ДА СЕ БИДЕ ДВЕ НЕДЕЛИ ВО ПУСТИНА Е ПРЕМНОГУ, А ЗАМИСЛЕТЕ КАКО ЌЕ ВИ БИДЕ АКО ТРЕБА ДА ВОЗИТЕ 8.000 КМ СО САМО ЕДЕН ДЕН ОДМОР. РЕЛИ НА ИЗДРЖЛИВОСТ, КАКО ЗА УЧЕСНИЦИТЕ, ТАКА И ЗА ВОЗИЛАТА. ЗАТОА РЕЛИТО ДАКАР Е НАЈТЕШКОТО, НАЈРИЗИЧНОТО И НАЈАВАНТУРИСТИЧКОТО ШТО СВЕТОТ ГО ВИДЕЛ ДОСЕГА
Заврши уште едно рели Дакар, завесата е спуштена, а победниците можеби сè уште слават. За ова рели велат дека е добро да дојдеш до целта, тоа е исто како победа, барем така се изјаснуваат учесниците. Така велат затоа што ова е многу повеќе од рели. Годинава релито Дакар се возеше по 46. пат, петто во споменатата пустина, односно во државата Саудиска Арабија. Тојота, инаку бранител на титулата од минатите две изданија, годинава не успеа трет пат едноподруго да триумфира. Победата ја однесе Ауди, а зад управувачот беше Карлос Саинц и совозачот Лукас Круз. Се чини преголемото искуство беше главен помагач во походот кон четвртата титула во 15 години учество на релито Дакар. Интересно е тоа што Саинц секоја победа ја има остварено со друг тим. Најнапред со Фолксваген во 2010 година, со Пежо во 2018 г., со Мини во 2020 г. и сега со Ауди. Ова е прва победа за Ауди, а 61-годишниот Саинц во моментов е највозрасен освојувач на титулата Дакар. Најинтересно е што победата во генералниот пласман не е остварена со победа на некоја од етапите, но затоа „Ел матадор“ беше постојано при врвот на секој специјален испит и на тој начин полека, но сигурно ја ткаеше победата. Негов најголем противник, шампионот над шампионите, Себастијан Лоеб, со дури девет последователни титули во СРШ, не успеа да дојде до првото место, иако победи на речиси половина од специјалните испити, односно на пет од вкупно 12. Во 11 етапа скрши дел од подвозјето и му беа потребни малку повеќе од 90 мин. да го отстрани дефектот (плус пенал) и да продолжи со возењето. Можеби сето тоа го чинеше титула. Годинава само трето место за С. Лоеб и совозачот Фабијан Лиркин, трипати второпласиран, 2017, 2022 и 2023 г., но сè уште без титула. Изненадувачки одлично второ место за Жуилам де Мевиус со совозачот Ксавиер Пансери со Тојота. Бранителот на титулата Н. Ал Атија се откажа во втората половина од релито и изјави дека веќе не сака да биде дел од тимот. Петкратниот носител на титулата Дакар потпиша за тимот на Дачија.
Во класата на мотоцикли победи Рики Брабец со Хонда и ова е негова втора титула по таа во 2020 год. Неговите противници велат дека ова рели го извозел беспрекорно добро, без ниедна грешка и ниеден пад. И Брабец изјави: „Ме чуди тоа што не паднав ниеднаш.“ Второто место му припадна на Рос Бранч со мотоцикл од марката Хиро и третото место му припадна на Адријан ван Беверен, исто така, со Хонда. Некогашниот непобедлив КТМ најверојатно нема мотив за победа по претходните 19.
Во најтешката категорија во која тимот по три члена го нема Камаз, неприкосновениот на ова рели. Годинава во класата камиони победи чешкиот тим Мартин Мачик со совозачот Франтишек Томашек и механичарот Давид Сванда заедно со Ивеко. Круната се врати во чешки раце по 23 години кога камионот од марка Татра возен од Карел Лопре победи на релито Дакар. Неговиот внук Алеш Лопре годинава заврши на второ место, заедно со совозачот Јарослав Валтер Јуниор и механичарот Јири Строш со камион од марката Прага. Третопласирани беа возачот Митчел Ван Ден Бринк, совозачот Мозис Торалардона и механичарот Јарно ван де Пол со Ивеко. Меѓу победниците имаше и една дама Кристина Гутиерес Херо со совозачот Пабло Морено Хуете во класата Предизвикувач (челинџер). По долги 23 години повторно дама на подиумот, по Јута Клајншмит во 2001 година која ја освои титулата во престижната класа.
На целта пристигнаа 239 возила од 340 појавени на стартот. Од нив 96 се мотоцикли, седум квадрицикли, 87 автомобили (од сите класи), 28 баги возила и 21 камион. Релито Дакар првпат стартуваше во 1979 година од Париз, а целта беше во Дакар, главниот град на Сенегал. Тогаш релито беше наречено Париз Дакар и во тие години се возеше во Африка, а главен организатор и основач беше Тиери Сабин.