ПРОМЕНЛИВО ВРЕМЕ И НИСКИ ТЕМПЕРАТУРИ

26/03/2020

ДО ВЧЕРА СОНЦЕ СО ТЕМПЕРАТУРИ И ДО +20 С СТЕПЕНИ, А ПОТОА ТРИ ДЕНА СНЕГ КОЈ НА МЕСТА БРЗО СЕ ТОПИ, НО НА НЕКОИ МЕСТА МРАЗ ФАЌАШЕ И ЦАРУВАШЕ И ВОЕДНО ОПОМЕНУВАШЕ ДА ВОЗИМЕ ВНИМАТЕЛНО. 

 

Последните денови од зимата и почетокот од пролетта понекогаш со себе носат многу променливо време, како што се овие денови  на крајот од месец март. Најнапред суви периоди со топли и сончеви денови со температури од над +15, свежи ноќи и студени утра, а потоа денови како да сме среде зима, со снегови. Токму во овој период од годината патиштата се полни со предизвици од типот на: мраз, снег, донесен материјал од топењето на снегот. Тој материјал најчесто е земја, песок, ситни камчиња и најразновиден дрвенест материјал. Сето ова помешано со вода дава смеса која негативно влијае на пневматиците од автомобилите, затоа што пневматикот го губи контактот со подлогата, асфалтот. Некаде на патот ќе наидете на штотуку опишаниот материјал, а некаде на мраз или пак одрони. Планинските патишта се најнепредвидливите во студениот период од годината и во овој променливиов, кога има премин од зима во пролет.

Влажниот асфалт од топењето на снегот може многу брзо да се претвори во мраз. Водата со себе носи ситен материјал кој дополнително ја усложнува ситуацијата, како што претходно напомнавме, но откако „комбинацијата“ ќе мине во мраз, тогаш станува најтешко за возачите. Влажниот асфалт не ви претставува некој поголем проблем, но откако сте го совладале свиокот наидувате на предел каде струењето на воздухот е големо и таму влагата се претвора во мраз. Лизгава површина како створена за танцот на патките или како сакате именувајте ја. Наидување со поголема брзина на замрзнат асфалт најчесто завршува со губење на контрола над возилото, а тоа не сме да ви се случи.

Штом надвор температурите се околу нулата морате да бидете максимално сконцентрирани на возењето, а брзината да ја прилагодите според условите на патот. Со други зборови, спорото и внимателно возење ќе ви помогне да стасате таму каде треба да стасате.

И патот  да е сув, не брзајте, затоа што откако ќе заобиколите некој рид токму зад него може видливоста да биде многу намалена поради ниска магла или орографски (планински) облаци. Брзото возење нема да ви помогне во било која прилика или неприлика да се најдете. Ако вашиот автомобил има повеќе коњски сили и уште стотина над нив, тоа не значи дека може да го прелета мразот на патот, ситниот нанесен материјал или намалената видливост поради облак или магла. Нема автомобил кој е имун на овие состојби на патот, независно дали сте го купиле 7.000, 107.000 или повеќе стотици илјади евра.

Безбедното возење е крајно едноставно и сè што треба да направите е да возите поспоро, да сте максимално внимателни, а со тоа и подготвени во секој момент да реагирате соодветно во дадена ситуација. Сите вие што возите сте имале прилика да се „запознаете“ со претходно опишаните состојби на патот, но наше е да ве потсетиме, а секојдневно има новопечени возачи на кои понекогаш им е потребен мал совет за да бидат врвни возачи.

Среќен пат дами и господа и пред да седнете да возите, проверете го притисокот во вашите пневматици, проверете го нивото на течноста за миење на ветробранското стакло, нивото на течноста во системот за сопирање и нивото на моторното масло. И уште нешто за крај, убаво исчистените ветробрански стакла се гаранција за добра видливост во секакви услови и воедно гаранција за безбедно возење. Воопшто не ги спомнавме зимските пневматици, но нивната употреба се подразбира, не треба посебно да ве потсетуваме.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.