РАМАЗАН БАЈРАМ-ПРАЗНИК НА РАДОСТА, ВЕСЕЛАТА РАСПОЛОЖБА И СРЕЌАТА

18/04/2023

ВО ПРЕСРЕТ НА ГОЛЕМИОТ ИСЛАМСКИ ПРАЗНИК РАМАЗАН БАЈРАМ, ПРИПАДНИЦИТЕ НА МУСЛИМАНСКАТА ВЕРА (МУСЛИМАНИТЕ) СЕ ПОДГОТВУВААТ НАГОЛЕМО ЗА НЕГОВАТА ПРОСЛАВА КОЈА, СЕКАКО, СЕ ТЕМЕЛИ НА ТРАДИЦИЈАТА, ОБИЧАИТЕ, ЗАПАЗУВАЈЌИ ГИ НИВНИТЕ ВРЕДНОСТИ. ГОДИНАВА ПАЃА ВО ПЕТОК, 21 АПРИЛ. СО НЕГО СЕ ОДБЕЛЕЖУВА КРАЈОТ НА СТРОГИОТ ПОСТ ШТО ТРАЕ ДВАЕСЕТ И ДЕВЕТ ДЕНА ВО ТЕКОТ НА ДЕВЕТТИОТ МЕСЕЦ ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР, КОЈ ЗАПОЧНА НА 23 МАРТ (ЧЕТВРТОК)

 

Рамазан секогаш е на иста дата во исламскиот календар од причина што е лунарен, за разлика од јулијанскиот кој, пак, е соларен. Затоа и датумите се варијабилни. Всушност, годинава рамазан почна вечерта на 22 март (среда), по заоѓањето на сонцето кога всушност започнува и новиот ден, согласно исламскиот календар. Но, сепак, рамазан може и да варира од земја до земја, во зависност од видливоста на месечината, дали се гледа или не. Како и да било, тој е од особена важност за муслиманските верници. Постењето секако е задолжително бидејќи се смета за една од нивните пет темелни должности (столбови), трета по ред, кога се воздржуваат од јадење, пиење (па дури и вода), пушење, сексуални односи. Притоа се очекува да се придржуваат до учењето на пророкот Мухамед, вклучувајќи ги и настојувањата за подобри меѓучовечки односи.

 

„КОЈ ЌЕ ГО НАХРАНИ ОНОЈ ШТО ПОСТИ, ЌЕ БИДЕ НАГРАДЕН КАКО НЕГО“

Големо значење ѝ се придава на моралната чистота, и на делата и на мислите. Според неговото послание, постот го „расипува“ и клеветењето и лажењето и озборувањето и упатувањето некому пцости. Доколку, пак, се изеде, испие нешто поради невнимание, во заборав, тоа не го „расипува“ постот само под еден услов: да се престане штом се сети верникот дека пости. Од друга страна, доколку за време на миењето пред молитвата (намазот) се голтне макар и капка вода, немарно – постот се „расипува“ автоматски. Така, исламот ја прави разликата меѓу невнимателноста и немарноста. Но, кога е муслиманската вера во прашање, делата се сметаат за добри само ако се извршуваат во името на Алах, оттаму и потребата за предзори да се одлучи дека ќе се пости – секако, за да се исполнат очекувањата на Бога. Постот всушност е вежба по издржливост, со силата на својата волја, вера…, изразена меѓу другото и во солидарноста со тие што се гладни, жедни поради немаштија, но не и по своја желба. Тој секако е и во служба на здравјето. Се прекинува со заоѓањето на сонцето.

Вечерата, оброкот се нарекува ифтар. Неговото организирање, послужување на роднините, пријателите се смета за добро, хумано дело. Посланието на пророкот Мухамед вели: кој ќе го нахрани оној што пости, ќе биде награден како него. Во текот на рамазанскиот пост, акцентот секако е на духовната хигиена – избегнување на лоши мисли, дела и зборови, што значи дека тој не е само воздржување на верниците од јадење, пиење…, туку и обид за облагородување на карактерот на поединецот, неговите особини дополнително, со миротворство, сочувство, трпеливост… Постот се доведува до крај со завршувањето на рамазан, деветтиот месец од исламскиот календар. Празникот се нарекува Рамазан Бајрам. Вообичаено се слави три дена (првиот, вториот и третиот ден од шевал – десеттиот месец од исламскиот календар).

 

СОФРА ПОЛНА СО ОМИЛЕНИТЕ ЈАДЕЊА НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО И НЕЗАОБИКОЛНО, БАКЛАВАТА

Неколку дена претходно се чистат домовите темелно, во согласност со основните принципи на исламот – чистотата е половина вера. Утрото на Рамазан Бајрам, обичај е целото семејство да стане рано, да се подготви за во џамија. Пред тргнување на молитва се каснува нешто, урми на пример, како пророкот Мухамед кој имал обичај да изеде непарен број. Често се пие кафе со колачи. Веднаш по капењето, намирисувањето, се облекува најубавата облека, свечена. Жените членови на семејството им помагаат на мажите во дотерувањето за намазот на кој присуствуваат само тие. Во Македонија е така, иако посланието наложувало буквално сите да одат во џамија, па дури и девојките, жените во менструалниот циклус. Но, времињата се менуваат, исто како и погледите, учењата… Традицијата не е поинаква и во соседните земји, па и пошироко. Обичајно правило е на намаз да се оди по еден пат, а да се враќа по друг. Задолжително се посетуваат и гробиштата, вечните почивалишта на блиските роднини. А, согласно можностите се приготвува и свечен ручек: на трпезата обично се омилените јадења на членовите на семејството и незаобиколно, баклавата. Се канат и далечните роднини, не само блиските, и пријателите и познаниците. Никој не си оди ненајаден. Така се зацврстува и роднинството и пријателството, а познанствата се продлабочуваат.

Трите дена се исполнети со радост. Веселата расположба, среќата зрачи од лицата на верниците. Со песна, забава во рамките на чесноста и секако, шеријатот заснован на Куранот. Давањето благослов, исто така, е обичај како и дарувањето. Имено, тие се дел од исламските правила, прописи  богоугодни.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.