АКО НЕКОИ МАКА МАЧАТ КАКО ДА ДОЈДАТ ДО ШТО ПОГОЛЕМ БРОЈ ИЗЛОЖУВАЧИ, КИНЕСКИТЕ МАНИФЕСТАЦИИ БЕА ПРВИ ВО СВЕТОТ КОИ ГИ ДОВЕДОА АВТОМОБИЛСКИТЕ САЕМИ ВО ПОВОЛНА ПОЛОЖБА ЗА РАЗЛИКА ОД НИВНИТЕ КОЛЕГИ НА ЗАПАДНАТА ХЕМИСФЕРА. ГОДИНАВА ШАНГАЈ ОЧЕКУВА ДА ДОЈДАТ ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ. ДА ВИДИМЕ ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ
Најубавото во автомобилската индустрија се големите саемски изложби каде на куп се собрани светски најновите остварувања на четири тркала. Блескави бини, рефлектори, блицевите светкаат во секоја секунда, а под нив автомобилите го покажуваат сиот свој раскош, вистински рај за обожавателите на тие убави чуда. Тимовите од луѓе кои ги претставуваат новите модели, сите се кој од кој конструктор, до него дизајнерот, третиот во редот е организаторот на сиот тој план. Сите тие зборуваат за новиот автомобил како е правен, како е дизајниран, со какви проблеми се соочувале за време на планирањето и што уште не човек да слуша и да научи нешто од нив.
Ова е дел од атмосферата на најголемиот меѓу најголемите, Салонот за автомобили во Женева. За жал, такво нешто веќе нема и којзнае дали некогаш работите ќе си дојдат на свое место. И додека едни имаат големи проблеми со организирање на изложбите, други силно грабат напред и приредуваат големи забави на четири тркала. Таков е случајот со Салонот за автомобили во Шангај кој треба да се одржи од 23 април до 2 мај, односно од 26 април за посетителите. 23 и 24 се резервирани за новинарите, а 24 и 25 за тие што продаваат автомобили. Оваа изложба за првпат е одржана во 1985 год, а годинава ќе го има своето 21. издание. Се одржува преку една година, односно се менува со изложбата во Пекинг. И покрај тоа што изложбата беше прогласена за меѓународна, тогаш ретко кој странски производител беше присутен и им се потсмеваа дека си прават локална изложба. Денес не е така, сите најпознати и помалку познати марки на автомобили во светот ќе бидат присутни во Шангај. Сѐ уште владее таа апатија за одење по саеми, малку поради кризата, малку поради прескапите изложбени простори и малку поради вирусот. Сѐ се собрало на куп, така што сега на организаторите им е потешко да состават крај со крај и да добијат манифестација како некогаш со сиот свој сјај.
Шангајската манифестација има на располагање 360.000 м2 изложбен простор каде ќе бидат распослани речиси сите производители. Како организатор на изложбата се јавуваат Кинеската асоцијација на производители на автомобили поддржана и од Шангајската меѓународна групација за приредување изложби и како соработник во организацијата се јавува и Минхенскиот Саем. 21 издание од автомобилската изложба во Шангај ќе се одвива под мотото „Прифаќање иновации кои ја зајакнуваат иднината“. Кинеската автомобилска индустрија во последниве 30 години доживува вистинска експанзија, така што денес Кина е најголемиот производител на автомобили во светот, најголем купувач и најголем извозник.
Дел од списокот на изложувачи присутни на 20 издание од изложбата одржана во 2023 год. – Шевролет, Бјуик, МГ, Кадилак, САИК Ауди, САИК Фолксваген, Роеве, Волво, Смарт, Гили, Ауди, Фолксваген, Ченган Мазда, Зикр, Икспенг, Линк и Ко, БЈД, Мини, БМВ, Брабус, Бентли, Хонда, Дукати, Шемзер, Јагуар, Ленд Ровер, Лексус, Полстар, Линколн, Генезис, Волво, Хонда, Носан, Донфенг Пежо, Донгфенг Цитроен, Тојота, Форд, Субару, Киа, Чанган и други.