„Сузуки мисано“ е отворен спортски двосед со должина од само четири метри, нешто како малите двоседи на Лотус. Инспирацијата за создавање на ова возило е црпена од чудата на две тркала, класа во која Сузуки е еден од водечките производители во светот.
Автомобилот е сè уште концепт и е направен со заеднички сили на Сузуки со група од 24 студенти од школото за дизајн „ИЕД“ (Институто Еуропео ди Дизајн), од Торино. Покрај нив во проектот свој придонес имаат дадено: ЕДАГ Италија, Торино Креа, Фриленд.кар, Раитек, Пирели и ОЗ Рејсинг.
„Сузуки мисано“ е задвижуван од четири електромотори, по еден на секое тркало, поседува управувач кој повеќе наликува на тој од мотоциклите, но и функциите што ги има се идентични на мотоциклите, а за седиштата воопшто да не зборуваме – тие се во тандем, едно зад друго, а не едно до друго како што сме навикнале кај возилата на четири тркала. Распоредот е нарочно така направен, со цел до крај да се испочитува мотоциклистичката филозофија, а ниското тежиште и батерија сместена во подот од возилото е гаранција за стабилноста и подвижноста на двоседот.
Зборот „мисано“ звучи многу јапонски, но воедно има и италијански корени. Добар потег на конструкторите, не само што направиле супер автомобил за забава, туку и името му го погодиле. Мисано е местото во Италија каде има тркачка патека именувана како Марко Симончели, односно Мисано Адријатико е општина во провинцијата Римини во регионот Емилија Ромања на 120 км од Болоња.
Досега нема никакви најави за нешто посериозно од концепт. Дали овој потфат на Сузуки и студентите е само проверка на пулсот на светската јавност и план за подготовка на нешто многу посериозно?
Жарко Атанасоски