ИМАЈЌИ ГО ПРЕДВИД ФАКТОТ ДЕКА ЗИМСКАТА СЕЗОНА Е ВО ПОЛН ЕК, А СКИЈАЊЕТО И ДРУГИТЕ СПОРТСКИ ДИСЦИПЛИНИ, КАКО НА ПРИМЕР СНОУБОРДИНГОТ, ЗАВИСАТ ОД КОЛИЧЕСТВОТО СНЕГ СО КОЕ ИЗОБИЛУВААТ СКИ-ЦЕНТРИТЕ, НЕГОВОТО ВРЕМЕТРАЕЊЕ, ЧЕСТО И ДО ПОЧЕТОКОТ НА МАЈ, ПРАШАЊЕТО ЗА ИЗБОРОТ НА ОПРЕМАТА СЕКОГАШ Е БИТНО, НЕ САМО ОД АСПЕКТ НА МОДА ТУКУ И ПРАКТИЧНО. ДОКОЛКУ СЕ СПОЈАТ И ОБЕТЕ, НЕМА ДИЛЕМА – УЖИВАЊЕТО Е ЗАГАРАНТИРАНО, ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД
Љубителите на скијачките спортови, без оглед на нивните дисциплини, кога станува збор за посетите на познатите центри, како во блиските, така и во далечните земји, меѓу нив и нордиските, никогаш не го заобиколуваат прашањето за стилот, па и модата врзана со нив од причина што скијањето, сноубордингот итн. се сметаат за „фенси“. Оттаму и желбата да се изгледа токму така. За среќа, трендовите не се подложни на големи промени. Заради нејзината едноставност, црно-белата комбинација е доста присутна на стазите, но во иста мера како живите, јаките, па и флуоресцентните бои. Забавата е составен дел на зимските спортови, не само навечер туку и денски, во „бачилата“ каде што се служи чај, во кафеаните…, незаобиколно и во дискоклубовите на отворено, во кои електронската музика е задолжителна. Впрочем, рекреацијата и разонодата, одморот се меѓусебно поврзани, нераскинливо. Така и уживањето е потполно, и во едното и во другото.
„ПАМЕТНИ“ МАТЕРИЈАЛИ ВО ЖИВИ, ЈАКИ, ПА И ФЛУОРЕСЦЕНТНИ БОИ
Дека реквизитите се суштинскиот, есенцијален дел на скијачката опрема – тоа е факт, но сепак и гардеробата и аксесоарите, вклучително и козметиката, се битни. Облеката мора да биде комотна, пријатна (удобна) за носење, а средствата, пак, се неопходни за да се заштитите од сонцето. Брендот несомнено е гаранција за висок, голем квалитет, но тоа не значи дека и останатата, т.е. гардеробата на чија етикета не стои некое звучно име не го поседува истиот. Најважен е составот, па дизајнот. Впрочем, тој се врзува со вкусот. Буџетот е пресуден за изборот, како и сè друго. Непишаните правила секогаш се добредојдени, благодарејќи на нивната интерпретација.
Температурните промени, разлики се причина за да се одлучите за повеќеслојна облека што ќе ви помогне полесно да се облечете или соблечете, кога ќе ви застуди, односно зажешти. Долната нека биде „активна“ – термо (немојте да носите памучна бидејќи таквата текстилна ткаенина ја впива потта и станува мокра и тешка; кога се суши, почнува да се лади), а потоа можете да ставите на себе и блуза (со долги ракави) или ролка, но никако не маица (со куси ракави). Секако дека и долгите чорапи се задолжителни (иако нема потреба од 2 пара, доколку ви студи – ставете грејачи во чевлите), како и шалот и капата, т.е. кацигата. Најпосле облечете ски-одело или комбинезон. Избегнувајте монохроматски, бели – во боја на снег, за да не се стопите со снежната белина, спортската патека што може и сериозно да ја загрози вашата безбедност. Доколку ви е фаворитска, комбинирајте ја со црна или, пак, со некоја друга. Сепак, трендовите им даваат предност на живите, јаките, па и флуоресцентните бои, комплементарно надополнувајќи се меѓусебно. И на принтовите. Кога се работи за материјалите, добиени како резултат од синтезата, во соработка со НАСА, понудата навистина е многу голема. Освен што не се туткаат, „паметните“ се отпорни и на влага. Во исто време ја контролираат и температурата на телото, му овозможуваат полесно да дише. Се разбира, панталоните не смеат да бидат неудобни, тесни за да не го ограничуваат движењето. Има друг избор за лицата од женски пол – хеланките, ако ù се наклонети на еклектиката. Останатите, вклучително и децата, можат да се определат за каргопанталони со странични џебови, одлични за најразлични ситници. Со себе понесете и 2 чифта ракавици, заштитни. Едните нека бидат скијачки, а другите – обични, секојдневни. Штом се намократ, искористете ја секоја можност да ги исушите, на парно греење, печка и слично.
КРЕМА СО ВИСОК ЗАШТИТЕН ФАКТОР И ЦИНКОВА МАСТ, ОБВРЗНО
Шалот е алтернатива доколку не носите блуза со рол-крагна, во спротивно ќе се потите многу често. Повеќеслојноста не значи трупање алишта, тоа што нè грее всушност е воздухот меѓу слоевите, затоа не треба да се претерува со нив. За ушите да ги заштитите од ветер, студ – ставете капа или трака, во случај да не носите кацига.
Тогаш ви се потребни секако и очила за сонце, кои ќе ве штитат од ултравиолетовите зраци. Штетното влијание на високо е уште поголемо, без оглед на нивниот намален интензитет во текот на зимата. Инаку, снегот за разлика од водата има способност за многу повеќе да го рефлектира сонцето – дури 80%, а песокот само 20%. Истото важи и за кожата, без разлика дали се работи за епидермата на жените или на мажите. А, еден од начините да ù се „спротивставите“ на директната изложеност на сонцето е лицето, вратот и рацете да ги мачкате со крема што има висок, голем заштитен фактор (SPF) – минимум 15. За да си поедноставите, можете да употребувате и стик, без да го размачкувате. Нема сомневање, резултатот е ист. Во контекст на заштитата од сончевите зраци, неопходно е и негување на усните. Освен цинкова маст, на стазите не се препорачува мејкап. Визуелен ефект може да се постигне и со помош на нејзината колоритност, па дури и флуоресценција. И на крајот, секогаш со себе носете хартиени марамчиња. Во многу скијачки центри се бесплатни, поставени пред главните влезови на спортските патеки, но не и секаде. Паузите можете да ги искористите за да изедете нешто, како на пример овошје, грицки (енергетски). Шише вода секојпат носете со себе, за да ја изгаснете жедта.
Вон стазите, за време на прошетките во планината, населеното место или обедувањата и забавите во вечерно време, гардеробата секако се разликува од таа што ја носите вообичаено во град. Елеганцијата оставете ја за некоја друга пригода, едноставно заменете ја со лежерност. Патем ќе одморите од чевлите со високи потпетици, фустаните, сакоата, вратоврските… Практичноста е императивна кога се посетите на познатите скијачки центри во прашање, неколкудневните престои во нив. Без да ве гризе совеста, на одморот гледајте во буквална смисла, па и целосна исполнетост. На почетокот можеби ќе се чувствувате по малку подозриво, но верувајте – на крајот ќе бидете повеќе од благодарни, на самите себеси. За оддишката која си ја дозволивте, макар и накратко.