RENAULT CAPTUR-ОБНОВУВАЊЕ НА МОДЕЛОТ „КАПТУР“

11/04/2024

Рено ја менува дизајнерската философија. Карактеристичната маска во облик на видоизменет превртен триаголник сега е заменета со елегантни тенки хоризонтални линии. Ако внимателно се простудира новиот дизајнерски чекор, тогаш ќе можете да приметите дека и предниот дел на „дачија дастер“ е составен од таквите линии – има некои сличности. Новиот лик на моделот „каптур“ дело на дизајнерот Жил Видал (главен во тамошниот оддел), е во содејство со непишаното правило од време на време моделите да се обновуваат и со тоа да опстанат на пазарот уште околу две години, за потоа да бидат заменети со нова генерација. Моделот „каптур“ за првпат се појави во 2011 година на Салонот за автомобили во Женева како концепт, а серискиот модел беше претставен во 2013. Оттогаш до денес се продадени повеќе од два милиони примероци и затоа Рено води голема грижа за овој „сув“ од сегментот „б“.

Најголемите дотерувања се на предниот дел од возилото, додека тие страничните и тие одзади се минимални. Нема измени ни во погонските единици – бензински 1,0 со 90 КС, истиот мотор на плин со 100 КС и обичен менувач со шест преноси, бензински 1,3 турбо со 140 КС и обичен менувач, додека истиот мотор со 160 КС има автоматски „едц менувач“ – и хибридната изведба со 145 КС.

„Рено каптур“ располага со 4,23 м во должина, димензија сосема доволна за семејство со четири или пет члена, а товарниот оддел има солидни 616 л кога задната клупа е до крај поместена нанапред. За тие што сакаат малку луксуз Рено го нуди пакетот „есприт алпине“ со 19 инчи тркала и каросерија во две бои. Продажбата треба да започне на средина од летото. Многу производители во најновите модели нудат и дизел мотори, но не и Рено во моделот „каптур“, зошто?

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ