SUBARU OUTBACK -СУБАРУ СО „ПРЕОДНА ОЦЕНКА“, ШЕСТКА

05/04/2021

Нешто повеќе од пет недели нè делат од светската премиера на шестата генерација од „субару аутбек“. Возилото е направено на сосема нова основа (платформа) наречена „сгп“ (субару глобална платформа) која гарантира поголема цврстина за дури 70 отсто во споредба со претходникот. Со тоа многу е подобрена стабилноста на правците и побрзо и попрецизно управување. Тоа доволно кажува за сериозноста на Субару и неговиот приод кон начинот на конструирање нови возила кои треба да се справат со конкуренцијата. Генерално и конструкцијата е зајакната и воедно е подобрена заштитата од судари надополнета со најновите електронски уреди, но подобрени се и теренските способности на новиот „аутбек“. Сега најниската точка на возилото од подлогата се наоѓа на висина од 241,3 мм. И да не го заборавиме новиот уред „иск моуд“ со чија помош возилото во само една секунда е подготвен за возење на снежен и каллив терен. Совладувањето на нерамнините се одвива преку следниве бројки – агол на приод 20,7º, аголот на напуштање на нерамнините е 23,6º, додека „вага“ аголот е 21,2º.

Внатрешноста е во линија со намената на возилото, односно материјалите со кои се прекриени седиштата се водоотпорни, а за време на возењето патниците можат да се забавуваат со 11,6 инчниот екран и сето тоа е сериска опрема, а не дополнителна. Кога сме веќе во кабината да го спомнеме и одделот за товар кој располага со максимални 2.143 литри со соборени задни седишта или со вообичаените 522 литри. Во сериската опрема спаѓа и погонот на сите тркала, како и системите за активна контрола на возилото при совладување на свиоците и контрола на возилото при совладување надолнини.Четири цилиндри поставени во V формација под агол од 180 степени, односно боксер мотор, со вкупна работна зафатнина од 2,4 литри. Атмосферскиот мотор со 180 КС е наменет за овдешниов пазар, а тој со турбо компресор и 260 КС за тој преку „големата бара“.

Сепак нештата околу моторот не се потврдени и затоа ќе почекаме да видиме дали тој со турбо ќе биде пуштен во продажба и на други пазари, или ќе биде наменет исклучиво за амерканскиот. Светската премиера ја очекуваме во првата половина од месец мај.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.