Разговор со Христијан Илиоски-ПОСЛЕДНИОТ МОХИКАНЕЦ

22/11/2024

ХРИСТИЈАН ИЛИОСКИ ВЕЌЕ 15 ГОДИНИ ОПСТОЈУВА НА МАКЕДОНСКАТА МОТОКРОС СЦЕНА И ГИ ПОМИНА СИТЕ ФАЗИ, ОД НАДЕЖЕН МЛАДИНЕЦ ДО ЛЕГЕНДА НА СПОРТОТ

 

Уште една мотокрос сезона во Македонија е затворена со триумф на Христијан Илиоски од Битола. Бидејќи мотокрос е единствената дисциплина во која државното првенство сè уште се организира, овие возачи со право можат да се опишат со метафора, односно како „последните Мохиканци“. Оваа година беа организирани четири трки на домашно ниво, од кои две на патеката крај Скопје (во Орман), а уште две на веќе познатите локации крај Гевгелија (Милци) и Битола (Смолево). Илиоски победи на сите четири во категоријата МХ1 за мотори со зафатнина до 450 сантиметри кубни, а го следеа Гоце Томовски и Васко Киров.

Сè започна на моја седумгодишна возраст: мотокрос ми стана голема љубов, потоа и многу труд и жртва како и во секој спорт. Низ годините наназад успеав да постигнам многу резултати во мотокрос во меѓународни рамки за Македонија. Не секогаш соодветно поткрепен, секогаш кога ќе постигнев многу во сезона, наредна сезона секогаш била предизвик и мака, па затоа и имав паузи  кои не би ги имал ако резултатот кој го носев беше соодветно награден. Во нашиот спорт, покрај сопствената подготвеност, потребен е и добро подготвен мотор. Мотокрос е спорт кој бара голем труд, многу посветеност, голема псхичка и физичка подготвеност и најтешкото, соодветна техника и опременост, вели Илиоски. Ова е негова тринаесетта титула во домашните првенства, каде што има во три случаи освоено и признание „Златна кацига“ за три титули едноподруго.

Тој паралелно со настапите во државното првенство возеше и во шампионатот на БМУ (Балканска моторспорт унија). Во минатото, оваа унија организираше и сопствено европско првенство, а сега истото е ревидирано и проширено со нови земји учеснички.

За жал, ова проширување ги искомплицира работите за мене, бидејќи трките се одржуваат на далечни и скапи локации. Покрај балканските земји, беа придодадени и Словенија и Италија, а исто така шампионатот предизвика поголем ангажман од страна на возачите и организаторите од Грција и Турција. Оваа година возев на оние кои ми беа најблиски и на сите победив (Крешево во Босна, Власотинце во Србија, Кавала во Грција, Кортен во Бугарија и Афионхаракиза во Турција. Така што според моите пресметки, би требало да ја осигурам титулата, иако до крајот на сезоната ќе има уште една трка, крај Истанбул во Турција. Календарот имаше осум трки, но беше донесено правило дека ќе се бодуваат шест најдобри пласмани и тоа ми помогна да не морам да учествувам на оние кои беа организациски најскапи за мене.

Според Илиоски, ова е негова втора титула во низа на БМУ Европското првенство за класата МХ1, а има уште една титула во класата МХ2 освоена во 2009 година и уште една во класата МХ85 во 2005 година, а „попатно“ освоени се уште десетина пласмани на вицешампионска позиција или на трето место.

Резултатите се доказ за она што е постигнато. Од многугодишно искуство во поединечен спорт, сметам дека за врни резултати треба да добиеме поголема грижа од државата и од луѓето што треба да дејствуваат организациски. Само така државата ќе може да се грижи за талентите, да го вреднува секое достигнување, бидејќи тоа е национален интерес, кој кај нас недоволно се истакнува.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ