Проект „Ф1 во училиштата“-ВТОРА ШАНСА И МЕДАЛ

29/12/2023

МИНАТАТА ГОДИНА ЗА ПРВПАТ СРЕДНОШКОЛЦИ ОД „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ ВО СКОПЈЕ УЧЕСТВУВАА НА ФИНАЛЕТО ОД ПРОЕКТОТ „Ф1 ВО УЧИЛИШТАТА“ ОДРЖАН ЗА ВРЕМЕ НА БРИТАНСКОТО ГРАН ПРИ НА СИЛВЕРСТОУН, А ГОДИНАВА ПОВТОРНО СТИГНАА ДО ФИНАЛЕТО …

 

Обединети под името „Aerth Racing“, македонските учесници во проектот „Ф1 во училиштата“ успеаја да го прокнижат и вториот настап во финалето на оваа манифестација што се одржува веќе 20 години, при што и да добијат една од споредните награди.

Оваа година, нашиот тим преживеа несекојдневни предизвици, што не само што ни помогнаа да се развиваме како тим, туку и како индивидуи. Нашата екипа не застана во обидите да го подобри својот вкупен резултат, иако имавме неколку предизвици што нè спречуваа да го постигнеме тоа. Иако не завршивме на прво место, избрани сме во „топ 3“ од категоријата Иновации, што е огромно постигнување за нас и нашата иновативна работа,  ни раскажа Марио Блажевски, кој имаше задача да биде „тим – менаџер“.

Согласно пропозициите, тимот бил претставен од петмина ученици, иако во поддршка дале повеќе заинтересирани ученици.

Цртањето на болидот беше задача на Мирослав Мишоски. Болидот беше само модел. Симулациите и анализите ги направивме јас и Миро со помош на најразлични софтвери. Делот од тимот што го претставуваа Теона Вангеловска, Дарко Трајанов и Бојан Ефтимоски ги покриваше другите сегменти на овој проект, кои повеќе беа насочени кон бизнис концептот и маркетинг стратегијата, додава Блажевски.

Ако првата година била за осознавање и вистинско учење, втората година за македонските средношколци била момент на потврда и унапредување. Најголемиот предизвик беше редизајнот по пронаоѓање на проблем бидејќи доста од елементите се взаемно зависни. Втората година беше како враќање на старото и натамошно усовршување на новиот проект. Финалето беше презентација на сработеното и се одвиваше во Сингапур, под крилото на „Големата награда на Сингапур“ која беше дел од Светското првенство на Формула 1. Натпреварувањето не само што ги изложи нашите умешности и проекти на голема сцена, туку ни даде можност да се инспирираме од најдобрите во светот на инженерството и технологијата.

Недвосмислената најава дека ќе има и нови продолженија на оваа приказна, се темели и на фактот дека согледано е како овој проект влијае на проширување на хоризонтите, за кои учениците сè уште, досега, не биле свесни.

Иако нашиот вкупен резултат можеше да биде подобар, бидејќи ги увидовме слабостите, ние како тим го земавме тоа како предизвик за уште подобро во иднина. Нашата номинација во категоријата за Иновации беше како признание на нашите усилени напори да бидеме пионери во областа на STEM (Наука, Технологија, Инженерство и Математика). Иновациите што ги претставивме во нашиот проект се само почетокот на нашата визија за иднината. Ова натпреварување не е само за трки и инженери, туку и за младите умови кои го следат својот пат во областа на STEM. Во свет полн со брзи технолошки промени, „F1 in Schools“ не само што ги подготвува младите умови за предизвиците на иднината, туку и ги поттикнува да бидат креативни, иновативни и решавачки. Од Сингапур, со љубов и амбиција, оставаме отчет за иднината на STEM и за сите кои ќе учествуваат понатаму, – укажуваат од „Аerth Racing“. „Адреналинската“ возбуда која ја почувствувале покрај тркачката патека била надополнета и со неколку други искуства кои не биле „на дневниот ред“, па така екипата при посетата на „падокот“ во кој циркулираат сите учесници од Ф1 шампионатот успеала да се сретне и со поранешниот тимски шеф на Ферари, Стефано Доменикали, но и да посети неколку гаражи од екипите учеснички.

Среќавањето со Стефано Доменикали беше неповторлив момент, каде што го доживеав како извонреден водач на Формула 1, кој со својата стручност и страст кон моторспортот веднаш остава впечаток. При посетата на гаражите, почувствував дека се претопив во атмосферата на супериорна иновација и тимска координација. Како ученик со огромен интерес кон моторспортот, бев во можност да ги анализирам процесите и технологиите што ги користат тимовите, што ми овозможи да го разберам комплексниот инженерскиот свет во Формула 1. Ги следев механичарите и инженерите како работеа со прецизност, детално планирање на секој чекор, а таквата интеракцијата со тимовите ми овозможи да ги задавам прашањата и да учам од нивните искуства,- вели Блажевски кој заедно со останатите учесници имал шанса да биде примен во гаражите на екипи како Астон Мартин, Алпин и Мерцедес.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.