СТИЛ-Јавање-КОЊИЧКИ СПОРТ ЗА РЕКРЕАЦИЈА-БРЗИНА, ЖИВОТНА СИЛА, УБАВИНА

07/09/2023

ЈАВАЊЕТО ВО ПОСЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ СЕ АКТУАЛИЗИРА ВО ГОЛЕМА МЕРА СО ЦЕЛ ДА СЕ ПРОДОЛЖИ МЕЃУ ДРУГОТО И ПРИЈАТЕЛСТВОТО МЕЃУ ЛУЃЕТО И ЧЕТИРИНОЖНИТЕ СИНОВИ НА ВЕТРОТ, КАКО ШТО ГИ НАРЕКУВААТ КОЊИТЕ, ОД ИСКОНИ. А СИНЕРГИЈАТА, ВО ТЕСНА КОРЕЛАЦИЈА СО ПРИРОДАТА, НЕКАКО СЕ ПОДРАЗБИРА, ВКЛУЧИТЕЛНО И МОЖНОСТА ДА СЕ ИСТРАЖИ

 

Симболиката на коњот чија вродена грациозност е толку привлечна што предизвикува и восхит, меѓу другото ја опфаќа и убавината и животната сила и брзината. Оттаму и јавањето (рекреативно, се разбира) како своевиден коњички спорт се одликува со истите квалитети, а придавката секако е „високи“. Освен за одмор (освежување), сè повеќе се користи и за заздравување, терапевтски. Без оглед на големото количество енергија што го изискува. Потребна е кондиција за да се избегне или акутно или хронично воспаление на мускулите. Но, упатените велат дека во исто време и ја дава, обновува  реципрочно. Секако дека и можноста да се истражува природата на еден поинаков начин, пред сè забавен, преку активностите во неа, исто така се смета за негова придобивка. Искуството нема цена, независно дали сте аматер, почетник или следбеник на генерацијата чија љубов кон четириножните „синови на ветрот“ е искрена како и самата приврзаност. Нема сомневање, длабоката наклонетост е всушност и резултат на долгото пријателство, старо колку и човекот, се разбира. Од неговиот исконски почеток.

ПЛАШЛИВОТО ОДНЕСУВАЊЕ ИМ Е НАГОНСКО, ВРОДЕНО КАКО И БЕГАЊЕТО

Дека коњите се вбројуваат меѓу најубавите животни тоа е факт. Неоспорен како и другите, останатите квалитети, позитивни својства што ги поседуваат. На пример, во светот има дури 160 раси. Арапскиот важи за најстара пасмина, крал на чистокрвноста. Бројната состојба е варијабилна, се движи меѓу 60 и 75 милиони. Коњите почнале да се припитомуваат многу одамна, пред 4.000 години во Египет и земјите во Азија. Единствено расите кои живеат во монголската дивина не можат да станат питоми. Тоа што ги прави особени е нивната способност да ги разликуваат емоциите во човечкиот глас. Понијата живеат и 50 години, а животниот век на другите раси е 30, максимум. Длабока старост доживеал Old Billy – 62 години. Занимлив е податокот дека возраста на коњите се одредува со помош на забите, 44. Нивната моќ го вдахнала и шкотскиот инженер James Scott за фразата „коњски сили“. Можат да спијат и лежечки и стоечки. Кога се во група, додека починуваат секогаш има стражари меѓу нив. Моменталното расположение го демонстрираат со опашката. Искусните јавачи се кадарни да го одредат и преку ушите. Ако се нанапред, значи дека се пријателски настроени  ако се наназад, спуштени накај вратот, значи дека се лути. Срцето им тежи 4,5 килограми во просек. Дневно пијат околу 50 литри вода. Максималната брзина што ја достигнуваат е 45 километри на час. Нивното однесување е нагонско, плашливоста им е вродена како и бегањето. Затоа се препорачува со нив да комуницирате внимателно, да бидете претпазливи за време на јавањето.

Без оглед на вашите интереси, дали сте аматер, почетник…, овој коњички спорт не изискува претходно знаење, какво и да е. Турите кои се организираат во планинските, руралните области, вклучително и јавањето на хиподромите, имаат за цел да се рекреираат буквално сите лица чиј љубителски однос кон природата е отворен, искрен. Забавувањето, опуштањето (освежувањето) е пропратно, често и заздравувањето. Неговата исцелителна моќ е докажана, и тоа многупати.

Советите несомнено ќе ви помогнат да се справите со тешкотиите, да им одолеете на предизвиците. Особено ако не сте јавале досега. Техниката на качувањето, управувањето или терањето, водењето со давањето сигнали, условни знаци ќе ви го олесни во голема мера. Благодарејќи на основата, не само што ќе го јавнете полесно, туку и на коњот ќе му дадете на знаење дека вие сте шефот, лицето кое раководи.

АНГЛИСКО ИЛИ ПАК ВЕСТЕРН, ЈАВАЊЕТО СЕПАК Е ИЗБОР

Основата може да биде некоја дрвена конструкција, но сепак ќе ви помогне и човек што ќе го држи коњот за главата. Особено важно е да не се плашите за да не му се задава страв и нему. Качувајте се од неговата лева страна, во левата узенгија ставете го левото стапало. Издигнете се, десната нога префрлете ја преку задниот дел од телото на коњот и во десната узенгија ставете го десното стапало. Ако сте почетник, најсигурно ви е да изберете некој истрениран коњ, постар. Штом ќе седнете, наместете се убаво за да можете да држите рамнотежа. Бидете исправени, рамената нека ви стојат право, а тежината нека ви паѓа на крсната коска. Веднаш потоа, наместете ги нозете правилно. Петите нека ви бидат под бедрата, колковите. А стапалата свртете ги навнатре, како да го гушкате коњот. Правилното држење на уздата, односно ременот за водење има пресудно значење. Од тоа зависи како ќе јавате англиски или пак вестерн. За англиски, направете тупаница и завијте го ременот. Палецот нека ви служи за прицврстување. Доколку се одлучите за вестерн, уздата нека биде лабава. Држете ја со двете раце, без јамки.

 

Изборот на јавањето е ваш, не му припаѓа никому. Кога јавате англиски, на коњот можете да му сигнализирате на различни начини, со нежно стискање отстрана, за да тргне. Ако не реагира, стиснете го повторно, само не јако. Условните знаци некогаш се и вербални. Движењата на неговата глава следете ги со рацете, уздата. Во спротивно, коњот може да се збуни. Водењето е поврзано со устата. За да сврти десно, ременот повлечете го со десната рака. Можете да му сигнализирате и со телото. Коњот чувствува буквално сè. Стиснете го нежно и со левата нога – за да се ослободи од притисокот, ќе сврти десно. И обратно. Кога е во движење, нежното стискање со двете нозе ќе го поттикне да каска. Уздата држете ја лабаво, такви нека ви се и лактите. За да бидете стабилни, седнете поназад на седиштето. Доколку забрза со касот, зауздајте го со надворешниот ремен, повлекувајќи го полека. Можете и да го стиската со задниот дел од нозете, исто така внимателно. Галопирањето оставете го за подоцна, откога ќе ја надминете почетната несигурност.

Вестерн-јавањето е инакво, се разликува од англиското по зауздувањето на вратот. Ако сакате да свртите лево, префрлете ја уздата преку вратот на левата страна и обратно, за да свртите десно, преместете го ременот преку вратот на десната страна. Користите го и телото, како на пример нозете, можете и да се навалувате и слично. Во итен случај, префрлете се на другото, англиското. Доколку не реагира, уздата фатете ја со двете раце во јамка и потегнете ја. За да тргне, стиснете го нежно отстрана, исто како во англиското. Патем следете ги движењата на неговата глава. И поттикнете го да џогира, со нежно стискање на двете страни. Бавното трчање не му е својствено на другото. Како било, и за обата е потребна коњичка униформа.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ