Конечно некој се сети да направи евтин електромобил (електрично возило) за секојдневна употреба. Името? Името е „сквад“ односно тоа е кованица од „солар квад“, или преведено на македонски, „сончев квадрицикл“. Зошто сончев? Затоа што има покрив изработен од фотоволтаични ќелии кои произведуваат електрична енергија со помош на сончевата светлина. Мал автомобил, со два електромотори кои развиваат скромни 5 коњски сили, но со нив возилото „сквад“ постигнува максимална брзина од 45 км/ч. Со едно полнење на батеријата возилото поминува 20 километри. Да, малку се, но конструкторите на ваков коментар одговараат дека на континентов еден електромобил просечно изминува по 12 километри во градските средини и затоа тие 20 на „сквад“ се доволни. Двоседот има батерија која може да биде заменета со полна батерија, а по желба сопственикот може да добие поголема батерија со која возилото ќе измине дури 100 км.
Возилото е нешто помеѓу автомобил и мопед, двосед строго наменет за градските средини. Велат цената на возилото ќе биде под 7.000 долари, но тоа е основната цена, без данок. Конструкторите најавуваат брзо појавување и на четворосед кој ќе постигнува крајна брзина од 70 м/ч. Нарачки за двоседот има, но да почекаме евтиниот електромобил да се појави, да стаса до првично претставување пред светот, а потоа ќе дискутираме за иднината на марката и појавувањето на четвороседот.
Жарко Атанасоски