ТУНЕЛИТЕ МОЖАТ ДА БИДАТ ПОВЕЌЕ ИЛИ ПОМАЛКУ СОВРЕМЕНИ, СО ПОГОЛЕМА ИЛИ ПОМАЛА ДОЛЖИНА И ШИРИНА, ДОБРО ИЛИ СЛАБО ОСВЕТЛЕНИ. НЕЗАВИСНО ОД ТОА, ТИЕ СЕ ДЕЛОВИ ОД ПАТОТ КАДЕ ВОЗАЧОТ ТРЕБА ДА ВОЗИ СО ПОСЕБНО ВНИМАНИЕ И ДА ЗНАЕ КАКО ДА СЕ ОДНЕСУВА ПРИ ПОМИНУВАЊЕ НИЗ ТУНЕЛОТ, ВО СЛУЧАИ НА ЗАСТОИ ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА ВОЗИЛО, СООБРАЌАЈНА НЕЗГОДА ИЛИ ПОЖАР
Посебното внимание на возачот е неопходно затоа што со влезот во тунелот наеднаш настанува светлосна промена и неопходна е адаптација на очите. Во денски услови таа промена е од светло на темно или од дневна на друг вид на светлина, а во ноќни услови од темно на светло. Во моментот на адаптација на самиот влез во тунелот првите метри се минуваат на слепо и големата брзина може да биде кобна, особено ако во тој дел од тунелот има некаква препрека.
При влез во тунел:
– вклучете ги средните соборени светла,
– симнете ги очилата за сонце,
– почитувајте ги светлосните и сообраќајните знаци, како и
ограничувањето на брзината,
– не го користите мобилниот телефон,
– не пушите.
Во тунел:
– одржувајте безбедно растојание од возилото пред вас додека се движите или стоите,
– не претекнувајте доколку има само една лента во двете насоки,
– не свртувајте полукружно и не возете наназад,
– не го сопирајте возилото освен во итни случаи.
Во случај на застој:
– вклучете ги светлата за предупредување,
– одржувајте безбедно растојание од возилото пред вас без разлика дали се движите бавно или стоите,
– исклучете го моторот доколку колоната застане,
– следете ги инструкциите на официјалните лица во тунелот и инструкциите давани со сообраќајни знаци,
– слушајте ги известувањата преку радио.
Во случај на дефект или сообраќајна незгода:
– вклучете ги светлата за предупредување,
– доколку е можно, изнесете го возилото од тунелот, во спротивно запрете го возилото на лентата за итни случаи,
– исклучете го моторот, а клучевите оставете ги во бравата и напуштете го возилото,
– повикајте помош од телефоните за итни случаи доколку има во тунелот или од мобилен,
– следете ги инструкциите на официјалните лица во тунелот,
– доколку е можно пружете прва помош на повредените лица.
Во случај кога Вашето возило е зафатено со пожар:
– доколку е можно изнесете го возилото од тунелот. Доколку тоа не е можно запрете го возилото на лентата за итни случаи,
– исклучете го моторот, а клучевите оставете ги во бравата и веднаш напуштете го возилото,
– евакуирајте ги патниците на безбедно место.
Во случаи кога друго возило е зафатено со пожар:
– одржувајте безбедно растојание од возилото пред вас,
– поместете го Вашето возило настрана и овозможете премин на спасувачките и медицински служби,
– исклучете го моторот, а клучевите оставете ги во бравата и веднаш напуштете го возилото.