Како што се развиваат електричнитe погонски единици, така паралелно оди и развојот на возилата посебно нивните брзински особини. Електромобилите денес го имаат приматот во забрзувањето, а како пример ќе ја спомнеме релативно новата компанија Римац. Нејзините купе автомобили се најбрзите на планетава во класата на електрфицираните возила. Хрватската компанија се појави одеднаш и со своите хипер спортски автомобили внесе свежина во индустријата на тркала, но и страв кај конкуренцијата. Компании тешки со десетици и стотици милијарди долари мораа да го признаат поразот и сега се чудат како еден човек со име Мате Римац им ги помрсува конците и не им дава да здивнат.
Деновиве светот беше сведок на претставувањето на уште еден хипер спортско купе, направено од една италијанска компанија и една кинеска, поточно од Силк ЕВ и Фав. Од нивната соработка произлегло купето наречено „силк фав хонгки с 9 ев“. Тука имаме една ситуација каде кинеската упорност и истрајност е поврзана со италијанската машинерија за спортски автомобили и сега имаме една уште поосетлива ситуација а тоа е дизајнот. Рака на срце хипер купето на кинеско италијанската врска, изгледа совршено, чиста слика на врвно спортско возило каде на обликувањето дизајнерите ја покажале сета своја умешност. За дизајнот да биде уште на прв поглед привлечен, тоа е нечие дело, а зад тоа дело стои Валтер де Силва кој претходно работеше за групацијата Фолксваген, а пред тоа во Фиат, односно Алфа Ромео. Ете зад дизајнот стоел голем мајстор, но и останатите конструкции се врвни. Нема детали, но велат дека максималната брзина оди над бројката 400, додека забрзувањето од 0 до 100 км/ч е под две секунди, односно 1,9. Сето тоа е остварливо со хибридни 1.400 КС.
Новите марки на автомобили заслужуваат повеќе од само внимание, но тие што умеат да направат врвен спортски автомобил кој им пркоси на големите марки како Ферари, Масерати, Ламборџини, Порше и останатите. Затоа будно ќе го следиме сојузништвото помеѓу кинеската и италијанската компанија и навреме ќе ве информираме за деталите на нивниот хипер автомобил „силк – фав хонгки с 9 ев“.