SUZUKI ALTO HYBRID-„АЛТО“ ПО ДЕВЕТТИ ПАТ

10/01/2022

Во последно време малку се пореметија работите околу претставувањата на новите модели, најнапред премиерно се претставуваат официјалните фотографии, а по пауза од неколку денови, производителот приредува официјално претставување на новиот модел, најчесто во кругот на фабриката или главната дирекција. На некој начин имаме двојна премиера, само со фотографии, а веднаш потоа следи претставување на автомобилот во живо пред светската, повторно дигитална, јавност. Истото го прави и Сузуки со деветтата генерација од моделот „алто“. Светската премиера со фотографии ја доживеа и сега се чека на премиерата кога автомобилот ќе биде физички присутен.


Првите фотографии веднаш го наметнуваат прашањето за дизајнот. Нешто чудно се случува со новиот облик на моделот „алто“ и од неразбирливи причини истиот е позајмен од претходните модели. Новиот дизајн на „сузуки алто“ воопшто не е нов, туку е веќе виден и тоа не сега скоро, туку поодамна. Како да е направено благо редизајнирање на старите решенија и толку.
Ако претходната генерација поседуваш малку агресивност во дизајнот, новава има повеќе од питом изглед, да не речеме детски. Мало двопросторно возило со облик кој потсетува на кутивче, но токму тие линии обезбедуваат најмногу простор, а всушност тоа се бара од мал автомобил, секој кубен сантиметар кај овие автомобили е повеќе од битен.
Погонските единици, некои од нив, ќе бидат со умерена хибридна технологија. Во најава се два бензински мотори, едниот од 0,8 литри, а поголемиот од 1,0 литри можно е да биде позајмен од моделот „целерио“, додека третиот најмалиот (0,66 литри) по зафатнина мотор, исто така, бензински, најверојатно ќе биде наменет исклучиво за домашниот пазар. Сузуки отсекогаш имал солидни погонски единици со мала зафатнина, така што изборот на моторот ќе зависи од тоа што бараат одделните пазари. Некаде ќе се нудат и двата мотори, а некаде само едниот. Силината од моторите ќе се пренесува само до предната оска, но производителот најавува и погон на сите тркала со автоматски менувач „цвт“.

Сузуки знаел да вгради и турбо компресор во некој од моторите, но дали овој пат ќе го стори тоа, ќе треба да почекаме до наредната година. Се спомнува и системот за престанување на работа на моторот кога автомобилот стои на семафор, односно новиот „алто“ ќе поседува систем за заштеда на гориво. Сигурно новото „алто“ ќе има уште многу слични и различни дигитални системи, само чекаме производителот официјално да ги обелодени, а потоа ќе ги спомнеме сите. Засега е познато дека висината е зголемена за 50 мм, односно сега „сузуки алто“ е висок 1.525 мм, долг 3.395 и широк 1.475 мм, додека меѓуоскиното растојание располага со 2.460 мм. Интересно е тоа што одделот за патниците сега е покус за 25, но затоа е повисок за 45 мм. Овие разлики во димензиите во однос на претходната генерација се должат на новата платформа на која е основа за конструирање на новото „алто“. Колку за информација, Мазда ќе го користи моделот „алто“ под името „керол“, исто така, за домашниот пазар.

Сега светот чека на физичкото претставување на „сузуки алто“ кое треба да се случи на домашно тло во првото тримесечје од 2022, а веднаш потоа ќе следи и претставувањето на моделот за останатите пазари во светот. Велат основниот модел ќе чини 8.700 долари (7.672 евра), и треба да и веруваме на јапонската компанија.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.