КАКО МИНАТИТЕ ЛЕТА СО ДЕЦЕНИИ НАНАЗАД ТАКА И ОВА, ЕСПАДРИЛИТЕ СЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ КОГА Е АУТФИТОТ И НА МАЖИТЕ И НА ЖЕНИТЕ ВО ПРАШАЊЕ. А, ИМАЈЌИ ГО ПРЕДВИД ФАКТОТ ДЕКА СЕ ПРИСУТНИ И ВО РЕКЛАМНИТЕ КАМПАЊИ, РЕВИИТЕ НА МОДНИТЕ КРЕАТОРИ ЗА ПРОЛЕТ-ЛЕТО 2024, ВО СИТЕ ВАРИЈАНТИ, ЗА СЕКАКВИ ПРИГОДИ, СТАНУВА ОЧИГЛЕДНО ДЕКА УШТЕ ДОЛГО ЌЕ ГИ НОСИМЕ. СО ЗАДОВОЛСТВО, ПОРАДИ НИВНАТА ЛЕСНИНА, ПРЕД СÈ
За овие летни обувки се говори дека првично биле наменети за селаните, особено до 14 век, но подоцна, благодарејќи на нивното стилизирање, посебно во 20 век, ги популаризираа ликовните уметници Пабло Пикасо и Салвадор Дали, во голема мера и претседателот на САД – Џон Кенеди, па „Ив Сен Лоран“… Инспирацијата на модните креатори не е дискутабилно прашање, таа е буквално секаде. Важноста на рекламирањето исто така е особена, како и упорноста за еспадрилите во последните неколку години да станат незаобиколна потреба, дел од гардеробата, целокупната облека на едно лице, било маж, било жена. Денес овие лесни летни обувки, познати по ѓонот од коноп, не се резервирани само за на плажа, за незадолжителните посети на културните, историските знаменитости, на местата близу вашето престојувалиште за време на одморот. Напротив, еспадрилите се алтернатива и за други пригоди, како на пример за матинеа, ноќни забави – комбинирани со многу елегантна облека. Бродарењето се подразбира некако, возењето со глисер, крстарењето со јахта… Предноста е во нивното приспособување. Стилизирањето им го дозволува, овозможува и тоа, секако.
ШПАНИЈА, КОЛЕПКАТА НА ЕСПАДРИЛИТЕ
Кога се работи за мажите, бојата, или пак дезенот, апликацијата игра важна улога во изборот неопходен за соодветната комбинација, додека жените имаат две, односно три опции на располагање – рамни, со високи потпетици, вклучително и еспадрилите сандалии. Извесно време се врзуваа исклучиво со сафаријата, стилот врзан со нив, боите (земјените, пред сè)…, а денес ограничувањата се сведени на минимум. Само да не се премине преку границата на вкусот. Нормално, ни децата не се заобиколени. Овие лесни обувки се идеални за во лето и за нив. Есенцијална им е удобноста и покрај тоа што се цврсти, тешко свитливи поради ѓонот од коноп, совршени за детска игра, меѓу другото.
За колепка на еспадрилите се смета Шпанија, поточно Каталонија, Баскија и Арагон. Името е варијабилно поради тамошната дијалектна разновидност – „алпагатас“, „еспардењес“ (кат.), „еспартењас“, „еспартинак“ (баск. спартанци), а потекнува од називот на растението еспарто, автохтоната трева која вирее само во јужниот дел на Шпанија и се користи за производство на јажиња, кошници, следователно и на коноп за изработка на ѓонови за овие летни обувки. Горе се платнени, од памук. Стилизирањето е дозволиво само на ткаенината, во смисла на шари, украси, бои. Еспадрилите и натаму се произведуваат во Шпанија, но голем дел од производствените компании се наоѓаат и во Бангладеш.
Наводно распространувањето на целиот европски континент во смисла на масовна побарувачка, согласно понудата, започнала некаде во почетокот на 1320-тите, кога помамата била толкава што ги носеле буквално сите, од анонимуси до познати танчарки, како на пример од Валенсија, кои се надалеку прочуени. Наскоро интересот за нив се проширил и во светски рамки, па дури и меѓу андиските планински луѓе. Зборот еспадрила всушност е од француско потекло („еспадриј“), попрецизно од провинцијата Окситанија каде што се и производствените фирми, во значителен број. Сепак, најстарите примероци од овие лесни летни обувки се врзуваат со времето пред 4.000 години. Денес женските еспадрили потсетуваат најмногу на нив, поради лентата од истото платно што се врзува на глуждовите, а и не го покриваат целото стапало. На средината се отворени, некогаш и одзади. Такви биле и машките.
СО ДОЗА НА ЛУКСУЗ, ЕЛЕГАНТНИ КАКО НА „ИВ СЕН ЛОРАН“
Златната доба на еспадрилите се смета дека била во 40-тите години на минатиот век. Уругвајците и Аргентинците ги носеле масовно, заменувајќи ги традиционалните обувки направени од коњска кожа, на потколеницата. За време на студентските демонстрации, бунтувања против Хуан Перон, учесниците извикувале „Не за диктатурата на еспадрилите“, а приврзаниците на претседателот им контрирале со „Еспадрили, да – книги, не“. Од јужноамериканските држави, нивните жители, овие летни обувки се масовизирале и во САД чие популаризирање се должи на глумицата Лорин Бекол и филмот „Key Largo“, снимен во 1948-ма.
Еспадрилите во форма на клинови ги лансираше модната куќа што го носи името на креаторот Ив Сен Лоран, во рамките на парискиот саем во 1970-та. Заедно со шпанскиот производител „Кастањер“ ја смени перцепцијата за овие лесни летни обувки, претворајќи ги во елегантни, со доза на луксуз. Веднаш станаа голем хит. И ден-денеска инспирираат. Во комбинација на шорц, фустан, долги панталони се идеални, дополнети со шешир, накит…
И женската и машката колекција за пролет-лето 2024 на „Ралф Лорен“ е заснована на луксузот, елеганцијата која зрачи од еспадрилите, заедно со целокупната облека што се комбинира со нив. Не се исклучок ниту останатите модни куќи. Така е веќе неколку години, по нивното влегување на голема врата во 1984-та, кога во серијалот „Miami Vice“ ги носеше актерот Дон Џонсон, во улогата на Сони Крокет. Паузите секогаш се добредојдени кога треба одново да се завладее со модната сцена, повремено. Иако начинот на изработувањето е ист, цените се различни – достигнуваат до 500 долари. Најниската е десетина. Производството се состои од машинско плетење на конопот, а најголемиот дел од него е рачно, шиењето и на јажето и на платното со ѓонот. Разноликоста на нивниот надворешен изглед во смисла на боја, дезен, апликација е таа што ги прави не само посебни туку и привлечни, атрактивни на свој, исто така посебен начин. И летово и наредното, сигурно.