SKODA KYLAQ-СО „КИЛАК“ ДО ПОГОЛЕМА ПРОДАЖБА

13/11/2024

Минаа времињата кога светот не го гледаше автомобилскиот пазар на Далечниот Исток со серизни очи. Денес, тој дел од светот ги претрка сите производители и сега е број еден по производство на автомобили, но истовремено е и нивен најголем продавач и купувач. Бидејќи сега работите поинаку стојат, денес светот е завртен кон Далечниот Исток и почнува да произведува автомобили наменети само за тамошниот пазар. Шкода е таа која деновиве претстави нов мал сув наречен „килак“. Смислен во Индија, дизајниран во Индија и произведен во Индија. Тој сегмент на „сув“ возила со должина од околу четири метри е најбрзо растечкиот на тој пазар. „Шкода килак“ е третото сув возило наменето за Индија, а велат ќе мине и на пазарите од околните држави. Со должина од 3.995 мм е најмалиот од сите сув возила од таа класа што се продаваат во Индија.

Неговата погонска единица со три цилиндри во линија има зафатнина од 1,0 л и е потпомогната со турбо компресор. Овој бензински мотор од семејството „тси“, развива повеќе од доволни 115 КС додека максималниот вртежен момент располага со 178 Нм. Од 0 до 100 км/ч потребни му се 10,5 сек. и постигнува крајни 188 км/ч што е многу повеќе од доволно. Најниската точка од возилото до асфалт се наоѓа на висина од дури 189 мм. Тоа значи дека „шкода килак“ не е наменет строго само за асфалтот туку и надвор од него. Не дека поседува теренски способности, но сопствениците слободно можат да го користат и за возење по земјани патишта, под услов со внимателно возење. Одделот за товар заедно со двојното дно има зафатнина од завидни 445 л, а кога ќе се склопи задната клупа, тогаш зафатнината се зголемува до огромни 1.265 л.

И покрај тоа што моделот „килак“ е наменет за масовно производство и масовна продажба, модел со кој Шкода очекува прилив на големи пари, тоа не значи ако не е луксузен дека нема опрема. Напротив, шест воздушни перничиња плус сите познати пасивни и активни безбедносни уреди ги има како сериски, а со доплата се добива само автоматскиот менувач и некои ситни детали.

„Шкода килак“ е правен на платформата наречена „м ку б – а 0 – ин“. Ова е поедноставната изведба од таа на Фолксваген „м ку б“, но затоа возилата правени со поедноставната платформа побрзо се произведуваат. Подоцна производителот има намера да го понуди истото сув возило и на бразилскиот пазар, но најнапред сака ди ги види резултатите од продажбата во Индија и дури потоа да оди на други пазари. Прототиповите минале 800.000 км испитувања по секакви патишта во Индија, на ниски, но и високи температури, така што производителот нуди солиден квалитет за скромни пари, малку над 9.000 долари.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ