Сан Себастијан-СО ПОГЛЕД НА ЕДЕН ОД НАЈУБАВИТЕ ЗАЛИВИ ВО СВЕТОТ

04/07/2025

ГРАДОТ НА МОРСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ ВО СЕВЕРНИОТ ДЕЛ НА ШПАНИЈА – ВО БАСКИЈА, ПОСЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ Е КРАЈНА ДЕСТИНАЦИЈА НА ГОЛЕМ БРОЈ ТУРИСТИ ВО ЛЕТНАТА СЕЗОНА, КОЈ ВООДУШЕВУВА МЕЃУ ДРУГОТО И СО СПОЈОТ НА ТРАДИЦИЈАТА И МОДЕРНОСТА, БЕЗ ИСКЛУЧОК НА МОЖНОСТИТЕ ШТО ГИ НУДИ. БАСКИСКОТО ИМЕ МУ Е ДОНОСТИЈА

 

Некогашното рибарско село, благодарејќи на неговата експанзија во текот на изминатите години, децении…, го предизвикува љубопитството на летувалците од сите страни на светот за годишните одмори да ги поминат во градот за кој се говори само во суперлатив, често и последователно – едноподруго. Причините за тоа што го сметаат како едно од најатрактивните туристички места во Кантабрија не можат да се избројат до крај. На врвот секако е природната хармонија на морето и планините, дополнета со правилната распоредба на изградените објекти (градбите) од кои може да се ужива во широкиот поглед на заливот La Concha и плажата со исто име, а воодушевување предизвикува и спојот на традицијата и современата стварност или модерноста особено забележлив во конгресната сала Kursaal, музејот San Telmo и скулптурното дело Peine del Viento. Не изоставајќи ја ни променадата, веднаш до местото за капење. Уличното осветление во вечерно време ја претвора во меркез. И сето тоа во комбинација на историските, културните знаменитости, водните и другите спортови, активности за релаксација, вклучувајќи ја и кујната што во исто време на трпезата ги собира и Баскијците и останатите – дојденците, меѓу нив и граничните појаси кои ги разделуваат неколкуте определени локации чија привлечност не може да се опише со зборови, едноставно мора да се видат, доживеат.

Периодичните културни приредби го комплетираат впечатокот, а големата посетеност говори за нивната репутација. Во јуни (21-ви, 24-ти) ќе се одржат два концерта на Брус Спрингстин и E Street Band, за јули (од 22-ри до 27-ми) е закажана Jazzaldia – „Сан Себастијан џез-фестивал“ со шеесетина перформанси, еднонеделната фиеста позната како Semana Grande е договорена за август (од 9-ти до 16-ти), а љубителите на класичната музика ќе можат да уживаат во неа, цел месец (од 1-ви до 29.08). Есента е резервирана за Интернационалниот филмски фестивал (од 19-ти до 27 септември), за Gastronomika (од 6-ти до 8 октомври) и за Фестивалот на хорор и научнофантастични филмови (од 31.10 до 7 ноември). Во шпицот на сезоната, улиците се преполни со изведувачи што придонесуваат за добро расположение на посетителите. Веселата атмосфера е присутна буквално на секој чекор, како што му доликува на летото, впрочем.

ТРАДИЦИЈАТА ВО ТЕСНА КОРЕЛАЦИЈА СО СОВРЕМЕНАТА СТВАРНОСТ

Со добра расположба се карактеризираат и двете плажи – едната, која се истакнува со својата големина е во должина од 1.350 м, широка 40 м, а другата, помалата се протега на површина од 600 м (должински), напречно 100 м. Обете имаат многу поволности што придонесуваат за посетителите да се чувствуваат пријатно, без грижа. Особено ако се одлучите за Ondarreta, која ќе ја препознаете по белата ограда од ковано железо, каде што можете да најмите лежалки, сонцобрани, чамци…, но располага и со мијалници, тушеви, тоалети, спортски терен за возрасни, детско игралиште. Вниманието на децата го привлекуваат и базенот, едриличарскиот клуб наменети само за нив. Секако, чистотата е на високо ниво, постојано се одржува. И сето тоа дополнето со поглед на кој долго ќе се сеќавате. Заливот La Concha важи за еден од најубавите во светот истото се однесува и на зајдисонцето. Двете места за капење меѓусебно се разграничени со зелен појас, Pico del Loro каде што има и подземни ходници тунели. Во непосредна близина е вилата „Мирамар“, подигната по желба на кралицата Марија Кристина во 19 век и бањата „Перла“ во која втората сопруга на кралот Алфонсо XII го минувала слободното време. Денски, часовите се исполнети со разонода што го вклучува и шетањето по златниот песок, а приквечер, кога сè стивнува, плажите се претвораат во собиралишта на сурфери, во кои се вбројува и Zurriola на другата страна, пред Gros каде што има многу барови, галерии, продавници. Нема дилема, т.н. јавање на бранови е дополнето со пријатна дружба секогаш, без исклучок. Фотографиите со нив и островчето во позадината се присутни во сите бедекери, туристички водичи за Сан Себастијан меѓу кои и сликите на Peine del Viento, скулптурното дело со потписот на познатиот уметник Едуардо Чилјида. Имено, се работи за три челични конструкции заковани во карпите, симболизирајќи ја хармонијата на формите со празнината. Не случајно е избран и насловот.

„Ветерен чешел“ (буквален превод). Локацијата се вика Punta Torrepea, поврзaна со Igeldo, сосем природно, складно. Прошетката до неа ќе ве исполни со позитивна енергија. Исто како и шетањето по улиците, маалата на градот каде што спојот на традицијата и модерноста е забележлив не само во градбите, туку и во начинот, стилот на живеење. Обичајот да се испие по една чаша вино (бело „txakoli“ – пенливо, црвено „txikito“), пиво („zurito“) со мезе се почитува и ден-денес. Во тесна корелација со современата стварност. И сите нејзини пројави.

Температурите во летните денови нема да ве поколебаат доколку се одлучите за бесцелно да прошетате малку низ градот секогаш е полн со туристи, па дури и напладне. Особено во рибарското пристаниште (симбол на баскиската традиција). Доста посетени се поморскиот музеј и аквариумот, а кога ќе падне мрак, , гужвата е најголема во центар каде што се историските, културните знаменитости. Калдрмата е сведок на многу немили случаи во минатото. Уличката која е именувана по датумот на пожарот во 1813 година – 31 de Agosto изобилува со барови каде што се оди на „pintxo“ (ќе ве примами со пријатниот мирис). Близу е старата христијанска црква базиликата Santa María (18 век) со епархискиот музеј во кој се изложени 150 предмети. Фасадата навистина е импресивна, без оглед на нејзината китност, а силен впечаток сигурно ќе ви остави и катедралата Buen Pastor (19 век). Инспирација за сводот на црквата е средновековјето, христијанските храмови во Германија, Франција и важи за највисока зграда во Сан Себасијан (75 м). Таму е и Plaza de la Constitución чиј фреквентен пулс го привлекува вниманието на гостите, посетителите терасите на кафе-рестораните секогаш се полни. Местото е важно и за надалеку прочуената Tamborrada (Фестивалот на тапани) што се одржува на иста дата (20 јануари), секоја година.

РОМАНТИЧНО НАСТРОЕНИЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ

Врволицата е вообичаена и на плоштадот Zuloaga, преку 31 de Agosto. Повеќе за националната историја ќе дознаете во музејот San Telmo, а можете да уживате и во некоја од неговите изложби. Авангардноста е одлика на објектот од 16 век, проширен во 2011-та. Одзади е пристапот кон Urgull  „белите дробови“ на градот, каде што се наоѓаат Castillo de la Mota и Sagrado Corazón de Jesús, споменикот во чест на Синот Божји со широк поглед. Многумина се ориентираат според авенијата (збирното место на младите) по која поминуваат сите автобуси.

Шетајќи низ ценатрот на Сан Себастијан, вашето љубопитство ќе го предизвика и градското собрание. Потсетува на казино. Не случајно, порано зградата била коцкарница отворена во 1887-ма. Таму е паркот Alderdi Eder, познат по цветната градина и вртелешката. Делува инспиративно. И тера на романтично настроение, како што велат жителите на градот. А, истото се однесува и на околината чии архитектурни проекти се врзуваат со периодот околу 1900 година, ретроспективно оценет како пријатно и безгрижно време бел епок. Убави егземплари се театарот Викторија Евгенија и хотелот Марија Кристина. Во меѓувреме, одморете се на Plaza Gipuzkoa љубовната игра на лебедите и закачливоста со рибите во езерцето ќе ве расположат дополнително. И продолжете со шопинг на улиците Urbieta, Getaria и Fuentеrrabia. Зошто да не и на пазарите San Martín и La Bretxa. Можеби ќе се сретнете со некој готвач, вистински професионалец. Веднаш ќе го препознаете, онака. Муабетите се сведуваат на кулинарските специјалитети. Мезето во прв ред. Го сметаат за свое, мало дете на Доностија – „ txikiteo donostiarra“. Без исклучок на другите. Баскиската кујна е традиционална, и тоа во најголемиот дел.

Ноќната забава е концентрирана на четири локации: во центарот (историскиот кварт), Reyes Católicos (изобилува со барови во модернистички стил, алтернативна музика се наоѓа веднаш зад катедралата Buen Pastor), Egia (микротеатарот и настапите во живо се нејзини атрибути) и во Gros (омилена меѓу сурферите, каде што се пие со лезет, полека). Не изостануваат ни дискотеки (најпозната е Bataplán на плажата La Concha) ни пабови (Mambo, Museo del Whisky со 3.400 шишиња, Ostadar) ни казина ни казина (Luckia во Kursaal).

По примерот на тамошните луѓе, издвојте време да ги искачите Igeldo и Urgull. Двете планини се своевидни гранични појаси, разделувајќи ги неколкуте определени локации на копното и морето. Првата ќе ве импресионира со вовчето пуштено во 1912-та и глетката за која се вели дека вреди милион долари. Погледот на морската шир е восхитувачки, додека брановите им нанесуваат силни удари на карпите се разбира, исто како и оној на голем дел од Кантабрија. Доживувањето е навистина возбудливо. Противтежа на одењето по т.н. зиплајн. Доколку го фатите залезот на сонцето, препуштете му се целосно со сите сетила, и чувства. Без разлика дали ќе седнете на клупа, во ресторанот под кулата. Некогашниот светилник е претворен во изложбен салон. Експонатите говорат за животот во Сан Себастијан и секако, за неговите обичаи. Ако сакате, можете да отседнете во хотелот со четири ѕвезди. Имате на располагање и базен. Во текот на ноќта, видикот е чудесно убав.

На спротивната страна се наоѓа Urgull. Ноќната прошетка е забранета, во 21:00 се затвораат вратите. Преку ден, имате можност да уживате во панорамата. Благодарение на неколкуте видиковци, перспективите се различни. Патот до калето (Castillo de la Mota) е асфалтен. Во минатото служело за одбрана. Датира уште од 12 век. Сепак, Доностија се согласила на капитулација во 1794-та, отстапила од понатамошна борба со непријателската војска (француската). Не успеала ниту да го спречи големиот пожар во 1813-та, кога сè било претворено во пепел. Околу тврдината има топови, а внатре во неа музеј, Casa de la Historia de Urgull, каде што аудиовизуелно се раскажува приказната за градот низ вековите (цели девет). Статуата на врвот од планината Sagrado Corazón de Jesús веќе 75 години му дава благослов на Сан Себастијан, заштитувајќи го. Ремек-делото на Federico Coullaut, високо 12 м, со капелата врз која е поставена достигнува до 24 м височина, можете да го види од 7.408 м далечина (четири наутички милји). Додека патувате со брод, на еднодневен излет. За да ја заокружите претставата за градот на еден од најубавите заливи во светот. Патем, направете обиколка и околу островчето.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.