Кога зборуваме за марката Сеат слободно може да констатираме – моделот „ибица“ е најпродаваниот во семејството и воедно е столб на кој се потпира шпанскиот производител. Ваквите движења во Сеат датираат уште од пред 37 години кога во 1984 за првпат беше претставена „ибицата“. Можеби е малку чудно, но вистината е таа, постоењето на марката Сеат е во рацете на досега спомнуваниот модел или во бројки, за 37 години продадени се шест милиони примероци.
Летово производителот одлучи да внесе освежување во петтата генерација, односно претстави редизајн на досегашната „ибица“ со цел да го продолжи за околу две до три години нејзиното постоење. Во обновената петта генерација погонските агрегати располагаат со силина во распон од 80 до 150 КС. Убедливиот бензински четирицилиндричен 1,5 литарски турбо мотор е надвор од игра, но затоа на сцена стапуваат трицилиндричните мотори еден без, а останатите со турбо компресор, исто така, бензински.
Дигитална табла со инструменти, лед светла, најразновидни електронски помагала во служба на безбедноста, а кога веќе ја спомнавме безбедноста тогаш треба на голема врата да најавиме дека најновиов модел доби пет ѕвезди за време на тестирањата во лабораторијата на Euro NCAP. И да не ги заборавиме андроид ауто, епл карплеј и мирорлинк кои влегуваат во сериската опрема, но ако сопственикот посака сателитска навигација, ќе мора да доплати исто како и за 18 инчните тркала.
Дизајнот се потпира на веќе познатата сеатова линија која доминира во последнава деценија – малку обли површини, но оштрите црти никако не се напуштаат, а токму тие ја даваат спортската нота и агресивноста. Севкупното планирање, дизајнирање и подготовка се одвивала во студиото лоцирано во Барселона. Моделот „ибица“ е икона на марката Сеат, а името го добила по надалеку познатиот остров Ибица и е втор во семејството со име од некој географски поим – прв е моделот „ронда“.