НА ПОЧЕТОКОТ БЕА ВО АФРИКА СО НЕКОЛКУ ИЗЛЕТИ НА КОНТИНЕНТОВ И АЗИЈА, ПОТОА ЗАМИНАА ЗА ЈУЖНА АМЕРИКА И КОНЕЧНО ГОДИНАВА РЕШИЈА ДА ЈА ЗАПОСЕДНАТ АЗИЈА, ПОТОЧНО САУДИСКА АРАБИЈА. ДАЛИ ПОЛУОСТРОВОТ ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН И ДОГОДИНА, ОДГОВОР ЧЕКАМЕ ОД ОРГАНИЗАТОРОТ.
Уште едно рели Дакар е зад нас. Завесата спуштена, славата отиде кај победниците, но и кај сите други такмичари затоа што да се учествува на такво рели е преголем настан, а уште поголем е да се стаса на целта. Ако имате среќа да победите, тогаш преку ноќ станувате крупна ѕверка.
Колку е тешко Релито Дакар говори фактот што и најискусните кои зад себе имаат стотици илјади извозени километри повторно грешат и неретко се откажуваат.
На пример, годинава едно големо име од автомобилскиот спорт се откажа, некогашниот шампион во формула 1, Фернандо Алонсо. Според неговите апетити го приметуваме следново – има победа во Монте Карло со формула 1, има победа на Ле Ман, сега истото сака да го потврди на релито Дакар и да биде најбрз на Индијанаполис 500 и со тоа да ја заокружи кариерата „големата четворка“. Досега светот нема видено таков возач, да ја има „четворката во џеб“, а дали Ф. Алонс ќе биде првиот, има време, ќе видиме.
42. издание од најпознатото рели во светот се возеше во Саудиска Арабија. За првпат во историјата на релито Дакар една земја од Азија е домаќин. Настанот секогаш се одвивал во повеќе држави, но во минатата година (Перу) и во оваа се вози само во една држава.
Големиот настан започна на 5 јануари и се возеше до 17. Учесниците 351 на број, имаа задача во рок од 13 дена да изминат 7.900 км од кои 5.000 беа специјални етапи.
Стартот беше закажан во Џеда, град на брегот од Црвеното Море, шестиот ден беше наменет за одмор во главниот град Ријад и на 17 јануари крајното одредиште Кидија. Цели 13 дена бркотници низ пустинските предели на Арапскиот Полуостров со еден ден одмор.
Официјалниот список го вели следново: 170 мотоциклисти и квадрицикли, 134 автомобили и ссв возила и 47 камиони. Тоа беше карванот за оваа година. Од нив целта ја минале вкупно 237 – 96 мотоциклисти, 12 квадрицикли, 58 автомобили, 31 ссв и 40 камиони.
Целта прв ја мина „ел матадор“ легендата Карлос Саинц со совозачот Лукас Круз во багито на Мини. Веднаш зад него на нешто повеќе од шест минути стаса Насер Ал Атија, минатогодишниот победник, а третопласиран беше „мистер дакар“, односно Стефан Петерхансел. Петходно спомнатиот шампион од формула 1, Алонсо имаше добри пласмани сè до хаваријата, но и покрај тоа релито го заврши на 13-то место, што е голем успех за нов во друштвото. Ако внимателно се види генералниот пласман, се приметува како искусните возачи се при врвот, а помалку искусните и почетниците се подалеку од врвот. Тоа искуство му треба и на Алонсо, но според неговите амбиции треба да очекуваме скорашна победа.
Во класата на мотоциклистите победи Рики Брабек со Хонда. Ова е историска победа за Хонда затоа што го фрли во сенка надалеку познатиот КТМ, го прекина неговото 18 годишно владеење и се враќа на тронот каде што беше пред 31 година. И второпласираниот Пабло Квантанила им зема мерка на „катеемовци“ со неговиот мотоцикл од марката Хускварна. Трет на целта стигна Тоби Прајс, победник на релито во 2016 и минатата година.
Квадрициклите влегоа во распоредот на релито Дакар во времето кога Јужна Америка беше домаќин на најдолгиот караван во светот. Во таа класа најдоминантни беа браќата Алехандро и Маркос Патронели кои заедно имаат пет титули од релито. Годинава најуспешен од класава беше чилеанскиот натпреварувач Игнацио Касале и во генералниот пласман водеше од стартот до крајот на релито без некој вистински да го загрози неговото прво место.
Во најбрзо растечката класа по бројност, „ссв“, Кејси Кари беше најснаодливиот, најпостојаниот и најитриот кој се избори за првата титула од релито Дакар. И покрај многуте победници на етапи, сепак Кари успеа да победи благодарејќи на неговата упорност и концентрација за цело време на релито.
Интересно е да се спомне дека тука е Сирил Депре петкратниот победник на релито во класата на мотоцикли во: 2005, 2007, 2010, 2012 и 2013. Победи на една етапа, но не успеа да направи нешто повеќе. Покрај Кари, најупорен и најпостојан во возењето беше Сергеј Карјакин кој стигна втор на целта иако немаше ниту една победа на етапите, но затоа секогаш ги завршуваше при врвот. Инаку тој е носител на една титула од релито во 2017 во класата на квадрови.
Кај камионите нема никакви промени. Камаз е еден од тие што темелно и до крај си ја врши работата. Кога сите мислеа и прогнозираа дека Николаев, трикратниот последователен победник на релито, ќе победи на релито по четврти пат, работите го сменија текот и Николаев беше приморан да се откаже поради неколкуте еден по друг проблеми со возилото.
Сепак семејството Камаз не остави ништо на случајот. Тогаш на сцена стапува Андреј Каргинов со Мокеев и Леонов кои заедно со останатите од Камаз го води тимот кон уште една победа. Второто место, исто така, му припаѓа на Камаз со триото Шибалов / Никитин / Татаринов, а на третото се проби Маз спортауто со Виазович, Харарин и Запарошчанка и сега ако спомнеме дека Камаз беше и на четвртото место, нема да биде чудно затоа што оваа марка на камиони ретко кога е надвор од игра за првото место и подиумот, а многу често се случуваат победи од типот 1 – 2, како сега и 1 – 2 – 3. Од горенапишаното приметливо е присуството и доминацијата на поискусните учесници. Кога кажуваме присуство мислиме на пласманите меѓу првите 10. Ретко кога новите такмичари имаат подобри пласмани отколку тие со подолг стаж. Секако дека се можни изненадувања, но не и нешто посериозно.
Сепак тоа се премногу тешки предели и терени за возење, каде дивината е над сè, така што сите се ставени на комплетен ризичен испит каде понекогаш и искусните имаат големи потешкотии, а не, пак, почетниците.