Разговор со Бранко Кипровски, двократен државен првак на ридски патеки-ВОЗАМ СО БРИТАНСКА ЛИЦЕНЦА, НО ГО ВЕАМ МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ

29/10/2024

БРАНКО КИПРОВСКИ ЈА ЗАПОЧНА СВОЈАТА АВТОМОБИЛИСТИЧКА КАРИЕРА НА РИДСКОБРЗИНСКИТЕ ТРКИ ВО МАКЕДОНИЈА, НО КАКО ШТО ЖИВОТНИОТ ПАТ ГО ОДВЕДЕ НАДВОР ОД ТАТКОВИНАТА, ТАКА ПРОДОЛЖИЈА И НЕГОВИТЕ НАСТАПИ ВО МЕЃУНАРОДНА КОНКУРЕНЦИЈА

 

Во спортот постојат многу убави приказни, стории налик на познатите детски приказни со заплет како оној на Пепелашка, „од калта до ѕвездите“, но и приказни за вечните борци со ветерниците, налик на Дон Кихот. Не е нужно дека еден спортист ќе има само една приказна зад себе, напротив, кариерата на многумина е повлијаена од различни фактори и можни се разни варијации. Така е и во случајот со македонскиот автомобилист Бранко Кипровски, кој успеа да стане двократен државен првак на ридски патеки, но продолжи да ја гради својата кариера надвор од татковината, при што се соочува со различни искушенија.

АМСМ КМ: Последен пат разговаравме во 2021 година кога возеше во англискиот Фокус Куп. Како помина таа сезона и кои резултати успеа да ги постигнеш?

Бранко К: Настапував под македонско знаме и со македонска лиценца, па и покрај победата на „Крофт“ со шест секунди разлика, на другите трки имав неочекувани проблеми и казни кои според мене беа банални, па дури и поради туѓи грешки, но успеаја „да ми ги скратат крилјата“ и да ме отстранат од конкуренција за пол позиции и победи. На патеката „Castle Comb“ имав епизода да ми изгаси моторот во мојата кола на стартот, а бидејќи тоа е куп-натпреварување, каде што ние всушност само ги позајмуваме автомобилите од организаторите и немаме право да чепкаме во нив, тоа го протолкував како еден вид порака дека не сакаат странци. Од друга страна, немав помош од македонската федерација, никој ниту ми честиташе, ниту ми помогна да се популаризираат моите резултати, иако според Статусот треба да ги промовираат македонските возачи. Не знам ниту дали ја информирале тогашната Агенција за млади и спорт, но имам чувство дека останав без поддршка во пикот на мојата кариера. Останав без лиценца и не ми даваа исписница, па се жалев до ФИА и им покажав дека имам трки извозено во Британија, па ми дозволија да извадам британска лиценца без исписницата од македонската федерација. Во тој период од две години изгубив голем број на спонзори, менаџер и ментор, како и целата сезона во вредност од 65.000 фунти. Испратив жалба до Агенцијата за млади и спорт, но до ден-денешен немам одговор. Немаме повеќе македонски авто спорт, државните пари се даваат на возачи кои настапуваат во странство. Преку социјалните мрежи се борам за правдина, посакувам да го вратиме спортот онаму каде што беше околу 2000 година. Не сакам да останам нем, искрено го сакам спортот и ако некој е загрижен и провери, ќе види дека ја зборувам вистината.

АМСМ КМ: Што се случуваше на британски терен во меѓувреме, како еволуираа нештата откако доби нов менаџер?

Бранко К: За оваа 2024 година се одлучив за настап во серијата „Racing hondas“, со возило Хонда Сивик ЕП3, со мотор од 240 КС. Иако по предолга пауза од 2 години, направивме одлична промоција на телевизии, радија, социјални мрежи и во Скопје, во „Дајмонд мол“ како мои партнери. Го претставивме возилото за јавноста и за медиумите, разговаравме со компании за соработка. Сезоната почна и веќе на почетокот покажавме дека не сме таму случајно. Настапив со сериозно подготвен тим, на патеката „Anglesey“, меѓу 36 возила кои се појавија на првата трка и освоив осмо место, а во втората и покрај тоа што имав извртување, стигнав четврто место. Во вториот гран при викенд освоив седмо место во првата трка, и петто место во втората. Веќе на третиот викенд, на патеката „Cadwell Park“ во првата трка стигнав до подиум – трето место и високо развиорено македонско знаме, а во втората трка бев во дуел за прво место, но се извртев. За среќа, инцидентот мина без последици, со мала штета и морав да се откажам. Се надевав дека во меѓувреме ќе добиеме поддршка од партнери, но за жал сè беше толку брзо, што мојот маркетинг тим не можеше да ме следи. Се надевам ќе се прегрупираме и ќе направиме многу повеќе за следната сезона.

АМСМ КМ: Имаше и други настапи по македонски медиуми во меѓувреме, сè уште си оптимист и одиш по својот пат, се надеваш на нови успеси. Од каде ја црпиш инспирацијата за тоа, можеби и енергијата?

Бранко К: Премногу го сакам спортот, искрено, без финансиски профит и цели, за разлика од некои мои колеги кои заради финансиски профит го уништија спортот што ги направи тоа што се и таму каде што се! Но, за жал такви секогаш има, но има и вакви како мене, што ќе се бориме за спортот, без разлика колку е тешко и колку неправди ќе ни застанат на пат.

АМСМ КМ: Твоите најголеми успеси во македонските трки се во трките на ридски првенства, а во Англија возиш на кружни патеки. Дали можеби размислуваш да се вратиш на ридските патеки?

Бранко К: Мислам дека сè уште го имам рекордот на Водно, на сите времиња, во класата „југо“. Бев двократен шампион на ридски патеки 2011 и 2013 година. Секако дека би возел секаде и секогаш доколку би имал можност, но не би возел во класи каде што нема конкуренција, како што за жал тоа го прават некои возачи, непотребно трошејќи државни пари на штета на сите други возачи. Според мене тоа е неоправдано, иако при тоа носат титули како европски шампиони. Очекувам со промените во власта дека ќе се испитаат неправилностите и ќе се изречат казни за прекршителите. Тоа е единствен начин да се спаси автомобилизмот и да се остави во вистински раце.

АМСМ КМ: Џереми Кларксон неодамна откри дека популарниот лик „Стиг“ од легендарната серија „Top Gear“ го играле тројца возачи од британските туринг трки, Пери МекКарти, Бен Колинс и Фил Кин. Каква е твојата оцена за британската тркачка сцена, си возел ли против некое славно име?

Бранко К: Факт е дека тука има многу натпреварувања во различни дисциплини и оние што имаат талент и способност можат да бидат забележани. Тркачката сцена е развиена и има многу луѓе кои возат трки и се подготвуваат за нив како рекреативни спортисти. Сепак, во основа и тоа е некаков бизнис како што е водењето фитнес клуб, па на крајот од денот некој тоа може да си го дозволи, а некој не. Во „Фокус Куп“ покрај мене имаше шампиони од други британски натпреварувања, би го издвоил Скот Паркин кој има осум различни титули во различни натпреварувања, потоа Марк Проктор кој возеше во ВТСС (а беше четврти кога јас победив на „Крофт“), како и Стивен Дејли кој е петкратен победник во „БМВ куп“ и беше прогласен за најдобар британски возач минатите две сезони. И покрај таквата конкуренција имав добри резултати, некои ми ги одземаа, но поради разни проблеми ми беше нарушена конзистентноста, па очекувам дека наскоро ќе има подобри вести.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ