SKODA OCTAVIA-РЕДИЗАЈН НА „ОКТАВИЈАТА“

22/02/2024

Токму така, сега е време за освежување на дизајнот затоа што веќе се поминати повеќе од четири години откако е претставена четвртата генерација од најпопуларниот Шкодин модел „октавија“. Пишано или непишан правило, некој порано или подоцна, го применуваат сите производители, сите се придржуваат кон обновувањето, односно редизајнот и по околу две години следи нова генерација.

Некаде на половина од месец февруари Шкода приреди дигитално светско претставување на редизајнираната изведба од четвртата генерација која се појави во 2019 год. додека „октавијата“ како модел датира од 1996 год. Велат дека е најпродаваниот Шкодин модел. Дури седум милиони продадени примероци во 60 земји на планетава. Убава бројка за Шкода, која денес е во сопственост на Фолксваген АГ.

Опремата за побезбедно возење е збогатена со неколку уреди од кои најпосебен е тој што открива кога концентрацијата на возачот опаѓа. Тоа доволно кажува за добрата опременост на обновената „октавија“ со уреди за активна и пасивна безбедност.

Бидејќи продажбата ќе започне некаде на почетокот од втората половина од годинава, купувачите ќе имаат повеќе време да размислат кој мотор и кој пакет опрема да го одберат. За нас најзанимлив е дизел моторот со неговата веќе позната зафатнина од 2,0 л и силина во две изведби, со 115 и 150 КС. Првата има обичен, а втората автоматски менувач од генерацијата „дсг“. Потоа на ред доаѓаат бензинскиот со 1,5 тси со 115 и 150 КС. Втората изведба поседува умерена хибридна технологија, но и автоматски „дсг“ менувач. На крајот се најснажните 2,0 л тси со 204 КС и 265 КС  во „октавија рс“.

Претходно спомнатите пакети со опрема се: „есенс“, „селекшн“, „спортлајн“ и „рс“. Најверојатно„рс“ опремата оди исклучиво заедно со моделот „рс“, но нема да биде чудно ако купите на пример основен модел, но „накитен“ со „рс“ опрема (шминка).

Однадвор се приметуваат измените на маската, одбојникот и светлата, а слични измени има и на задниот дел, додека во внатрешноста како да доминира минимализмот, но и неизбежниот централно поставен 10 инчен екран осетлив на допир, а ако сакате 13 инчен, ќе треба да доплатите. Така е тоа кога „телевизискиот приемник“ стана најважен дел во денешните автомобили, не е можно, а да не бидат спомнати.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ