Денешново време како никогаш досега изобилува со голем број соработки и соединувања меѓу автомобилските компании. Некои здружувања се распаѓаат, некои сè уште постојат, а некои буквално вчера се остварија и за чудо плодовите од тие соработки веднаш се видливи. Како најсвеж пример ќе го спомнеме договорот за соработка меѓу Сузуки и Тојота. Од тој договор неодамна беше лансиран „сузуки акрос“, сув возило правено на основа од веќе надалеку познатиот тојотин „рав 4“.
Не поминаа ни два месеци, а Сузуки повторно е во акција и повторно со светска премиера, моделот „свејс“. Ова е комбилимузина, модел позајмен од Тојота, легендарната „корола“ во комби, стејшн вагон, односно наједноставно кажано караван изведба. Со мали измени на предниот и задниот одбојник, светлосната групација и маската, а останатото е многу слично (исто) со „тојота корола туринг спортс“.
Должина, ширина и висина 4,65 х 1,79 х 1,46 или во превод конкуренцијата од „королата“ сега преминува и на „сузуки свејс“. Да не ги набројуваме сега припадниците во сегментот „ц“, да не испуштиме некој, а потоа увозниците да ни замерат. Одделот за товар располага со 596 ccm (затоа што ова е караван изведба), а со соборени задни седишта преку 1100 ccm.
Овдешниов пазар ќе мора да се задоволи со бензинскиот 1,8 литарскиот хибриден погон и неговите 122 КС. Колку и да е агрегатот скромен со силината, сепак 11,1 секунда од 0 до 100 км/ч и максимална брзина од 180 км/ч се домаќински брзински способности. Тука мора да се нагласи средната потрошувачка на гориво од 4,2 литри и 99 грама на јаглероден диоксид на секој изминат километар. Ако некој сака поснажен мотор, нека почека до следната пролет за кога е закажано вградување на 2,0 литарскиот.
„Сузики свејс“ е сосема умерен автомобил во секој поглед и како што велат од Сузуки, загарантирано задоволување на потребите на едно семејство.
Жарко Атанасоски