Групацијата Стелантис ги обединува Цитроен, Фиат, Опел и Пежо. Сите овие производители со децении наназад во палетата од возила се присутни и стопанските. И пред да влезат во групацијата Стелантис, овие четири производители на моторни возила помалку или повеќе соработуваат при создавањето на доставните возила, а да не заборавиме да спомнеме дека од тие доставни беа изведувани и патнички изведби.
Ако некогаш спомнатите производители имале добра соработка, денес таа соработка е претворена во: една иста шасија, исти мотори, исти сопирачки, исти материјали во патничкиот оддел, иста механика итн. Кога четири марки делат една иста платформа со сите нејзини составни делови, тогаш производството станува многу поевтино. Тоа денес го прават скоро сите производители, односно работат заеднички на создавање на некое возило.
Цитроен ги претстави: „берлинго“, „џампер“ и „џампи“, Фиат ги претстави: „скудо“, „добло“, и „дукато“, Опел се пофали со: „виваро“, „мовано“ и „комбо“, а Пежо со: „партнер“, „експерт“ и „боксер“. Бидејќи делат сѐ, секако и моторите се тука. Ќе бидат вградувани бензински, дизел, но и електрични, а ќе биде присутна и технологијата која го употребува водородот за производство на електрична енергија преку горивните ќелии. Значи од сѐ по малку во служба на задвижувањето.
Секако дека обновените модели имаат нова внатрешност со дигитализирани табли со инструменти, а поопремените изведби не се разликуваат од тие во автомобилите во кои има екрани осетливи на допир од најмалку 10 инчи и што уште нѐ. Малку дизајн, малку дотерување на подвозјата, малку повеќе во внатрешноста, многу повеќе или најмногу внимание е посветено на вградување уреди кои се во служба на активната и пасивната безбедност. Продажбата ќе започне некаде на средина од 2024, а кон крајот на годинава производителите ќе ги објават цените.