Превозни средства-Од сè по нешто

14/01/2021

АВТОМОБИЛ, МОТОЦИКЛ, ПЛОВИЛО, ПРЕКРАСНА ГЛЕТКА. А КАДЕ Е ЛЕТАЛОТО, ГО ЗАБОРАВИВТЕ ВО НЕКОЈ ХАНГАР ИЛИ ВООПШТО НЕ ПОСТОИ? ЗА ДА БИДЕ ГЛЕТКАТА ЦЕЛОСНА И ВО НЕГО ДА ИМА СÈ ПОКРАЈ ТРИТЕ НЕШТА, МОРА И ЧЕТВРТОТО ДА БИДЕ ПРИСУТНО. ПРОЧИТАЈТЕ ЗОШТО Е ТАКА.

Ламборџини автомобил, се разбира, купе, модел „хуракан“ или „авентадор“, може и едното и другото, потоа мотоцикл изработен од производителот Дукати и посветен на Ламборџини и кругот се затвора со мини јахта направена во соработка и заеднички сили со компанијата „Италијанска Поморска Група“. Сепак, нешто недостасува во целиот овој круг од производи со заштитниот знак на Ламборџини. Ќе одиме од почеток. Најнапред тука се надалеку познатите купе автомобили со „сликичка“ на разлутен бик. Изборот е ваш, дали ќе биде „хуракан“ или „авентадор“ е исто, важно е дека на „носот“ има залепено бик. Од недамна има и „сув“ во семејството, „урус“, може и тој да биде во игра или сите заедно. Нема да ситничариме и да нагаѓаме и запнуваме кое купе да се купи или некоја од нивните изведби. Купете го тоа што ви се допаѓа.

Возите купе од марката Ламборџини, но за летните месеци ви е потребно нешто за брзо приспособување на високите температури, а тоа нешто е на две тркала во тандем, односно мотоцикл. Да се разбереме, тука нема мотоцикл по желба, туку мотоцикл од марката Дукати строго од изведбата со бикот (диавел), друга изведба не доаѓа предвид. Ламборџини го купи Дукати пред осум години и дури сега направија нешто заедничко. Нема да ви се верува ако ви кажеме дека нивните работилници се речиси една до друга, први соседи, но зошто чекаа осум години за да направат нешто со здружени сили, сè уште не е познато. Направија заеднички производ врз основа на моделот „диавел“, за кој во рубриката новости напишавме малку повеќе за него, така што нема повторно да го опишуваме. Целта им била мотоциклот да потсетува на некој од моделите и размислувајќи на таа тема бил прифатен предлогот реткиот „сион“ да биде вмешан во благородната мисија. Исто како „сион“, така и „дукати диавел“ ќе биде изработен во ограничен број примероци, односно во 630. На него, покрај „бикот“, од двете страни ја има бројката „63“. Зошто токму таа бројка, а не некоја друга? Затоа што првиот автомобил со името Ламборџини бил направен во 1963 година, да потсетува на почетоците. Мотоциклот „дукати а ла ламборџини“ чини скромни 30.000 долари во однос на 230.000 евра за основниот „хуракан“. Беше споменато летото и мотоциклот е како создаден за тоа годишно време, но ако човек сака и да се прошета по морската шир и да посети други места, острови, идилични рибарски села. На остров не се оди со купе или со мотоцикл, потребно е пловило. Летоска Ламборџини се пофали со сопствена јахта направена од „Ламборџини Центро Стиле“ и „Италијанската Поморска Група“.

Пловилото е правено да потсетува на автомобилите создадени од Феручо Ламборџини, најновото хипер купе со хибриден погон „сиан фкп 37“, но наедно да потсетува и на легендарните „каунтач“ и „мјура“. Текномар е името на пловилото што е земено како основа за развој на ламборџиниевата јахта и затоа името на јахтата е „ламборџини текномар фор ламборџини ‘63“. Ете има и јахта долга точно 19,2 метри и тешка 24 тони, придвижувана од два V12 мотора направени од МАН, секој со по 2.000 КС. Кога двете погонски единици работат истовремено, јахтата плови со брзина од фантастични 110 км/ч, односно точно 111 км/ч. За префинетата внатрешност воопшто да не зборуваме, а висококвалитетните материјали си го нашле местото во кабината и насекаде низ повилото. Тоа задоволство чини „само“ 3.000.000 долари. Мотоцикл 30.000 долари за 159 КС при 9.000 врт/мин. и уште 230.000 евра за едно „ламбо“ купе. Убава збирка од играчки за возрасни, зар не!? Сега ни недостасува уште нешто, но сè уште не знаеме што тоа. Автомобил, мотоцикл и пловило. Сето тоа звучи многу убаво, но уште едно недостасува за да биде затворен кругот. Дали човек треба да биде малку и како птица? Треба ли да се заокружи уживањето со уште една играчка? Треба, летало со знак на бик. „Чизмата“ има и фабрика за авиони, Текнам. Таа е една од водечките во светот за производство на мали авиони, а соработува и со големите, како што е, на пример, Боинг. Нарачката може да биде нешто како во духот на јахтата, но може да биде и како мотоциклот. Нешто мало, двосед, брз и лут. Зошто не? Ако сопственикот на автомобилот, мотоциклот и јахтата сака да појадува во некоја подалечна дестинација, нема да го пали „хураканот“ или „дукатито“. Со авионче нештата ќе изгледаат многу поинаку, додека сте трепнале и се воодушевувате од пејзажите набљудувани од птичја перспектива, леталото веќе се одмора во некој хангар н, а сопственикот ги пробува школките натопени во вкусниот сос.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.