Преминувањето од класично гориво на електричен погон не е мала работа, потребни се еден куп нешта да се изменат за сето тоа да работи на поинаква фреквенција. Еден од главните проблеми со кои се соочуваат возилата со електричен погон е батеријата и нејзиниот век на траење. На пример, работниот век на едно товарно возило, зборуваме за влечните возила популарно наречени шлепери, е некаде околу 1,5 милиони километри. Таквите возила се наменети строгоза работа, а не за возење од овде до онде и назад. И наместо цената за превозда паѓа, таа ќе расте затоа што ќе треба да ги менуваат батериите, затоа што по извесно време нема доволно да држат енергија, побрзо ќе се празнат. Денешните батерии се токму такви и тука е нивната слабост. Сѐ уште немаат измислено батерија која ќе има долг век на траење и затоа многу компании и поединци работат на проблематиката, а меѓу нив е и Сканија, еден од најпознатите производители на исклучиво стопански возила.
Сканија заедно со Нортволт работат на изработка на долготрајна батерија уште од 2017 год. и досега сработеното го чуваа во тајност. Главниот на Сканија, Кристијан Левин вели дека Сканија мора да понуди квалитетна батерија која ќе издржи експлоатација од дури 1,5 милиони километри затоа што марката не смее на коцка да го стави своето светско реноме – камион од светска класа, а батеријата никаква. Успехот на Сканија и Нортволт, допрва ќе видиме колку е ефикасен, единствено што ни преостанува е да почекаме уште некоја година и да видиме дали нивната батерија ќе издржи исто толку колку и векот на траење на едно влечно возило („шлепер“).
Жарко Атанасоски