Skoda – ТРАДИЦИЈА ДОЛГА ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ВЕК

02/03/2020

„СТРЕЛАТА СО КРИЛО“ ГОДИНАВА СЛАВИ 125 ГОДИНИ ОД СВОЕТО ПОСТОЕЊЕ. ПОКРАЈ МНОГУБРОЈНИТЕ КУЛТУРНИ НАСТАНИ ШТО ЌЕ ГО ОДБЕЛЕЖАТ ЈУБИЛЕЈОТ, „ШКОДА“ ЌЕ ОРГАНИЗИРА ГОСТУВАЊЕ НА ДАЛЕЧНИОТ ИСТОК, ВО КИНА И ВО ИНДИЈА, ДРЖАВИ ВО КОИ АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА Е НАЈБРЗО РАСТЕЧКА ВО СПОРЕДБА СО КОИ БИЛО ДРУГИ ДРЖАВИ ВО СВЕТОТ.

 

Еден од петте најстари производители на моторни возила што и денес се присутни во светот е „Шкода“. Можеби ви звучи неверојатно, но така вели историјата на автомобилите. Таа била формирана во 1895 година од Вацлав Лорин и Вацлав Клемент во тогашната држава Бохемија, во местото Млада Блеслава.

Првите производи биле на две тркала, односно велосипедите, а заедно со нив и трициклите. На крајот на XIX век, поточно во 1899 година, го претставиле првиот мотоцикл „славија“. Тоа се почетоците на компанијата што во тоа време била именувана како „Лорин и Клемент“, според презимињата на основачите. Во 1925 година се појавил модел што првпат го носел името „Шкода“ и наедно тоа е последен автомобил што го носел логото „Лорин и Клемент“. Истата година компанијата „Лорин и Клемент“ се соединиле со „Шкода“, компанија чија главна дејност биле механиката и нејзин развој. Со тоа соединување биле обезбедени средства за понатамошно работење и експанзија во производството на моторни возила. Тогаш логото било заменето со новото што е составено од стрела со крило. „Шкода“ важела за производител што правел семејни автомобили, но и луксузни.

Нејзините техничко-технолошки иновации и решенија биле надалеку познати и признати од тогашниот научен свет. Брзиот развој на фабриката бил забавен во годините зафатени со воените дејства. По Втората светска војна „Шкода“ продолжила со моделот „1101 тудор“ што практично е доработена изведба на популарниот модел пред војната. Истоимениот модел бил подготвен и за трки и тоа не за која било, туку за издржливост каде што во класата до 1100 ссм била победник на 24 часа Спа во далечната 1948 година. Не само асфалтните туку и рели натпреварите ѝ се познати на „Шкода“ и се врзани со нејзиното име.

Во 1964 година во фабриката биле воведени нови производни ленти, нови решенија во производството на моторни возила и секако нов модел, „1000 мб“, лимузина со мотор и погон сместени назад и самоносечка метална каросерија. Ако предвоените години биле брзорастечки за „Шкода“, по војната како да забавил растот, а неколку концепти што за денешно време се повеќе од успешни, завршиле во фиока, а потоа во архивата и во музејските депоа.

Потоа настапил периодот на 80-тите години од минатиот век, време во кое „Фолксваген“ станал главен вложувач во „Шкода“ со повеќе од 51 отсто и со тоа главен акционер. Со тоа „Шкода“ ја изгубила својата независност како марка, а за „Фолксваген“ тоа бил првиот од низата производители што влегле под негова капа. Од 1986 година „Шкода“ е под „Фолксваген“.

За својот 125-годишен јубилеј годинава „Шкода“ со повеќе историски модели ќе гостува во Кина и во Индија, дел од светот што во моментов е во преголема експанзија и наедно е најинтересен за оние што сакаат да вложат во него. Најверојатно со гостувањето во овие две земји „Шкода“ го најавува своето присуство и зацврстување на веќе стекнатите позиции.

Денес „Шкода“ е присутна на сите меридијани, односно во 100 земји во кои годишно испорачува по 1,24 милиони моторни возила.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ