Светов како да „збесна“ конструирајќи секакви видови електрични возила и од сите класи. И Рено неодамна претстави мини електрично возило со назнака дека е правено за превоз не само на луѓе, туку и на материјални добра, но на куси релации. Рено кој допрва треба да отпочне со сериско производство на возилото наречено „ез под“, нагласува дека малиот електромобил ќе се движи споро и дека ќе биде најпогоден како за отворените простори, така и за затворените, како џиновските продавници, аеродромите, големи хотелско туристички населби и објекти слични на нив. Возилото не само што може само да се движи, туку повеќе од нив може да се закачат едно зад друго и да се движи како воз.
Како капак на сѐ, овој вид возило е без возач, односно ќе биде управувано од далечина. За ваквиот вид управување најголема улога ќе играат сензорите и камерите – тие ќе ги откриваат препреките кои ненадејно ќе се најдат на патот.
Засега производителот дава само оскудни податоци во кои нема ниту големина на батерија, ниту брзина на полнење, а не ги објави ни димензиите, ни брзината со која ќе се движи „ез под“. Единствено што е познато во врска со големината на возилото е следниов податок – ќе зафаќа простор од три квадратни метри и тоа е сѐ. И не е познато кога ќе започне сериското производство и продажбата. Со неколку зборови „ез под рено“ можеме да го опишем како, мал спор електромобил без возач.