SKODA FAVORIT-ЕЛЕКТРИЧНА „ФАВОРИТКА“

17/06/2025

Беше тоа еднаш во Чехословачка во минатиот век, некаде во втората половина од ’80 години, кога прочуената марка Шкода го претстави моделот „фаворит“. Можеби некому тоа „прочуената“ му звучи малку необично, но ако подетално ќе ја разгледате историјата на оваа марка, ќе ви стане јасно зошто  го употребивме тој збор. Практичен, едноставен со допадлив и складен дизајн, со веќе позната погонска единица и мошне прецизен менувач. Така накусо може да биде опишан моделот „фаворит“, толку значаен за Шкода бидејќи со него успеа да го одржи производството и да опстои во тие турбулентни времиња. По овој добар потег на Шкода во 1987 година, на ред како замена дојде моделот „фелиција“ во 1994. И покрај тоа што погонската единица не беше од тие многу штедливите, сепак „фаворитот“ беше омилен не само дома, туку и во странство.

Сега на сцена е новиот милениум, нова ера во автомобилската индустрија. Многу производители одат на картата електрични автомобили, а до каде ќе стигнат воопшто не е јасно. И покрај сѐ, во Шкода (читај во ВАГ) размислуваат на „електричен начин“.

Дали некогашната популарна „Фаворитка“ може да добие наследник? Одговор на ова прашање ни дава Људмил Славов, дизајнер од тимот на Шкода. Не дека некој му наложил да изработи скици за можен наследник на „фаворитката“, туку, поттикнат од љубов, носталгија, љубопитност и како што самиот вели „професионална деформација“ (зависност од својата професија), тој во слободно време почнал да го замислува изгледот на еден можен нов модел што би ја оживеал славата на легендарната „фаворитка“.

Велат дизајнерот оддвоил (потрошил) 120 часови од своето слободно време за да ги пренесе своите желби на хартија.  Тој е творец на цртежите, а неговиот колега Давид Стингл е творец на тридимензионалниот видео материјал преку кој се гледаат сите детали на мошне успешниот дизајн.

Светот на автомобилите оди во насока на електрификација, а новата „фаворитка“ не е исклучок од современите светски текови, затоа цртежите (дизајнот) од Љ. Славив се најдоа во официјалните шкодини извештаи за новинарите.

Засега воопшто не е познато дали дизајнот на Љ. Славов ќе мине во фаза на концепт, а потоа и сериско производство. Дизајнот плени на прв поглед, а Шкода сѐ уште се мисли дали цртежите да ги оживее или не. Колку побрзо ја заврши работата, толку поуспешен ќе биде исходот, но ако задоцни, лесно може да направи грешка.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.