Сообраќај – СÈ ПОГОЛЕМ Е ИНТЕРЕСОТ ЗА ЕЛЕКТРИЧНО ПОГОНУВАНИ МИЛЕНИЧИЊА НА ДВЕ ТРКАЛА

23/04/2019

БРЗИОТ ПРЕВОЗ ВО ГРАДСКИТЕ СРЕДИНИ Е МОЖЕН САМО СО ВОЗИЛАТА НА ДВЕ ТРКАЛА: МОТОЦИКЛИ, МОПЕДИ, ВЕЛОСИПЕДИ И ТРОТИНЕТИ. НЕКОИ СО КЛАСИЧЕН ПОГОН, МОТОРИ СО ВНАТРЕШНО СОГОРУВАЊЕ, НЕКОИ СО ЕЛЕКТРИЧЕН, А НЕКОИ ЈА КОРИСТАТ ЧОВЕКОВАТА СИЛИНА. КОЈ ОД НИВ Е НАЈЕФИКАСЕН, НАЈПРАКТИЧЕН И НАЈРАЦИОНАЛЕН ПРИ УПОТРЕБА, ИЗБОРОТ Е ВАШ.

 

Топлиот период од годината со себе носи многу поволности посебно за љубителите на мотоцикли, мопеди, велосипеди, тротинети, даски за тркалање и што уште не. Овие категории на превозни средства во најголем дел, најмалку или воопшто не ја загадуваат животната срдина, односно воздухот. Кај дел од превозните средства на две тркала покрај загадувањето на воздухот имаме и загадување од друга природа, а тоа е бучавата. За жал кај нас во Македонија многу ретко или воопшто не се спомнува овој вид на загадување. Без разлика што ќе изберете да возите, сепак треба да има некаков ред при возењето, онака како што налагаат сообраќајните правила, а сето тоа во прилог на зголемена безбедност.

Во последниве неколку години сведоци сме на сè поголем интерес за електрично погонувани мопеди, тротинети и велосипеди. Не така одамна, пред околу две децении, имаше наплив од електрични скутери. Бројот на сопственици на овие градски крстосувачи не беше мал, така што читателите на текстов ќе се присетат на тоа време и на присуството на електро скутерите. Потоа интересот спласна, но сега е повеќе од голем. Сè е јасно, електричните направи за превоз се најполезни за животната средина, нема загадување на воздухот, а нема ни загадување од бучава. Е сега има еден „миг“, а тоа е електричната енергија, со која се полнат батериите, да потекнува од обновливи извори: сонце, водени бранови, протични води и ветар. Доколку овој услов е задоволен, тогаш ефектот од возење електрични превозни средства ќе биде комплетен. Тој „миг“ е многу битен, единственото што треба е да се за- доволи и потоа сè ќе биде под контрола. Денес за воља на вистината добивањето електрична енергија од обновливи извори не е на задоволувачко ниво. Главни извори од кои се добива електричната енергија се атомските централи и тие кои користат јаглен. Електро возила да, но кој е ефектот од нив, кога најголем процент од таа иста електрична енергија треба да се произведе од јаглен и ураниум!?

Ако одиме по линија на превозни средства кои воопшто не загадуваат и на кои не им треба електрична енергија за нивно задвижување, тогаш велосипедот треба да го прогласиме за цар меѓу нив, а тука некаде е и тротинетот, само што тоа превозно средство е малку напорно за возење и управување. Овие направи се во предност пред електричните затоа што се многу пати поефтини и нема никакви трошење електрична енергија. За купување велосипед, потребни се мали финансиски средства и одржувањето е многу поедноставно од тие со погон на електромотор. Цената на велосипедите кај нас се движи од 5.000 денари и повеќе, а на старо може да се купи и за помалку од 1000 денари. Неодамна кај нас една група студенти заедно со својот професор претставија велосипед со електричен погон. Тоа е навистина убаво, но цената од 2.000 (или 2.500) евра не е воопшто за пофалба. Можеби производот е квалитетен, но цена од над 120.000 денари за нашиот стандард е превисока. Не е само овој електричен велосипед толку скап, туку воопшто сите тие се скапи. Зборуваме за масовна употреба, не за поединечна.

И светскиот гуру на електричните автомобили Мате Римац минатиот месец преку својата фирма „Грејп“ (или Гријп) претстави паметен електровелосипед кој може да прима команди од велосипедистот преку интернет, а се продава по цена од 6.500 до 7.500 евра. Едноставно, тоа е велосипед за поединци. Од досегашните анализи сите адути се на страната на добриот и стар велосипед. Релативно евтин, едноставен за одржување, делови може да се најдат речиси во секоја продавница за велосипеди и не бара постојано напојување со електрична енергија.

Сè на сè нема причина да се изложу- вате на дополнителни трошоци, односно да купувате електрично превозно средство на две тркала, кога обичниот велосипед е во голема предност во секој поглед. Сега градовите кај нас добиваат и велосипедски патеки, така што во блиска иднина велосипедистите ќе можат да се движат без никаков проблем буквално насекаде. Единствено што фали тоа се тие патеки кои претходно ги спомнавме. Ги нема доволно, а таму каде ги има, на нив неретко има паркирани автомобили, по некој контејнер за отпад и случајни минувачи. Сè уште не сме навикнале правилно да се однесуваме кога се движиме по велосипедските патеки, не дека претходно тие патеки ги немало. Булеварот Партизански Одреди во Скопје, а заедно со него уште неколку други булевари, имаат велосипедски патеки направени пред речиси 50 години. Патеките беа прописно уредени и означени со посебни знаци, исцртан велосипед со бела боја на сина основа, а ист таков бел велосипед имаше исцртано и на самата патека. За тоа како треба да се однесуваат возачите на две тркала во сообраќајот и како треба да се однесуваат и останатите учесници кон нив, за сето тоа ќе пишуваме во наредниот број.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ