НА РЕЛИТО НА КАНАРСКИТЕ ОСТРОВИ, РОВАНПЕРА ГИ ДЕКЛАСИРАШЕ РИВАЛИТЕ, ПОБЕДИ УБЕДЛИВО, БЕШЕ НАЈБРЗ НА SUPER SUNDАY, НА ИСПИТОТ WOLF POWER, И ГО ПРЕДВОДЕШЕ СИЛНИОТ НАПАД НА TOYOTA КОГО ЈАПОНСКИОТ ТИМ ГО ПРЕТВОРИ ВО 1-2-3-4 ПОБЕДА.
Кале Рованпера се врати. Удри со полна сила и освои грандиозна победа на новиот настан во Светскиот шампионат во рели, релито на Канарски Острови. Неговата апсолутна доминација на ова рели беше надреална. Дури успеа да му побегне на својот тимски другар и осумкратен светски шампион Себастијан Ожие за неверојатни 53,5 секунди на крајот од релито. Разлика која се чини просто неверојатна, уште повеќе ако се земат предвид секогаш силните перформанси на Ожие кога се вози на асфалт. Едноставно Рованпера на ова рели возеше во лига сам за себе. Малку фалеше да извози едно совршено рели со победа на сите брзински испити, и да се запише во книгата на славните како втор возач во историјата кому му пошло од рака да го постигне овој совршен резултат. Секако, Кале Рованпера е млад возач и се надеваме дека ќе има прилика да го достигне ова возачко совршенство.
Дотогаш името на големиот Себастијан Леб ќе остане единствениот запис во оваа книга на славните. Деветократниот светски шампион во рели, победи на сите брзински испити на релито на Корзика во 2005 година и стана првиот возач во историја кому му успеал овој подвиг. Секако подвигот на Леб останува прв и единствен, барем за сега. Ниту дотогаш, ниту оттогаш, ваков подвиг не му успеал на еден возач на рели. Кале Рованпера, на релито на Канарски Острови, беше на добар пат да го достигне рекордот на Леб. Но, тоа не му успеа за малку. Од вкупно 18 брзински испити на релито, тој победи на 15.
Рованпера не беше единствената блескава ѕвезда на ова рели. Подеднакво блескаше и тимот на Toyota Gazoo Racing. На чело со младиот Финец, Toyota прикажа апсолутна доминација на Канарите. Освои победа 1-2-3-4 што се случува втор пат во историјата за еден производител на настан што се вози на асфалт. Првпат победа 1-2-3-4 на асфалт му успеа на Citroen во 2010 година на релито на Бугарија, кое само таа година беше дел од Светскиот шампионат. Toyota, Citroen и Mercedes се единствените во историјата на релито со победа 1-2-3-4. Citroen има една, и Mercedes има една во 1979 година на релито на Брегот на Слоновата Коска, а за Toyota ова е четврта. Претходните три победи во формат 1-2-3-4 Toyota ги забележа на релито на Кенија во 1993, 2022 и 2023 година.
Релито не е непознат за Канарските Острови, иако годинава, тие за првпат се дел од Светскиот шампионат во рели. Можеби делува изненадувачки, но Канарите живеат за рели, бидејќи секогаш се прв избор на тимовите кога станува збор за тестирање на асфалт. И, воедно, до лани, беа најомилениот настан од Европскиот шампионат во рели кој привлекуваше најмногубројна публика. Годинава, на големо задоволство на караванот на Светскиот шампионат, не беше ништо поразлично. Илјадници фанови беа наредени крај патеките бодрејќи ги модерните гладијатори и нивните монструми на четири тркала. На Канарите патеките се мазни, но не простуваат грешки. Нема потреба од сечење на свијоци, но затоа прецизноста и ритамот се пресудни.
Во една олку со емоции набиена атмосфера Кале Рованпера ги сврте работите наопаку. Како да не постоеше почетокот од сезоната кога работите не му одеа од рака, а тој префрлаше вина на новите гуми на Hankook. Коцките конечно се склопија за младиот Финец и тој блесна. Дрско презеде контрола од првиот брзински испит нижејќи најдобри времиња едноподруго. Првиот ден од релито го заврши далеку пред второпласираниот Себастијан Ожие. Предноста во однос на Кралот на Монте Карло, од 26,8 секунди, се чинеше неверојатна како за почеток. Но, тоа беше само вовед во декласираност на своите ривали. Во саботата пет од шест испити ги испука како од пушка. Не победи само на последниот испит од денот кој му припадна на Елфин Еванс. Беше евидентно дека Рованпера има намера да освои сè што може да се освои на ова рели. Продолжи со напад и на последниот ден од релито. Иако вториот и третиот испит од денот му ги препушти на Ожие, сепак, беше најбрз во неделата освојувајќи максимални 5 бода од Super Sundаy. Победи и на последниот испит Wolf Power што му донесе уште 5 бода. Па така, од Канарските Острови, Кале Рованпера си замина со максимални 35 бода и преку ноќ од шесто скокна на второ место во шампионатот за возачи.
Никој, па дури ниту Ожие, немаше одговор за перформансите на Рованпера, кого во шега го нарече „лудиот мал Финец”, алудирајќи на неговата брзина која како да беше надвор од овој свет. Ожие немаше друг избор освен да се задоволи со второ место. Водечкиот во шампионатот Еванс призна дека се чувствува фрустрирано бидејќи седи во иста машина, но ниту од близу не е во позиција да се бори за победа. Велшанецот не стигна подалеку од трето место, а четвртиот возач на Toyota на ова рели, Такамото Катсута беше среќен со четвртото место кое во саботата го наследи од Пајари. Toyota беше на добар пат да се закити со дури 1-2-3-4-5 победа на Канарите. Но, петиот возач во тимот, Сами Пајари, кој беше поуспешен од Катсута, удри во дрвена бариера на 12 брзински испит, го уништи автомобилот, по што мораше да се откаже.
Дебакл за тимот на Hyundai. Перформансите на i20N Rally1 беа далеку од она што се бараше на мазните патеки на најголемиот остров на Канарите, Гран Канарија. Возачите се жалеа на управливоста на автомобилот, но и на брзината. Тимот на крај лошите перформанси ги адресираше до несоодветни диференцијали. Беше очигледно дека Hyundai не ја сработил домашната задача за ова рели. Најбрз од возачите на Hyundai беше Ејдриен Формо кој заврши петти, а на крај од релито заостануваше 2:31 минути зад Рованпера. От Танак беше уште полош со преку 3 минути заостанување зад победникот, а се пласираше на шесто место. За работите да бидат уште позамрсени за Естонецот, моторот на неговиот автомобил откажа на крајот од саботата. Механичарите во сервис го заменија за магични 46 минути пробивајќи ја границата за една минута. Заради што Танак заработи казна од 10 секунди. Тиери Нувил заврши седми со 3:40 минути зад Кале. И за несреќата да биде поголема беше единствен кому му успеа да дупне гума.
Еванс останува на лидерската позиција во шампионатот за возачи. Има сериозно конто од 109 бода после четири настани. Второпласираниот Рованпера со 66 бода е далеку зад Еванс кој во моментот е најдобриот кандидат за титула. На трето место е актуелниот шампион Нувил со 59 бода.
Toyota повторно значително се оддалечи од Hyundai во шампионатот за производители. Јапонците натрупаа 208 бода или 51 повеќе од Корејците кои сега имаат 157 бода. Додека M-Sport Ford има скромни 58 бода.
Следен настан во календарот е релито на Португалија кое се вози од 14 до 19 мај.
WRC2–РОСЕЛ ПОЛЕКА ГИ МЕСТИ КОЦКИТЕ ЗА ТИТУЛА
Јохан Росел како да сакаше да ги преслика перформансите на Кале Рованпера во категоријата WRC2. Французинот водеше од почеток докрај во својата класа освојувајќи 13 од вкупно 18 брзински испити. Тој се најде под сериозен притисок од домашниот возач Алехандро Кашон, но сепак успеа да го доведе својот Citroen C3 Rally2 до втората победа годинава. Кашон заврши втор, а Никола Грјазин го пополни третото место на подиумот. Успехот на Канарските Острови му овозможи на Росел да го зголеми водството во генерален пласман на 15 бода во однос на Оливер Солберг кој не возеше на ова рели. |