Салон за автомобили Токио 2024-УШТЕ ЕДНА УСПЕШНА ИЗЛОЖБА

22/02/2024

ТРИДНЕВНАТА МАНИФЕСТАЦИЈА ПОСВЕТЕНА НА АВТОМОБИЛИТЕ СЕ ОДРЖА ОД 12 ДО 14 ЈАНУАРИ ВО ХАЛИТЕ НА МАКУХАРИ МЕСЕ ВО ТОКИО. БЕА ПРИСУТНИ НАД 4.300 ИЗЛОЖУВАЧИ СО 893 НАЈРАЗЛИЧНИ ВОЗИЛА, А ИМАШЕ НАД 230.000 ПОСЕТИТЕЛИ, ОКОЛУ 80.000 ДНЕВНО

 

И кога има најголема желба за подготвување голема манифестација за да видат посетителите убави работи, природата прави изненадувања. За новогодишните празници Јапонија беше погодена од многу силен земјотрес, кога организаторите на саемот забрзано ги привршуваа последните подготовки.

Нисан се претстави со неговиот концепт во комбе изведба посебно направен и подготвен за луѓето погодени од природни и други катастрофи. Нисановото концепт возило може одеднаш да понуди полнење на 30 мобилни телефони, да подели 200 оброци, вода за пиење и миење, тоалет, да затопли 200 лица, како и да подели и млеко за доенчиња. Концептот е опремен со екрани на кои постојано се испишуваат најразлични вести поврзани со природната непогода, потоа вести за времето во наредните денови итн. Од овој производител беше претставен моделот „арија“ и „скајлејн“ во најснажната и најпрестижната изведба „нисмо“. Тоа е луксуз проткаен со засилена спортска нота, односно многу коњски сили. Беше присутна и легендата „гт р“, но и делата на студентите од училиштето „Нисанов Автомобилско Технички Колеџ“, потоа „икс треил кроулер концепт“, „бокс бимс концепт“, „марч концепт“, „икс треил аутек спортс спец концепт“ и „серена аутек спортс спец концепт“.

Мазда прикажа тема наречена „мазда спирит рејсинг“ во две изведби, моделите „м икс 5“ и „3“, покажувајќи до каде може да одат со сериските автомобили кога ќе бидат турнати до крајни граници нивните тркачки особини. Да нагласиме, „м икс 5“ и „3“ во спирит рејсинг изведба можат слободно да послужат и за тркачки патеки пониско подвозје, затегнати амортизери, значително полесни седишта од сериските, поефикасни сопирачки, пофуриозно управување итн.

Митсубиши во свој стил беше присутен со: „делиција д:5 шамони сноу гир“, „делиција д: 5 мини шамони сноу гир“, „тритон“ и „аутлендер“, но и со неколку натпреварувачки модели.

Од блиското соседство допатува гигантот Тојота и изложи неколку модели, највпечатлив беше големиот и луксузен „сенчари“, но и „јарис газу рејсинг“ мала лута играчка на четири тркала со прекрасни брзински особини. Акио Тојода, некогашен главен на „Тојота Мотор Корпорејшн“ и претседател на ЈАМА (јапонска асоцијација на автопроизводители), настапи самостојно на саемот со своите „газу рејсинг“ и притоа изјави: „Токио Авто Салон е фестивал каде што љубителите на автомобили со насмеани лица се опкружени со толку многу посакуваните автомобили.“ Во кругот на најблиските и кај тркачката фела Акио Тојода е попознат како Моризо. Четири дена пред ТАС (Токио Авто Салон) е нешто повеќе од изложба на автомобили затоа што главно се претставуваат фризирани возила од локалните работилници. Тоа е нешто како забава на тркала, со многу чудно накитени автомобили, со спојлери, со преголема аудио, но и видеоопрема. На таква изложба има и сериозни претставувања, како тоа на Сузуки, со новиот „свифт“, но и со „супер кери маунтаин треил“, „специа кеј кар“ и со „специа папа боку кичин“. A префинетиот Лексус беше присутен со „рз 450 е спешл едишн“, но во уште попосебна изведба „ф спорт перформанс“ и егзотичниот концепт „л б икс моризо рр“. Наспроти Лексус се појави Хонда со уште посурова изведба од моделот „сивик“ „рс прототип“ и се разбира со обичен менувач. Свој придонес даде и фризирањето од Муген. Тие не можат без да направат некоја измена на постојните модели од Хонда. Зајмен е моделот „цивик тип р“ и, како што е во тркачкиот свет каде што возилата се поделени во групи „а“ и „б“, така и Муген подготви две опреми, за „сивикот тип р“, „група а“ и „група б“. Двете фризирања опфаќаат промена на тркалата со ултра лесни 19-инчни од марката ББС, потоа спојлер повеќе, поинакви од постојните, да речеме зајмени од тркачките автомобили и секако со јаглеродни влакна.

Јамаха настапи смело со своите концепти. Овој производител за саемот подготви основа за мали електрични возила („јамаха мотор платформ концепт“), при што постави дури седум концепти: „концепт 310“, „концепт 580“, „концепт 160“, „концепт 451“, „конепт 350“, „концепт 682“, „концепт 294“ и „ипсилон икс з 1000 р“, а беа присутни и тие на две тркала, како „икс ср 125 абс“.

Субару ја прикажа тркачката дивизија „бр икс с4 сти спорт прототип“, „брз сти перформанс“, „леворг лејбек сти перформанс“, „брз гт 300“, „вр икс нбр челинџ“ и „тим сда инжинеринг брз цнф концепт“. Практично ова е изложба на сè од автомобилската индустрија, но малку дотерано. Беа присутни и многу мали работилници што ги претвораат сериските автомобили во вистински реткости, од најубави до најчудни. Од локална, изложбата премина во меѓународна, така што беа присутни и странски марки, не само домашни. Салонот во Токио првпат е организиран во 1983 година од Даиџиро Инада, создавач на Опшн Магазин, новинар и издавач, љубител на фризирани автомобили, а неговото списание главно им е посветено токму на нив. Оттогаш изложбата се одржува секоја година.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.