ПОКРАЈ НЕКОЛКУТЕ СВЕТСКИ И КОНТИНЕНТАЛНИ ПРЕМИЕРИ, ВО ЖЕНЕВА БЕШЕ ПРИСУТНА И КЛАСИКАТА, „СТАРОВРЕМСКИТЕ“ АВТОМОБИЛИ, ПО НЕКОЈ МОПЕД (СКУТЕР), НО И ЕЛЕКТРИЧЕН ВЕЛОСИПЕД ДОЖИВЕА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА, МАЛКУ ЗАБАВА ЗА НАЈМЛАДИТЕ, НО И ЗА ВОЗРАСНИТЕ. ТАКА НАКУСО МОЖЕ ДА СЕ ОПИШЕ 91. ИЗДАНИЕ ОД САЛОНОТ ЗА АВТОМОБИЛИ
Салонот за автомобили во Женева беше еден од петте главни во светот, а многумина го нарекуваат јагодата на куп од шлаг. Така го нарекуваат затоа што Швајцарија нема своја автомобилска индустрија и таму се сретнуваат сите производители на автомобили без да има навивање од домашната публика и секако протекции. Сите изложувачи беа на туѓ терен и секој се трудеше да направи што е можно поспектакуларна изложба. Немаше производител во светот кој не сакаше да изложува во Женева. И Токио, и Детроит, и Пекинг / Шангај и Париз / Франкфурт, беа врвни светски изложби, но Женева некако се издвојуваше и затоа владееше фама дека секој што произведува автомобили треба да дојде во Женева. И кај новинарите владееше такво чувство. Големата петорка е главна во светот, но еден од тие „петмина“ е поголем од останатите четири – изложбата во Женева. Можеби некој саем ќе биде пропуштен, но не и Женева. Сите во март чекаат вратите од халите да бидат отворени за да присуствуваат на премиерите. Женева, да, но има тука еден чинител наречен пари, односно премногу пари за закуп на изложбен простор. Некои велат пандемијата со вирусот е главната причина, но не е баш така. Опаѓањето на интересот да се изложува во Женева почна кон крајот од минатиот век и почетокот на овој. Тогаш производителите се пожалија на голем пад во продажбата и оттогаш секоја година малку по малку друштвото од изложувачи се намалуваше, а кога завладеа вирусот со светот, саемот во Женева беше откажан во 2019 год. и паузираше сѐ до оваа година. Сепак има едно „мало недоразбирање“, сериските автомобили бележеа пад во продажбата, но затоа малосериските, односно луксузните правеа рекордна продажба. Најновиот податок е следниов, Ламборџини со години наназад бележи само рекорди, за 2023 прикажа најголема продажба откако постои од над 10.000 единици, а најмногу беше продаван моделот „урус“, со учество од скоро 70 насто. Сега „сув“ моделите се најбарани.
Годинава изложбата се одржа од 26 февруари до 3 март, односно од 28 февруари до 3 март, бидејќи 26 и 27 беа резервирани за новинарите и продавачите. Како и да е, кризата во автомобилската индустрија, вирусот и прескапиот изложбен простор се главните причини за отсуство на речиси повеќе од 90 отсто од довчерашните редовни изложувачи. Рено, Дачија, МГ, БЈД, Исузу, Луцид, Кимера Автомобили, Пининфарина, Микролино, Сајленс и Тотем Автомобили, тоа се тие кои беа присутни оваа година, само 11. Зборуваме за производители на автомобили, од кои пет се малосериски.
МГ (во сопственост на САИК), го изложи малиот модел „3“ и колку да имате претстава, МГ продаде најмногу автомобили на европскиот пазар 239.000, од вкупно 350.000 автомобили од кинеско производство, главно електрични. Рено се пофали со „петката“, БЈД со „сил“ и големиот „танг“ со седум седишта. Заедно со БЈД беа и неговите две марки Денза и Јангванг и токму БЈД беше најактивен на саемот. Микролино го претстави возилото кое многу потсетува на “бмв изета“, а Пининфарина Аутомобили беше присутен со егзотиката „батиста“ и нејзините варијации, „енигма гт концепт“ и „б 95“. Луцид приреди три европски премиери: „гревити“, „ер сафир“ и „ер пјур“. Под капата на БЈД беше изложено сув возилото „у 8“ од марката Јангванг, и Дачија поради светска премиера на возилото со кое догодина ќе оди на релито Дакар.
Ако некогаш посетителите беа некаде околу 700 – 800 илјади плус околу 10.000 новинари, 91. издание беше домаќин на 2.000 новинари и 168.000 посетители.