Промоција-Ристо Вуков-РИКО ОДИ НА СВЕТСКО СО НОВ ТИМ!

29/03/2023

ОФИЦИЈАЛНОТО ТЕСТИРАЊЕ ЗА НОВАТА СЕЗОНА ЌЕ ЗАПОЧНЕ СО ПРЕТСЕЗОНСКИ СОБИР НА ПАТЕКАТА ИМОЛА, БЛИЗУ БОЛОЊА. ТАМУ НА 4 И 5 АПРИЛ ВОЗАЧИТЕ ЌЕ ТЕСТИРААТ СО НОВИТЕ ТИМОВИ, А „OMBRA RACING“ ЌЕ БИДЕ ПРИСУТНА СО ТРОЈЦА ВОЗАЧИ. ПРВАТА ТРКА ВО НОВАТА СЕЗОНА Е НА ИСТАТА ПАТЕКА, КОГА ЌЕ СЕ ВОЗИ ГРАН ПРИ ВИКЕНДОТ ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ЕМИЛИЈА РОМАЊА, НА 20 И 21 МАЈ

 

Македонскиот возач Ристо Вуков уште кон крајот на минатата сезона ги најави своите планови за продолжување на кариерата во повисоката категорија на ГТ трки, која е насловена како Порше Суперкуп, и воедно е највисока куп-категорија од првенствата кои се организираат. Вуков минативе три сезони беше дел од „GDL Racing“, а од оваа година се префрлува во „Ombra Racing“. Со овој потег тој ги отвори вратите за големите надежи, бидејќи токму со овој тим минатата година Џанмарко Кварезмини ја освои шампионската титула во Порше Карера Куп Италија, односно италијанското издание на овие куп-трки, кое беше едно од најбројните со преку 30 возачи.

Токму Карезмини сега ќе биде негов ривал и обајцата заедно ќе настапуваат во светската едиција, која се вози како пред-трка на спектаклот наречен гран при викенд на Формула 1. Италијанскиот тим издаде официјално соопштение за соработката, наведувајќи дека Вуков може да биде горд на постигнатото за овие три години и дека неговата кариера ќе кулминира, откако покажал голема посветеност и добар потенцијал. – Му посакуваме „добредојде“ на Ристо со голем ентузијазам. Тој е возач што покажа добар потенцијал во Карера Куп и сигурен сум дека со поддршката и искуството на „Омбра“, ќе биде во можност да се изгради уште повеќе. Веќе имавме шанса да ја почувствуваме величествената страст со која тој е следен во неговата земја, а инволвирањето на една ваква земја во развој од Европа е голем плус за поддршката на овој Суперкуп проект, вели Давид Мацолени, тимски менаџер на италијанската екипа. Од своја страна Вуков е убеден дека го очекуваат подобри денови, иако оди во друштво на многу докажани победници, бидејќи само од италијанската серија таму ќе има уште неколку возачи кои победувале на трки во ова натпреварување (Симоне Јакинта, Џанмарко Кварезмини, Џорџо Амати), а дополнително потврден е и Хорхе Лоренцо, поранешниот мотоциклистички ас, кому ова ќе му биде втора сезона во Порше Суперкуп.

Во меѓусезоната имав една тест сесија во која го видов потенцијалот на новиот тим, по што успеав да направам и евалуација на тоа колку подобар автомобил за возење ќе имам подготвен од нивна страна. Потоа, во Македонија успеав да направам промоција на возилото, како за покровителите, така и за навивачите кои дојдоа да го видат, чујат и почувствуваат ова возило кое е едно од најпрестижните во светски рамки. Дополнително, направивме и мало шоу со возење по скопските сообраќајници, но се надевам дека во некоја следна можност ќе имаме и патека каде што ќе можеме да организираме вакви настани. Од моја страна, убеден сум дека ќе имам многу подобри услови од лани, но во исто време сум сигурен дека ако минатата година зборувавме за тоа колку е големa изедначеноста и дека има по десетина возачи во иста секунда, оваа година ќе видиме ситуации кога повеќе возачи ќе бидат во иста десеттинка. Тоа се куп трките, тоа е главната карактеристика на ваквите натпреварувања со идентични автомобили. Од малечок сонував за Формула 1, а сега ќе бидам на само чекор до пилотите од светското првенство и тоа ќе биде уште поголем поттик за мене да го дадам својот максиум,- изјави популарниот „Рико“ за „АМСМ Клуб Мобилити“. Официјалното тестирање за новата сезона ќе започне со претсезонски собир на патеката Имола, близу Болоња. Таму на 4 и 5 април возачите ќе тестираат со новите тимови, а „Ombra Racing“ ќе биде присутна со тројца возачи. Првата трка во новата сезона е на истата патека, кога ќе се вози гран при викендот за Големата награда на Емилија Ромања, на 20 и 21 мај.

За разлика од Карера Куп, каде што се возеа две трки, а во втората стартните позиции зависеа од пласманот на првата, сега ќе имаме само една трка. Пласманот од квалификациите ќе биде единствениот валиден за креирање на стартната листа и мислам дека на тој начин ќе нема калкулации и ќе можам смирено да се сконцентрирам на својата работа. Посакувам да имам достоинствен настап и со гордост да го развеам македонското знаме во првата можност, – заврши Вуков. Во 2023 година календарот ќе брои 8 трки, од кои само Имола и Монца се познати за Вуков, додека другите шест, вклучувајќи ја и трката низ улиците на Монте Карло, ќе бидат предизвик што македонскиот возач ќе треба да го совлада.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ