Салон за автомобили Париз 2022-ПАРИЗ БЕШЕ И ОСТАНА ДОБАР ДОМАЌИН

17/11/2022

ПАРИСКИОТ САЕМ ЗА АВТОМОБИЛИ ЗА ПРВПАТ Е ОДРЖАН ВО 1898 ГОДИНА И СЛАВИ 124. ГОДИШНИНА ОД СВОЕТО ПОСТОЕЊЕ. НЕКОГАШ БЕШЕ ПРЕСТИЖ И ЧЕСТ ДА СЕ БИДЕ ПРИСУТЕН НА САЛОНОТ ЗА АВТОМОБИЛИ ВО ПАРИЗ, А ДЕНЕС ГО ИЗБЕГНУВААТ. ИСТАТА СУДБИНА ЈА ДЕЛАТ И ДРУГИТЕ САЕМСКИ МАНИФЕСТАЦИИ, ОД ГОЛЕМАТА ПЕТОРКА: ДЕТРОИТ, ЖЕНЕВА, ПАРИЗ, ФРАНКФУРТ, ПЕКИНГ, ШАНГАЈ И ТОКИО

 

Како така, Салонот за автомобили во Париз се одржа иако тој во Женева не само што беше откажан за оваа, туку истото е најавено и за следната година. Можеме да нагаѓаме за причините и поводите кои доведоа до ваквата состојба со саемските манифестации за автомобили, но нема да откриеме и дознаеме што навистина се случува во индустријата на четири тркала. Не е причина само вирусот со неговите две-три години беснеење на планетава. И пред вирусот многу производители го откажуваа своето учество, зошто и како, само тие знаат. Таа навика на неучествување започна некаде пред повеќе од 10 години. На почетокот оние кои не учествуваа се броеја на прсти од една рака за потоа бројките да бидат двоцифрени.

И во Париз многумина не присуствуваа, како на пример Цитроен, а дома е, но затоа учествуваше неговата луксузна дивизија ДС. Чудно, зарем не!? Абарт, Алфа Ромео, Ауди, БМВ, Ферари, Фиат, Хјундаи, Киа, Ламборџини, Ленд Ровер, Лексус, Масерати, Порше, Сеат, Тојота, Фолксваген. Париз беше и остана добар домаќин, но тоа не беше доволно за скоро 20 производители да го откажат своето учество. Но, свое место на саемот имаа Алпине, Дачија, ДС, Пининфарина, Џип, Пежо, Рено, Смарт, Фискер, Микролино, Грејт Вол Моторс, ДСФК, Хопиум, Винфаст и други.

Рено настојува од Алпине да направи престижна гран туризмо марка која ќе учествува и на трки. Ете ја во шампионатот на издржливост, а во Париз допатува со хипер концептот „алпенглоу“ (црвенилото над планинските сртови од Алпите пред изгрејсонце, тоа е алпенглоу). Да не ве изненади ако Аплине наскоро истрча на некој саем со хипер купе од типот алпенглоу, но не концепт туку сериски. Според производителот концептот е електрична формула 1, само што има оклоп. Посетителите на саемот имаа што да видат на штандот од Алпине.

Пежо си е на домашен терен и се покажа во своето најдобро светло со моделот „408“ кој отсега натаму ќе поседува електрификација. Наменет е за секоја возраст благодарение на дизајнот, односно на творците на тој кросовер облик. Свежа линија со која се надеваат на солидна продажба. Првите примероци стигнуваат до купувачите во првата половина од наредната година.

Следен позабележителен настап имаше Дачија со концептот „манифесто“, практично чудо од теренско возило, кое е наменето за совладување тешки терени, а доволен доказ за нашиот заклучок е тоа што концептот нема врати, ни ветробрански стакла.

А Рено е посебна приказна „истрча на теренот“ со современи возила, но во душата се светски легенди, „четворката“ и „петката“. Два автомобили еден до друг, на едно место, кој од кој поголем и позначаен за светската автомобилска индустрија. Слика која може единствено да се посака во сон, а Рено ја понуди на јаве. Овие два модели мора повторно да влезат во сериско производство бидејќи тие во семејството се единица мерка за корисен, употреблив и практичен автомобил, односно возило за секаква прилика.

Џип изненади со најмалото возило кое некогаш го направил, моделот „авенџер“. Правен е на иста основа (платформа „ецмп“) со „дс 3“ и „опел мока“, а покрај него беше и најголемиот, најпрестижниот од семејството, моделот „гранд чироки 4 икс е“.

Секако домашните производители беа најзабележителни и најбројни, но таму беа присутни и кинеските кои бараат свое место под сонцето на континентов.

Производителот БИД изложи три автомобили, еден кросовер „ато 3“ со должина од 4,45 метри и меѓуоскино од 2.720 мм. Покрај ова возило беа изложени лимузините „хан ев“ и „сил“ чии цени се движеа и над 70.000 евра.

Марката Ора беше во Париз и донесе каква таква свежина со моделите „фанки кет гт“ и „лајтинг кет“. Првиот модел е наменет за секојдневието, а вториот е за покажување „сила“. Некои велат е плагијат на возилата од премиум сув класата. Инаку Ора е марка во сопственост на Грејт Вол чии возила ги има и кај нас. Покрај нив беше и „веј кофи 01“, уште еден сув модел (и марката Веj е во сопственост на Грејт Вол). Веднаш до единицата беше изложен и моделот „кофи 02“, исто така, сув модел, но во смалено пакување.

Тука мора да биде спомнат и производителот Винфаст од Виетнам за кого многу се зборува на континентов, но и останатите делови од светот, а во Париз со четири целосно електрифицирани модели: „вф 6“, „вф 7“, „вф 8“ и „вф 9“. Според изјавите од одговорните лица, Винфаст во наредните 12 месеци ќе отвори три главни седишта на континентов, во Амстердам, Франкфурт и Париз, потоа 50 продажни места, а првото ќе биде отворено на 2 ноември во Келн. „Килоу ла бањоле“ и „микролино спиаџина“ и „микролино лите“ се едни од најинтересните возила за младата популација. Првото е теренско возило, а другите две се типично градски и што е најважно сите три се електрични.

Речиси истовремено со отворањето на саемот во Парис, Ролс Ројс го претстави првиот целосно електричен модел „спектар“, но не во некоја од халите. Овие и слични нешта се многу симптоматични. Ако некогаш се бараше метар квадратен повеќе, денес саемските хали изгледаат сосема поинакви, а изложувачите не подготвуваат ротациони бини за автомобилите и го нема тој да го наречеме шарм кој беше присутен на сите саемски манифестации. Други времиња, други манифестации. На пример саемот што се одржува во Женева замре и наредниот што треба да се одржи во март 2023 повторно е одложен, односно го менува градот и државата, се сели на Арапскиот Полуостров.

Некогаш производителите се „тепаа“ да изложуваат во Париз, а денес халите зјаат празни. Годинава доминираа домашните изложувачи и кинеските, останатите беа во занемарливо мал број. Далечниот Исток доаѓа на континентов со своите возила, не само кинеските, туку и тие од производителите од другите земји. Покрај електрификацијата, нешто чудно се случува во автомобилската индустрија и уште нешто да напоменеме, тоа помпезно најавување и трка во електрификацијата најмногу е нагласувана од политичарите, а не од производителите на автомобили.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.