АМЕРИКАНСКАТА КОМПАНИЈА ЧИЈА СЕСТРАНА МОДА ВЕЌЕ 55 ГОДИНИ Е АЛФА И ОМЕГА ВО СВЕТОТ, ЗА НЕЈЗИНИТЕ ПРИВРЗАНИЦИ СЕ ИСПРОБА И ВО ЕНТЕРИЕРНОТО УРЕДУВАЊЕ И ВО РЕСТОРАНСКАТА ДЕЈНОСТ, УГОСТИТЕЛСТВОТО И НАПРАВИ БУМ. СЕКАКО, ЛУКСУЗОТ БЕШЕ НЕЈЗИН ПОЈДОВЕН КРИТЕРИУМ, А ДЕНЕС Е НАМЕНЕТ ЗА СИТЕ, БЛАГОДАРЕНИЕ НА ПОВЕЌЕТО РАЗЛИЧНИ БРЕНДОВИ. ГОДИНАВА Е ЈУБИЛЕЈНА ПЕТ ДЕЦЕНИИ ОД ЛАНСИРАЊЕТО НА КУЛТНАТА ПОЛО МАИЧКА, НЕЈЗИНИОТ ЗАШТИТЕН СИМБОЛ, ЗНАК
Нејзин основач е Ралф Лорен, 83-годишниот дизајнер кој е активен и денес. Компанијата ја отворил во 1967 година, на 28 години. По пет години ја лансирал култната поло маичка и веднаш го привлекол вниманието на помодарите, без оглед на примената – играчите на поло да се чувствуваат пријатно и комотно. Годишнината се одбележува како што му прилега на исконското парче облека – објавување книга за него. „Ralph Lauren Polo Shirt“ може да се нарача и онлајн (чини 36,95 долари), а приказната е раскажана на 496 страници. Во текот на изминатите пет децении, поло маичката е стилизирана повеќепати, согласно марката – од амблемите до нејзините мотиви, а може да се дизајнира и по желба на купувачите. Ја носат буквално сите, од познати актери до музичари, спортисти. Омилена им е на членовите на кралските семејства, но и на обичните луѓе. Последниве години се фаворизира мечето како заштитен симбол, знак на Purple Label (еден од брендовите за мажи). Поло маичката е дел од гардеробата и на олимпијците од Америка и на учесниците во US Open Tennis Championships, на Вимблдон. Палетата на боите е многу богата. И цената е стандардна, непроменета со децении – околу 100 долари. Во лето е хит. Но има и поло блузи со долги ракави, за постудено време. Ја носат мажи, жени, деца, бебиња (боди).
Ралф Лорен е дизајнер, основач на компанијата, мултимилијардер (неговото богатство вреди 7 милијарди американски долари), познат филантроп и колекционер на ретки автомобили, повеќето изложени во музеи. Од управничката позиција во корпорацијата се повлекол во септември 2015 година, но и денес е активен како претседател на Извршниот одбор и главен креативен директор. Без оглед на родното место (њујоршки Бронкс), потеклото на Лорен е белоруско. Имено, неговите родители биле еврејски имигранти. Се школувал на Менхетн, а студиите по бизнис на CUNY Baruch College ги напуштил по две години за да служи војска. Првото работно место, асистент на продажба во стоковната куќа Brooks Brothers, му овозможило да се вработи како продавач на вратоврски во Rivetz of Boston, а потоа преминал во Beau Brummell, чие мото The Original Gentleman of Style се употребува и денес. Притоа се договорил со мануфактурниот сопственик за линија со негов потпис, а набрза се осамостоил, т.е. отворил своја продавница за вратоврски. Другото е резултат на перманентното надградување, проследено со успех. Сè досега.
И машките и женските и детските и бебешките колекции се разновидни, поделени на неколку марки, брендови: Polo Ralph Lauren, RLX, Double RL, Pink Pony, Golf, Purple Label за мажи, Collection и Lauren за жени. Обично асоцираат на живи бои, лежерност… иако елеганцијата (отменоста, префинетоста) е нивното друго име. Освен неконвенционална, облеката има и официјална примеса, инспирирана од пригодата. Се разбира, големиот квалитет е пресуден за компанијата, чие мануфактурно производство е раширено и во Италија. Неоспорно, таква е и трговската мрежа, односно продавниците на Ralph Lauren ги има насекаде, низ целиот свет. И купувачите, приврзаниците на модата, вклучително и трендовите што траат долго. Нејзините дизајнери, предводени од Ралф Лорен, й пркосат на конзервативноста, ги спојуваат нештата со придавката „неспоиво“, како боите, така и шарите. Софистицираноста е одлика на Polo Ralph Lauren. Од спортската, облеката за поло и казуалната, инспирирана од тибетската игра, па до аксесоарите, модните додатоци без кои не може да се замислат колекцијата и нејзините потколекции.
RLX и Golf се типични за спортист(к)и. Првата се карактеризира со високотехнолошки материјали, отпорни на вода, ниски температури, а втората е наменета за играчите на голф, наспроти Double RL инспирирана од вестерн-филмовите, каубоите и начинот, стилот на живеење, облекување. Џинсови, комбинезони… кожени аксесоари: додатоци, прибори – стилот е шармерски, согласно американизмот. Pink Pony, колекцијата од 2000 година, се дополнува редовно, секоја година, сезона. Канцерот и борбата против него е мотив за нејзината кампања. Се донираат 25 % од парите, односно продажбата, со цел да се овозможи терапија, третман за сите, квалитетно и неселективно.
Светот на Purple Label е машки. Негова одлика е рафинираноста. Колекцијата има пет линии – формална (папилотки, смокинзи, чевли, џебни шамичиња…), „спа“ (џогинг панталони, еспадрили, дуксери…), „ресорт/ ривиера“ (сезонска, т.е. летна), безвремена и „аксесоари“ (џебни шамичиња, чевли, часовници, торби, ранци, очила за сонце, вратоврски, колани – луксузни). „Виолетовата етикета“ е стожерна колекција, синоним на класиката. Со парфемот – истоимениот, но и другите, како Polo Blue, Ralph’s Club, Polo, Polo Red, Polo Black, Polo Ralph Lauren, Polo Earth и Ralph Lauren Collection.
Collection и Lauren се женски, во исто време и сезонски. Колекциите за лето ги карактеризираат луксуз и едноставност, а потколекциите воопшто не прават отстапки, не й се спротивставуваат на безвременоста во полза на трендот. Пригодната облека е свечена, вклучително и секојдневната, чиј раскош е повеќе од забележлив. И романтиката. Деликатните, фини текстури на белите тантели со пругавите, бело-сини панталони, сакоа… фустаните од американа, во сина или боја на морето, небото… фармерките со крпарии… се идеални за летната безгрижност. Неизоставно, аксесоари, костими за јавање и за бањање и, секако, парфеми, Romance, Woman, Ralph, Polo Earth, шафран, портокалов цвет, магнолија, лимета, крин, жалфија, амбер од Ralph Lauren Collection.
И ентериерното уредување и рестораните на Ralph Lauren се фасцинантни. Колонијалниот, но и модернистичкиот стил е доминантен, често и комбиниран. Лукузот се гледа во секој предмет. Bugatti 57SC Atlantic Coupe во минијатура, дел од неговата колекција ретки автомобили, меѓу нив и Ferrari 250 GTO и Mercedes-Benz Gullwing Coupe и 1955 Jaguar XKD, ги украсуваат не само канцелариите на богатите бизнисмени, туку и нивните домови. Квалитетот е висок, гарантиран. Како и деликатесите во чикашкиот, парискиот, њујоршкиот, миланскиот ресторан, еден или повеќе, уредени во стилот на компанијата, без исклучок на подвижните кафетерии во Њујорк, на отворено. И нивните кафиња.