RENO AUSTRAL-КАНГУ АУСТРАЛ….ШТО Е СЛЕДНО, КОАЛ(А)?

16/03/2022

Аустрал, најновото од кујната на Рено и се разбира, возилото е „сув“, затоа што аналитичарите велат тоа е дизајнот на иднината. Името „аустрал“ доаѓа од „тера аустралис“ или во превод земја од југот – „рено аустрал“, односно „рено југ“. Ова е нешто како продолжување на нишката рено кангу, рено аустрал, што ќе биде следното, можеби рено коала? Како што напомнавме на почетокот возилото е „сув“ со должина од 4,5 метри ширина 1,83 и висина 1,62, меѓуоскиното растојание брои 2,67 м, додека најниската точка на возилото е на 17 см од подлогата. Одделот за товар има променлива зафатнина, од најмалку 430 до максимални 575 литри, во зависност од тоа дали задната клупа е крајно напред или крајно назад повлечена, односно дали е или не е присутна батеријата.


Дизел моторите се непознати за ова возило, тоа значи ќе бидат вградувани само чистите, тие хибридните. И сега веднаш да го откриеме најдобриот најновиот и воедно најчистиот меѓу нив. Сосема нова технологија „е – тек“ која самостојно ја полни батеријата при возење. Овој погонски спој во себе има 1,2 литарски трицилиндричен бензински мотор. Спојот од ото и електричниот мотор создава солидна вкупна силина од 200 КС, а со нив ќе управува автоматска менувачка кутија со седум брзини. Оваа технологија засега е присутна само во автомобилите од погорните класи, но како што одминува времето, сите хибридни, но и чисто електрични мотори ќе бидат снабдени со системот за самополнење на батеријата додека возилото е во движење.

Најбогатиот пакет на опрема носи име „есприт алпина“. Да појасниме, не се работи за позајмување на погонскиот агрегат од моделот „110 а“ со цел да се добие спортска изведба. Рековме дека „есприт алпина“ е пакет на опрема, исто како што во Мерцедес имаат „амг лајн“, а автомобилот ја нема силината што се добива во работилницата АМГ. Истото се случува и со „м пакетот“ во БМВ или „р лајн“ во Фолксваген. Шминка и толку, тоа е „есприт алпина“.
„Рено аустрал“ е правен на најновата платформа „цмф цд“ на која подоцна ќе бидат правени и други возила. Основните изведби нема да имаат управлива задна оска, додека тие поскапите, ќе имаат и управлива задна оска (пет степени) и независно обесени тркала.


Ако сите коцки се склопат и сè оди според планот, тогаш првите примероци ќе влезат во продажните салони на есен. За повеќе детали и цена обратете се кај увозникот.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.