Рели Дакар-ОД ЈУЖНА АМЕРИКА РЕЛИТО СЕ СЕЛИ НА АРАБИСКИОТ ПОЛУОСТРОВ

09/01/2020

ЛЕМАН? СИТЕ САКААТ ДА ПОБЕДАТ НА ТИЕ ТРКИ, НО НЕ МОЖАТ ДА ДИШАТ БЕЗ РЕЛИТО ДАКАР, ЗАТОА МНОГУМИНА СИ ЈА ИСПРОБАЛЕ СРЕЌАТА, А САМО НАЈПОДГОТВЕНИТЕ ЈА ПОЧУВСТВУВАЛЕ СЛАВАТА.

 

Сега сме на прагот од уште едно пустинско рели издание и можеби веќе погодувате за кое рели пишуваме. На почетокот од секоја година светски најголемите авантуристи, но воедно и професионалци се собираат да ги испробаат сопствените и способностите од возилата. Сите тие ќе си ја пробаат среќата да стигнат до првото место на најтешкото рели на планетава наречено Дакар. Не само што е најтешко туку е и најдолго, најисцрпувачко и најопасно бидејќи редовно се вози низ непрегледните пустини.

Покрај сите тешкотии со кои се соочуваат учесниците, капак на сè е должината која е ужасно голема. Догодина тие што ќе стигнат на целта ќе изминат рута долга 7.900 километри во период од 5 до 17 јануари. Тоа се 13 дена со еден ден одмор, односно за 12 дена скоро 8.000 километри низ пустински предели со брзини над 200 км/ч. Крајно исцрпувачки, како за возачите, така и за возилата, но и за пропратните екипи и организаторот. Замислете си возење на патека долга 600 и повеќе километри, но не обично, туку такмичарско возење каде педалата за забрзување се држи на подот од возилото. Тоа е на патека, а што се случува ако патеката ја замениме со пустина каде човековата нога никогаш не стапнала? Некогаш и најмало невнимание доведува до откажување од релито, а некогаш, за жал, завршува фатално. Тоа е, авто мото спортот со себе носи голем ризик кој треба да се сведе на најнизок можен процент. Затоа се преземаат најголеми безбедносни мерки со цел да се зашитат сите учесници заедно со посетителите на настанот.

Го наведовме датумот на стартот, должината на рутата и сега е ред да ја претставиме земјата домаќин, Саудиска Арабија. Организаторот реши по 15-годишен престој во Јужна Америка да се пресели во Азија, поточно на Арапскот Полуостров. За првпат релито се одржува исклучиво во Азија и тоа само во една земја. Ова се случува по втор патда се вози релито само во една земја, годинава тоа се случи во Перу, а наредната година и во С. Арабија. 42. издание на релито Дакар ќе биде поделено во 12 етапи со вкупна должина од 7.900 км од кои над 5.000 километри се специјални испити. Тие што пред време ќе се откажат од релито, имаат прилика повторно да му се приклучат на карванот. Организаторот нуди втора прилика, нешто како поправен испит за понеискусните да го завршат релито и со тоа да стекнат повеќе пустински километри, односно да можат самите да увидат каде грешеле и колку се или колку не се подготвени за маратонското рели. Пријавени се вкупно 351 возило, во споредба со Перу повеќе за пет отсто или 334. Караванот ќе го сочинуваат 170 мотоцикли и квадрицикли, 134 автомобили и ССВ и 47 камиони. Сите големи имиња се на купче. И Карлос Саинц, и Фернандо Алонсо, и Мистер Дакар, односно Стефан Петерхансел, и Хуан Нани Рома, и минатогодишниот победник Насер Ал Атија. 557 такмичари од 53 земји, а меѓу нив и 13 дами предводени од Камелија Липароти и Анет Фишер. На релито е пријавен и највозрасниот победник. Тоа е Италијанецот Џулио Минели кој во 1986 година заедно со Џакомо Висмара го освоија првото место во класата на камиони.

Дури 65 натпреварувачи ќе ги запишат своите имиња во историјата како единствените кои учествувале на релито Дакар возејќи на четири континенти, Африка, Европа, Јужна Америка и Азија. Четворица од нив имаат победено и во Африка и Ј. Америка, тоа се Стефан Петерхансел и Хуан Нани Рома кои имаат победа и на две и на четири тркала, потоа следи Марк Кома со победа во класата на мотоцикли, а Чехот Јозеф Мачацек доминираше во категоријата на квадрицикли во Африка иако таа класа беше сè уште во зародиш, но својата умешност ја потврди неколку години подоцна во Ј. Америка кога во 2009 година стигна прв на целта.

Сè е подготвено и „забавата“ на која наместо памфлети ќе има премногу пустинска прашина и песок, може да почне, единствено се чека 5 јануари за учесниците од градот Џеда да го започнат 12-дневното патешествие, со еден ден одмор во главниот град Ријад, а потоа уште шест дена „талкање“ додека стасаат на целта во градот Кидија на 17 јануари.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.