повод склучувањето брак навистина се многу, тоа е факт. Особено ако сакате да биде онаков каков што сте го замислувале отсекогаш перфектен, совршен. За секој случај, бидете подготвени на препреки што за време на подготовките ќе ви се чинат како нерешливи задачи, но не очајувајте бидејќи тоа е само привид. На денот буквално сè ќе биде супер, тогаш работите се доживуваат инаку, на друг начин поубаво. Затоа, опуштете се. Но сепак за да си олесните, не се колебајте дали да вложите средства во ангажирање вистински професионалец кому организацијата му е занимање. Верувајте, повеќе се исплаќа. Можете да го ангажирате целосно, делумно или само да се консултирате со него. Започнете навреме, зошто да не и десет месеци порано, ако не сте врзани со тајминг. Организаторите велат дека тоа е идеално време за да немате главоболка. Списокот можеби е со голема должина, но штом ќе почнете да ги пречкртувате готовите работи, една по друга, ќе ви олесни. Патем не заборавајте да го приспособите на своите желби, дали сакате мала или голема свадба, на отворено или пак во ресторан.
СОГЛАСНО ТРАДИЦИЈАТА, ОБИЧАИТЕ
Врз основа на приоритетите кои ќе се најдат во листата (пред сè ќе ја утврдите датата), извршете ја и распределбата на работите. Особено важно е поканите на гостите да им ги пратите навремено, да си планираат. Откако ќе ја закажете венчавката, склучувањето брак во матично (народски кажано) и во црква, ќе резервирате место за прославата, било ресторан, било ливада, покрај езеро…, каде што ќе распнете шатори, платна во вид на летни натстрешници…, направете го тоа веднаш. Доколку сакате лично да им ги дадете, на рака, од месец до месец и половина е идеално време пред свадбата, не помалку од три недели. Се разбира, една од постоечките можности е гостите да ги поканите и со помош на електронски комуникации, преку компјутерска мрежа, со напомена да го зачуваат датумот (save the date) официјално, три месеци пред големиот ден. И ним им треба време да се подготват. Истовремено замолете ги да ја потврдат својата присутност. Штом знаете кои ви се приоритетните задачи, полесно ќе ги донесувате и другите, натамошни одлуки. Заедно, во секој случај. Не смеете да бидете себични, венчалниот фустан не може да е поважен од свадбениот костум, на пример. И обратно. Сè во рамките на испланираниот буџет. Согласно искуствата, секогаш се преминува. Не му дозволувајте секому да ви се меша во подготовките, тоа е сепак ваш ден. Можете да ги вклучите само родителите и кумовите. Во спротивно, ако им допуштите, бидете флексибилни. На крајот на краиштата, вие го имате последниот збор. Гледајте да си ги поедноставите работите, а и прашање на договор е буквално сè. Оттаму и кога се работи за бурмите. Можат да ви ги купат и првите сведоци, т.е. кумовите. Во согласност со традицијата, обичаите.
Доколку се одлучите за прослава во ресторан, изборот нека соодветствува на вашите критериуми, вклучувајќи го и вкусот ентериерот е битен исто како и удобноста и понудата на јадења, пијалаци. Без исклучок на декорацијата. И музиката, се разбира. Доброто расположение во голема мера зависи од неа, суштински. Во исто време би требало да кореспондира и со стилот на свадбата и што е особено важно, да се поклопува со музиката која приватно ја слушате. И музичарите се одговорни за веселата атмосфера. Ако имаат големо искуство, нема причина за сомневање.
ВО ТЕСНА КОРЕЛАЦИЈА СО ВИСТИНСКИТЕ ПРОФЕСИОНАЛЦИ
Украсувањето препуштете им го на вистинските професионалци, не само дома туку и во ресторанот или пак во распнатите шатори, на отворено доколку се одлучите за такво нешто. Во последно време е доста популарно, се практикува сè повеќе. Од сите страни се растегнуваат и платна во вид на летни натстрешници, а неретко се прославува и под ведро небо. Аранжманите на цвеќињата мораат да се вклопуваат во целината (пригодниот амбиент), да се усогласуваат со останатите декоративни предмети. Невестинскиот бидермаер, исто така. По ваша желба. Дозволете им токму ним да ја раскажат вашата љубовна приказна, но на свој начин единствен, уникатен.
Свадбениот костум би требало да одговара во целост на венчалниот фустан (сосе аксесоарите, шминката и фризурата), да се сложуваат еден со друг за сликовито да се прикаже и меѓусебната поврзаност на младоженецот и младоженката и (на)дополнувањето меѓу себе. За овековечување на големиот ден, ангажирајте лице што се занимава по професија со фотографирање. По неколку години, па и децении, фотографиите ќе ве потсетат на него и на важните, главни моменти од венчавката и прославата по повод склучувањето брак засекогаш врежани во сеќавањето. Нека ве следи во чекор, насекаде. И во матично и во црква. Постои можност административното лице што венчава, т.е. матичарот да дојде до местото на кое би сакале да го извршите чинот на стапување во брак (граѓански), пред своите блиски роднини, пријатели… Но, за секој случај, претходно распрашајте се за сите детали, па дури и за цената. Доколку сте проникнати со религија, набожни луѓе, не го изоставајте заветувањето на верност и љубов. Тоа е свето религиозен обред на склучување брак, темелот и на семејството и на општеството. Кога е православието во прашање, има денови во кои свештениците не венчаат, согласно со црковните канони. Од таа причина, информирајте се подобро.
Веднаш по чинот на стапување во брак (граѓански), вклучувајќи го и религиозниот обред на склучување брак и свадбените обичаи што генерално се дел од традицијата, следи прославата за која е потребно да бидете опуштени, максимално. Релаксираната атмосфера е предуслов за добро расположение. Стопроцентно препуштете ù се, окружени со најблиските, оние што ги сакате. Нема потреба да повикувате некого на свадба, чие присуство не ви значи ништо. Своите чувства, длабокото задоволство од семејната среќа, споделете ја само со луѓето кои отворено, искрено се радуваат заедно со вас за вас. А, организацијата доверете им ја на тие што си ја знаат работата, вистинските професионалци. Во согласност со вашите желби, но и под ваша контрола.