RENAULT EMBLEME CONCEPT-ИЗНЕНАДУВАЊЕ ОД РЕНО

09/10/2024

Ги подготвуваше сериските модели за автомобилската изложба во Париз што треба да се одржи од 14 до 20 овој месец, а зад завеси работел на посебен концепт автомобил наречен „емблем“. Убаво изненадување приреди Рено без никаква најава како гром од ведро небо и истовремено, на 14 октомври, најави негова светска првична средба со јавноста.

Производителот прикажа фотографии од надворешниот изглед на возилото, но внатрешноста ја крие и подготвува за првичното прикажување. Автомобилот е долг 4,8 м и не е класична лимузина, а уште помалку класичен сув, а не е ни караван или кросовер – односно од сѐ по малку и на крај е „рено емблем концепт“. Дизајнот добива највисоки оцени од јавноста и ќе биде голема штета ако и овој концепт заврши во некое депо да собира прашина. Зошто светот да не вози убави автомобили? Тој дизајн допринел и за релативно нискиот коефициент на отпорот на воздухот од 0,25. Бројката не е супериорна, но е во границите на прифатливото за денешницава.

Концептот „емблем“ е вистински семеен автомобил со нагласено убав дизајн и згора на сѐ неговиот погон е електричен составен од електромотор (218 КС), батерија и горивни ќелии, а штом ги има тоа значи користи  водород како гориво. Преку горивните ќелии со помош на водород се произведува електрична енергија која ја надополнува батеријата и така автомобилот може да измине 650 км, односно 300 км само со батерија или дополнителни 350 км со уредот за производство на електрична енергија со помош на водород. Резервоарот за водород е со зафатнина од 2,8 л и при негово дополнување во времетраење од само пет минути, возилото може да измине дури 1.000 км.

Не е само електричниот погон тој што е „зелен“, туку конструкторите севкупно внимавале на материјалите и нивното производство. Дури и електричната енергија употребена при производството исклучиво потекнува од обновливи извори (сонце, ветар, бранови…). Сето тоа е направено за намалување на јаглеродниот диоксид кој се појавува при производството на кој било дел од автомобилот.

Од Рено велат концептот „емблем“ ќе послужи како идејно решение за моделите кои допрва ќе бидат произведени. Тоа значи некои делови од концептот ќе бидат директно применети во сериските модели и толку – или со други зборови нема влегување на концептот во сериско производство. Да се надеваме дека работите со „рено емблем“ ќе се одвиваат во сосема друг правец и ќе стаса во производните хали.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.